Што би избрале децата?
Училишен експеримент поттикнува разговор за тоа како опкружувањето влијае врз изборот на храна кај децата.
- English
- Македонски
Ако на децата им се понуди избор помеѓу грицки и јаболко, што ќе изберат?
Тимот од основното училиште „Имрије Елези“ во Скопје одлучи да го стави ова прашање на тест со тоа што ќе спроведе социјален експеримент со своите соученици.
Експериментот се состоеше од едно едноставно тркало на среќата, на кое како можни награди беа прикажани различни видови на ултра-преработена храна и засладени пијалаци. Но, имаше еден трик: тркалото беше наместено секогаш да застанува на јаболко.
Дали децата ќе сакаат повторно да го завртат тркалото за да освојат грицки или ќе бидат задоволни со добиеното јаболко? Погледнете го видеото за да дознаете.
Експериментот отвори можност да се зборува за нешто што децата го живеат секој ден. Што јадеме зависи од тоа што можеме да си дозволиме, што ни е видливо и што ни е лесно достапно.
Кога засладените пијалаци, грицките со висока содржина на масти, шеќер и сол и ултра-преработената храна се поевтини, подостапни и повидливи од овошјето, зеленчукот и свежо подготвената храна, нездравата храна станува најлесниот и најчестиот избор.
Не се работи за нашиот избор. Се работи за тоа што ни е достапно. Децата ќе изберат здрава храна кога ќе имаат можност за тоа.
Заштитата на децата не значи ограничување на нивниот избор, туку создавање услови во кои здравата храна ќе биде лесно достапна и ќе стане вообичаен избор.
Да создадеме училишна средина што го штити здравјето на децата и ги поттикнува здравите навики во исхраната. Време е за построги правила за тоа каква храна смее да се продава и рекламира во училиштата.
Што може да направат училиштата?
🍎 Обезбедете поголема достапност на здрава храна: Свежо овошје, зеленчук и бесплатна вода за пиење треба да бидат достапни секој ден, а здравата храна да се нуди по пристапни цени.
👀 Направете ја здравата храна повидлива: Поставете ги овошјето, водата и другите хранливи производи на видливи места, во висина на очите на децата и на најистакнатите позиции на продажните места.
↘️ Отстранете ја или ограничете ја понудата на ултра-преработена храна во училиштата: Отстранете ги или намалете ја понудата на засладени пијалаци, солени и слатки грицки и други ултра-преработени производи. Доколку и понатаму се продаваат, погрижете се да не бидат поставени на највидливите места.
🙋♀️ Вклучете ги родителите и советите на родители: Разговарајте за ова прашање на следниот состанок на Советот на родители и разгледајте како родителите можат да придонесат за поздрава исхрана во училиштето. Советот на родители може да предложи конкретни промени што Училишниот одбор ќе ги разгледа, одобри и спроведе.
📣 Ограничете го рекламирањето на нездрава храна: Ограничете ги рекламите, спонзорствата и промотивните активности за храна и пијалаци со висока содржина на шеќер, сол и нездрави масти во училишните простории и на училишните настани.
🏫 Приклучете се на кампањата: Училиштата можат да придонесат за создавање поздрава средина за исхрана преку вклучување на учениците, родителите и училишниот кадар во разговори за изборот на храна и за условите во училиштето и неговата околина.
🎯 Поддржете ги ученичките иницијативи: Поттикнете ги учениците да се вклучат во предизвикот #ШтоИмаЗаЈадење и да ги споделат своите идеи за подобрување на понудата и достапноста на здрава храна во и околу училиштето.