Од податоци до пораки и акција за поздрава средина во и околу училиштата

Податоците откриваат многу за храната што им е достапна на учениците. Но, како да ги направиме овие информации разбирливи и важни за самите нив?

УНИЦЕФ
Group of adolescents holding posters with data and messages on food environments in their school
UNICEF North Macedonia / 2026
28 Октомври 2026

Тимот од средното училиште „Сами Фрашери“ во Куманово ги искористи наодите од проценката на нутритивната средина во училиштата за да создаде пораки со кои ќе ги поттикне своите врсници да размислуваат и да разговараат на оваа тема.

Наодите даваат јасна слика. Само 35 проценти од училиштата нудат оброци, додека 20 проценти продаваат храна и пијалаци во своите простории – при што секаде се достапни само нездравите опции. Речиси сите училишта им дозволуваат на учениците во текот на школскиот ден да си купуваат храна од околните продавници, каде што нездравата храна е повторно лесно достапна. 

Резултатот е нутритивна средина каде што здравите опции се ограничени, а ултра-преработената храна и засладените пијалаци лесно се наоѓаат, нападно се рекламираат и тешко се игнорираат.

Учениците ги преточија овие податоци во низа постери и објави за социјалните мрежи, со пораки блиски и разбирливи за нивните врсници. Насловот на постерот – „100% пропуст“, игра со зборови што треба да алудира на „100% попуст“ – ги поттикнува учениците да размислат за тоа како со помош на промоции, попусти и впечатлив маркетинг, ултра-преработената храна изгледа привлечно, достапно и нормално, додека во реалноста ѝ недостига токму она што им е потребно на нивните тела за да учат, да растат и да се чувствуваат добро.

Претворајќи ги доказите во смели, препознатливи пораки, учениците ги направија податоците поразбирливи и повидливи, со цел да биде потешко тие да се занемарат, а полесно да се почне овој разговор на места каде што децата секојдневно носат одлуки за својата исхрана. 

Group of adolescents looking at posters with messages and data on food environments in schools
UNICEF North Macedonia / 2026
Group of adolescents looking at posters with data and messages on food environments in their school
UNICEF North Macedonia / 2026
Group of adolescents looking at a laptop and working on posters with data and messages on food environments in their school
UNICEF North Macedonia / 2026
An adolescent girl placing a poster with messages and data on food environment in schools in the hallway
UNICEF North Macedonia / 2026

Но, наодите не се однесуваат само на едно училиште. И во другите училишта што учествуваа во кампањата беа испратени и закачени истите постери, поставувајќи ги истите прашања во различни заедници: Каква храна навистина им се нуди на децата? И дали околината го олеснува правилниот избор?

Благодарение на работата на средношколскиот тим и пораките што секојдневно ќе им бидат пред очи на учениците, наодите излегоа од рамките од извештајот и поттикнаа разговор за промена.

Започнете ваква дискусија и во вашето училиште

Сакаш да ги поттикнеш учениците во твоето училиште да размислуваат за храната што им е достапна во нивното опкружување? Преземи ги и истакни ги постерите за да ги споделиш податоците и да поттикнеш разговор за тоа што треба да се промени.

 

Еве и други начини на кои ти и твоите врсници можете да се вклучите:

🤳 Приклучи се на предизвикот: Сподели каква храна и пијалаци се продаваат во и околу твоето училиште и придружи се на кампањата #ШтоИмаЗаЈадење.

🥪 Избирај поздрава храна: Кога имаш можност, понеси хранлива ужина или оброк од дома и поттикни ги и твоите другари да пробаат поздрави алтернативи.

🍎 Споделувај идеи со врсниците: Разменувајте едноставни и достапни рецепти и идеи за ужини кои се вкусни, хранливи и лесни за подготовка.

📚 Залагај се за поздрава исхрана во училиштата: Искористи ги подготвените материјали од кампањата за да поттикнеш дискусија и да им помогнеш на соучениците подобро да ја разберат оваа тема.

🏫 Кажи го своето мислење и вклучи се: Разговарај со раководството на училиштето, ученичкиот парламент или општината. Сподели ги своите идеи за поздрави оброци и ужини и предложи како може да се подобри изборот на храна во и околу училиштето.

🎯 Покрени ученичка иницијатива: Заедно со соучениците истражете кои се најголемите предизвици поврзани со храната во вашето училиште и предложете решенија што ќе ги претставите пред училишното раководство.

📢 Прошири ја пораката и споделувај содржини од кампањата: Поттикни ги другарите, соучениците и членовите на семејството да се вклучат во разговорот за поздрава исхрана во училиштата.

💡 Покажи што може да се направи: Организирајте ден на здрави ужини, размена на рецепти, дегустација или друга ученичка активност што ќе покаже дека здравата исхрана може да биде вкусна, забавна и достапна.