Учиме едни од други – што се крие зад рекламите?
Средношколци од Велес организираа работилници за влијанието на училишната средина врз изборот на храна што го прават секој ден.
- English
- Македонски
Од користење впечатливи бои и ликови, поставување грицки на видливи места во продавниците и на полиците, нудење промотивни пакети, па сè до испраќање примамливи нотификации на телефоните веднаш по завршувањето на часовите – компаниите користат различни тактики за да ги направат засладените пијалаци и ултра-преработената храна попривлечни за децата и адолесцентите.
Тимот од средното стручно училиште „Коле Неделковски“ во Велес одлучи да истражи кои тактики се користат за рекламирање и промоција на нездрава храна и да го сподели наученото со своите врсници. Притоа, ваквото врсничко учење учениците го искомбинираа со нешто што веќе добро го знаат: готвење здрава храна.
Учениците организираа неколку работилници каде што заедно со своите врсници истражуваа како средината влијае врз она што го јадат, особено храната и пијалаците што им се нудат секојдневно во и околу училиштата.
Анализираа реклами за да утврдат кои се најчестите маркетиншки тактики со кои нездравата храна им се претставува како привлечна на децата, но и зошто здравата исхрана не смее да биде само лична одговорност.
Од дискусија право в кујна
Но, дискусијата не беше само теоретска. Благодарение на своите кулинарски вештини, учениците сами си подготвија здрави оброци, покажувајќи дека здравата храна може да биде и вкусна, привлечна, и лесна за подготовка.
Споделувајќи го своето знаење, учениците им помогнаа на своите врсници да препознаат како маркетингот влијае врз нашите одлуки, но и да се залагаат за поздрави опции во и околу училиштата.
Како децата и адолесцентите можат да се вклучат?
🤳 Приклучи се на предизвикот: Сподели каква храна и пијалаци се продаваат во и околу твоето училиште и придружи се на кампањата #ШтоИмаЗаЈадење.
🥪 Избирај поздрава храна: Кога имаш можност, понеси хранлива ужина или оброк од дома и поттикни ги и твоите другари да пробаат поздрави алтернативи.
🍎 Споделувај идеи со врсниците: Разменувајте едноставни и достапни рецепти и идеи за ужини кои се вкусни, хранливи и лесни за подготовка.
📚 Залагај се за поздрава исхрана во училиштата: Искористи ги подготвените материјали од кампањата за да поттикнеш дискусија и да им помогнеш на соучениците подобро да ја разберат оваа тема.
🏫 Кажи го своето мислење и вклучи се: Разговарај со раководството на училиштето, ученичкиот парламент или општината. Сподели ги своите идеи за поздрави оброци и ужини и предложи како може да се подобри изборот на храна во и околу училиштето.
🎯 Покрени ученичка иницијатива: Заедно со соучениците истражете кои се најголемите предизвици поврзани со храната во вашето училиште и предложете решенија што ќе ги претставите пред училишното раководство.
📢 Прошири ја пораката и споделувај содржини од кампањата: Поттикни ги другарите, соучениците и членовите на семејството да се вклучат во разговорот за поздрава исхрана во училиштата.
💡 Покажи што може да се направи: Организирајте ден на здрави ужини, размена на рецепти, дегустација или друга ученичка активност што ќе покаже дека здравата исхрана може да биде вкусна, забавна и достапна.