Зелени вештини и младинско учество
Секој млад човек заслужува иднина што може да ја обликува
Денешните адолесценти не само што се подготвуваат за иднината - тие веќе ја обликуваат.
Во Северна Македонија, младите се полни со идеи, креативност и енергија. Тие длабоко се грижат за своите заедници и животната средина, а многумина се подготвени да дејствуваат.
Но, премногу често, не им се даваат можности, вештини или платформи за тој потенцијал да го претворат во реален ефект - посебно кога се работи за еден од клучните предизвици на нивната генерација: климатските промени.
Предизвикот
Младите во Северна Македонија растат во свет што брзо се менува - свет што сè повеќе бара нови вештини, нови начини на размислување и решавање на предизвиците.
Транзицијата кон позелени, поодржливи економии се забрзува. Сепак, многу адолесценти не се оспособени со вештините и можностите што им се потребни за да бидат дел од оваа трансформација.
Еколошките ризици веќе ги загрозуваат здравјето и благосостојбата на децата, а се очекува нивното влијание дополнително да се засилува.
Во Северна Македонија, загадувањето на воздухот и понатаму останува најголема еколошка закана по здравјето на децата, при што концентрациите на загадувачи во урбаните средини достигнуваат до петпати повеќе над националните стандарди, стандардите на ЕУ и на СЗО – што придонесува кон зголемен број болести и предвремена смртност.
Гледајќи во иднината, климатските проекции покажуваат дека до 2050 година, земјата ќе се соочи со значително потопла и посува клима. Топлотните бранови, поплавите и сушите ќе стануваат сѐ почести и посериозни.
Овие притисоци врз животната средина не се апстрактни ризици. Изложеноста на климатски шокови и лишеност во детството може да има доживотни последици, влијаејќи врз здравјето, училишниот успех и идните можности.
Сепак, пристапот до образовни можности низ кои се градат практични вештини ориентирани кон иднината - како што се климатска писменост, иновации, решавање дигитални проблеми и претприемништво - останува нееднаков.
Исто така, децата и младите се меѓу најпогодените од еколошките предизвици, но нивниот глас не секогаш се слуша при обликување на одговорите.
Многумина сакаат да дејствуваат. Тие сакаат да изнајдат решенија, да ги поддржат своите заедници и да придонесат кон одржливоста на животната средина. Но, честопати им недостигаат вештини за развој на решенија, поддршка за своите идеи да ги претворат во реалност и платформи за влијание врз процесите на носење одлуки.
Без акција, ризикот расте: генерација свесна за предизвиците, но не целосно оспособена да се справи со нив.
Решението
УНИЦЕФ соработува со партнери како што се училиштата, заедниците, институциите и приватниот сектор, за да ги оспособи адолесцентите како иноватори, решавачи на проблеми и лидери во градење позелена иднина.
Во сржта на овој пристап е увереноста дека младите не се само корисници - тие се носители на промените.
Ова започнува со вештини. Адолесцентите се поддржуваат да развиваат зелени вештини, од разбирање на климатските предизвици до изработка на практични решенија што ќе одговорат на нив. Тоа се вештините што ќе ги обликуваат работните места, економиите и општествата на иднината.
Климатската акција е централен дел од ваквата работа. Преку програми за социјални иновации како АПШИФТ (UPSHIFT), младите добиваат поддршка да осмислуваат и да спроведуваат иницијативи со фокус на реални предизвици - од поставување плочки што произведуваат енергија и пасивни соларни системи за греење во училиштата до изработка на дигитални платформи за организирање акции во локалната заедница. Притоа, тие преоѓаат од набљудувачи на климатските промени во активни придонесувачи кон нивни решенија, истовремено учејќи како да размислуваат критички, да соработуваат и да предводат промени.
Преку создавање безбеден простор исполнет со поддршка и преку промовирање вклученост во природните науки (STEM) и иновациите, УНИЦЕФ помага девојчињата и машките подеднакво да се оспособат и самоуверено да учествуваат во обликувањето на зелената и дигиталната иднина. УНИЦЕФ ги поддржува адолесцентите да учествуваат во дијалогот за климатските прашања и да бидат активно вклучени во своите заедници, овозможувајќи нивните перспективи да помогнат при обликување локални решенија и при поширока политичка акција.
Истовремено, посебно се внимава да се досегне до најранливите адолесценти, при што можностите за развој на вештини, иновации и учество се достапни за сите, а не само за неколкумина.
Партнерствата со училиштата, заедниците, институциите и приватниот сектор помагаат во создавање екосистеми каде што младите можат да развиваат идеи, да тестираат решенија и да го зголемат влијанието.
Младите ја предводат промената
Кога на младите им се дава можност, тие не само што се подготвени да одговарат на предизвиците, туку и ги преобликуваат.
Тие носат нови идеи, нова енергија и нови решенија. Ги поврзуваат глобалните предизвици со локалната акција. И ги инспирираат другите да дејствуваат.
Со инвестирање во зелени вештини, иновации и учество на младите, Северна Македонија може да го ослободи целиот потенцијал на своите млади луѓе и да го забрза преминот кон поодржлива, поинклузивна и поотпорна иднина.
Затоа што иднината не е нешто што младите треба да го чекаат.
Таа е нешто што тие треба да го предводат.