Освежи ја рекламата. Освежи го изборот.
Ученици од Штип им даваат нов изглед на рекламите за храна и засладени пијалаци и ги повикуваат врсниците да размислат како пораките со кои се опкружени влијаат врз нивниот избор
- English
- Македонски
Колку од она што го јадат децата навистина е нивен избор?
Децата растат опкружени со реклами за храна и пијалаци: на телефоните, во продавниците, на билбордите, како и во училиштата и околу нив. Кога високо-преработената храна и засладените пијалаци постојано се рекламираат и се присутни насекаде, тие лесно стануваат познат и очигледен избор.
Но, што ако рекламите за нездрава храна ги искористиме за да промовираме здрави опции?
Група ученици од ООУ „Ванчо Прке“ од Штип одлучија оваа идеја да ја претворат во предизвик на социјалните мрежи.
Учениците побараа реклами за високо преработена храна и засладени пијалаци во и околу училиштето и одлучија да ги „освежат“. Со помош на свежо овошје и зеленчук ги покрија производите на рекламите и покажаа како истите рекламни простори можат да пренесуваат поинаква порака. Потоа ги фотографираа и ги споделија на социјалните мрежи, повикувајќи ги и своите пријатели да се приклучат.
Преку овој предизвик, децата и младите се поттикнуваат критички да размислуваат за рекламите и пораките што ги опкружуваат и да замислат поинаква средина во која здравите избори се повидливи и подостапни.
Сега сте вие на ред!
🍎 Пронајдете: Побарајте реклама за високо-преработена храна или засладени пијалаци во и околу училиштето. Може да биде и полица во блиската продавница полна со вакви производи.
🥕 Освежете: Земете овошје или зеленчук, покријте го рекламираниот производ и покажете како би можела да изгледа рекламата поинаку. Или едноставно покажете го вашиот здрав избор!
📸 Фотографирајте: Направете фотографија од вашата „освежена“ реклама или здрав избор.
📲 Споделете: Објавете ја фотографијата на социјалните мрежи со хаштагот #ОсвежиГоИзборот и повикајте пријател или пријателка да го прифати предизвикот.
Ајде заедно да го промениме она што децата го гледаат околу себе и да создадеме поздрава средина во и околу училиштата – средина што го штити здравјето на децата и им овозможува полесно да избираат здрава храна.