#ШтоИмаЗаЈадење

Изборот на храна што го прават децата зависи од средината што ги опкружува. Време е за построги правила околу тоа каква храна смее да се продава и да се рекламира во училиштата.

Кога децата избираат што да јадат, тоа не го прават во вакуум, туку под секојдневното влијание на храната што им е достапна, што можат да си ја дозволат и што се рекламира во нивната средина.

#ШтоИмаЗаЈадење е кампања што ја создадовме заедно со децата за да повикаме на поздрава средина и построги правила за маркетинг и продажба на ултра-преработена храна и засладени пијалаци во училиштата.

Целта на кампањата е да го поддржиме гласот на децата и да истакнеме една едноставна вистина: тешко е да се направи здрав избор кога доминираат нездрави опции.

Пет тима, пет активности

Зошто е важно каква храна се нуди и промовира во и околу училиштата

Што треба да се промени

Преземете акција

Пет тима, пет активности

Тимови од пет училишта во Велес, Куманово, Штип и Скопје спроведоа различни активности за да поттикнат дискусија меѓу своите врсници, училиштата, општините, родителите и носителите на одлуки за тоа како заеднички да создадеме поздрава средина во и околу училиштата.

Од преземање рекламни простори и спроведување социјални експерименти до организирање работилници на кои нивните врсници учеа како рекламирањето нездрава храна и засладени пијалаци влијае врз нивниот избор – тимовите ги претворија своите идеи во повик за промени!

Зошто е важно каква храна се нуди и промовира во и околу училиштата

Во Северна Македонија, приближно секое трето дете на возраст од 7 до 9 години живее со прекумерна тежина или дебелина.

Овој проблем често се претставува како прашање на лични навики или недоволна физичка активност. Но, повеќе од 90 отсто од децата се физички активни најмалку еден час дневно.

Истовремено, над 70% од децата на возраст од 6 до 9 години јадат овошје и зеленчук помалку од еднаш дневно, а секое трето дете пие засладен пијалак секој ден. 

Проблемот е посложен од индивидуалното однесување на децата. Вистинскиот проблем е во средината.

Кога засладените пијалаци, грицките со висока содржина на масти, шеќер и сол и ултрапреработената храна се поевтини, подостапни и повидливи од овошјето, зеленчукот и свежо подготвената храна, нездравите производи стануваат најлесниот и најчестиот избор.

Постер со податок дека секое трето дете се соочува со дебелина или зголемена телесна тежина
UNICEF North Macedonia / 2026
Изборот не е фер
UNICEF North Macedonia / 2026

Нездравата храна е насекаде. Дури и во и околу училиштата

УНИЦЕФ, со поддршка од Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје,  неодамна направи анализа на нутритивната средина во и околу училиштата:

👉 Во училиштата каде што се продава храна во продавница или преку автомати (20%), достапни се само нездрави опции.

👉 Речиси сите училишта (98%) им дозволуваат на учениците да купуваат храна од околните продавници за време на големиот одмор, каде што ултра-преработена храна богати со масти, шеќер и сол и засладените пијалаци се широко достапни и агресивно се рекламираат.

👉 Во училиштата што нудат оброци (35%), солените или слатките грицки се норма.

Проблемот не е во децата или нивната волја. Проблемот е во околината што ги опкружува.

Што треба да се промени?

Да создадеме средина во училиштата што ги штити децата и им овозможува здрав избор. Време е за построги правила околу тоа каква храна смее да се продава и да се рекламира во училиштата.

Иако за децата секогаш е добредојдена поголема физичка активност, тоа не е доволно. Еден од најефикасните начини за подобрување на исхраната кај децата е да се создаде поздрава нутритивна средина, и ова е од суштинско значење за нивниот раст, развој и напредок:

📌 да се овозможат поздрави опции што нема да бидат исклучок, туку стандарден избор на децата;

📌 да се воведат построги правила за продажба на газирани и засладени пијалаци и ултра-процесирана храна во училиштата; и

📌 да се ограничи изложеноста на децата на реклами за нездрава храна и пијалаци, особено во и околу училиштата.

За да ги заштитиме децата од нездрава храна, не треба да им го ограничиме изборот, туку да создадеме услови каде што здравиот избор е најлесниот и најнормалниот избор. 

Како можете да придонесете?

Училишта

🍎 Обезбедете пристап до поздрава храна: Овозможете им на учениците пристап до свежо овошје, зеленчук и бесплатна вода за пиење во текот на целиот училиштен ден. Поттикнете ги продавачите на храна да нудат поздрави производи по пристапни цени.

👀 Направете поздравиот избор да биде полесен: Поставете ги овошјето, водата и другите хранливи производи на највидливите и најдостапните места во училишните кантини, вендинг-машините и другите продажни места.

↘️ Намалете ја достапноста на ултра- преработена храна: Ограничете ја продажбата и промоцијата на засладени пијалаци, солени и слатки грицки и други ултрапреработени производи во училиштата, а истовремено зголемете ја понудата на поздрави алтернативи.

🙋‍♀️ Вклучете ги родителите и советите на родители: Разговарајте со родителите за тоа како да се подобри средината за исхрана во училиштето и како да се поттикнат здрави навики во исхраната, и на училиште и дома. Советите на родители можат да помогнат во застапувањето и спроведувањето позитивни промени.

👂 Прашајте ги учениците што би функционирало најдобро: Вклучете ги учениците во одлучувањето кои поздрави производи да се понудат во училиштето и како тие да станат попривлечни за нив.

📣 Создадете училишна средина без рекламири за нездрава храна: Ограничете ги рекламирањето, спонзорствата и промоцијата на храна и пијалаци со висока содржина на шеќер, сол и нездрави масти во училиштата, како и за време на училишните настани и активности.

🏫 Градете култура на здрава исхрана: Вклучете пораки за здрава исхрана во училишните активности, проекти и настани. Поттикнувајте разговори за исхраната, благосостојбата и создавањето поздрава училишна средина.

🎯 Поддржете ги иницијативите на учениците: Поттикнете ги учениците да се вклучат во кампањата #ШтоИмаЗаЈадење и предизвиците на социјалните мрежи, да ги препознаат проблемите поврзани со исхраната во нивното училиште и да предложат решенија што ќе придонесат за позитивни промени за нив и нивните врсници.

🤝 Бидете пример за учениците: Наставниците, училишниот персонал и раководството можат да поттикнат здрави навики преку сопствениот пример и со поддршка на иницијативи што им помагаат на учениците да научат повеќе за здравиот начин на живот и да усвојат поздрави навики.

📌 Поставете ги постерите од кампањата: Преземете ги и испечатете ги постерите од кампањата и поставете ги во училиштето за да поттикнете разговори меѓу учениците и нивните семејства.

🏫 Ставете ја здравата исхрана на дневен ред: Побарајте од Советот на родители да разгледа каква храна и пијалаци се продаваат, нудат и рекламираат во училиштето. Советот може да предложи промени што Училишниот одбор ќе ги разгледа и одобри за спроведување.

🍎 Залагајте се за поголема достапност на здрава храна: Побарајте секој ден во училиштето да бидат достапни свежо овошје, зеленчук и бесплатна вода за пиење, а здравата храна да се нуди по пристапни цени.

👀 Направете поздравите производи да бидат повидливи: Побарајте од училиштата и училишните кантини да ги постават овошјето, водата и другите хранливи производи на највидливите и најдостапните места, во висина на очите на учениците.

↘️ Намалете ја достапноста на ултра-преработена храна во училиштата: Побарајте од училиштата да ја намалат понудата и видливоста на засладени пијалаци, солени и слатки грицки и други ултра-преработени производи, а истовремено да обезбедат поголем избор на поздрави производи.

📣 Ограничете го рекламирањето нездрава храна: Побарајте од училиштата да не дозволуваат рекламирање, спонзорства и промоција на храна и пијалаци со висока содржина на шеќер, сол и нездрави масти во училишните простории и за време на училишните настани.

✅ Следете го напредокот: Договорете конкретни промени со училиштето, утврдете рокови за нивно спроведување и редовно проверувајте дали поздравите производи станале подостапни, повидливи и попристапни по цена.

📣 Кренете го својот глас: Поддржете ја кампањата и помогнете нејзините пораки да допрат до повеќе луѓе. Споделувајте ги пораките, разговарајте со други родители и вклучете ја заедницата во заложбите за поздрава средина за исхрана на децата.

🍽️ Правете поздрави избори заедно: Секогаш кога е можно, избирајте поздрава храна и пијалаци дома и вклучете ги децата во планирањето и подготовката на оброците. Малите, секојдневни избори можат да помогнат целото семејство да изгради поздрави навики. Погледнете ги овие корисни совети за здрава исхрана за семејствата!

📜 Зајакнете ги политиките и стандардите: Поддржете го донесувањето и спроведувањето политики што придонесуваат за поздрава средина за исхрана во и околу училиштата, вклучително и мерки за ограничување на продажбата и рекламирањето ултрапреработена храна и засладени пијалаци.

🏫 Инвестирајте во поздрава училишна средина: Соработувајте со училиштата за да обезбедите пристап до безбедна вода за пиење, поздрави оброци и услови што го поддржуваат здравјето и благосостојбата на децата. Ако вашата општина обезбедува училишни униформи или училишен прибор, размислете да обезбедите и кутии или термо чанти за храна, со што ќе им олесните на децата да носат здрави ужини и оброци од дома.

🚫 Ограничете го рекламирањето нездрава храна: Воведете и спроведувајте мерки за намалување на изложеноста на децата на реклами, спонзорства и промоции на храна и пијалаци со висока содржина на шеќер, сол и нездрави масти во училиштата и на јавните места каде што престојуваат децата.

🛒 Создадете поздрава средина за исхрана околу училиштата: Поттикнете и поддржете ја понудата на поздрава храна во продавниците, киосците и другите продажни места во близина на училиштата, за хранливите производи да им бидат подостапни на децата.

🤝 Поддржете ги училишните и локалните иницијативи: Соработувајте со училиштата, родителите, учениците, здравствените работници и локалната заедница за да ги препознаете предизвиците и заеднички да спроведете решенија што ќе придонесат за поздрава средина за исхрана на децата.

🏆 Поддржете ги училиштата што предводат позитивни промени: Препознајте ги и поддржете ги училиштата што се подготвени први да воведат построги правила за исхраната во училиштата. Следете ги и документирајте ги резултатите и споделувајте ги успешните практики со другите училишта.

🤳 Приклучете се на предизвикот: Покажете каква храна и пијалаци се продаваат во и околу вашето училиште и вклучете се во кампањата #ШтоИмаЗаЈадење.

🥪 Избирајте поздрава храна: Кога сте во можност, носете хранливи ужини и оброци од дома и поттикнете ги вашите другари да пробаат поздрави алтернативи.

🍎 Споделувајте идеи за здрава исхрана со врсниците: Разменувајте едноставни и достапни рецепти и идеи за вкусни, хранливи ужини што лесно се подготвуваат.

📚 Застапувајте се за поздрава средина за исхрана: Искористете ги материјалите од кампањата за да поттикнете дискусија и да им помогнете на соучениците да разберат зошто е важно да имаме поздрава средина за исхрана.

🏫 Кажете го вашето мислење и вклучете се: Разговарајте со раководството на училиштето, ученичкиот парламент или општината. Споделете ги вашите идеи за поздрава храна и предложете промени што би ја подобриле средината за исхрана во и околу училиштето.

🎯 Бидете иницијатори на промени: Заедно со соучениците истражете кои се предизвиците поврзани со исхраната во вашето училиште и предложете решенија што ќе ги претставите пред училишното раководство.

📢 Проширете ја пораката: Споделувајте ги содржините од кампањата на социјалните мрежи. Поттикнете ги другарите, соучениците и членовите на семејството да се вклучат во разговорот за поздрава средина за исхрана во училиштата.

💡 Покажете дека промените се можни: Организирајте ден на здрави ужини, размена на рецепти, дегустација на здрава храна или друга ученичка активност што ќе покаже дека здравата исхрана може да биде вкусна, забавна и достапна за сите.