Иднината е во изворите на алтернативна енергија
Група млади нудат иновативно решение за употреба на сончевата енергија во нивното училиште како дел од иницијативата АПШИФТ која се спроведува со поддршка од УНИЦЕФ

Кога некој ќе смисли добра идеја, без оглед на тоа колку е нова и интересна, често се случува да нема доволно средства и поддршка за да ја оствари.
Петар, Марија, Леонид, Теодора и Елена добија можност за која многумина сонуваат – да смислат идеја и да добијат поддршка и водство за да ја остварат. Тимот составен од овие пет ученици од средното стручно училиште “Владо Тасевски“ од Скопје се најде меѓу победниците на иницијативата АПШИФТ (UPSHIFT) која се спроведува со поддршка од УНИЦЕФ за изнаоѓање иновативни решенија за намалување на штетните последици од климатските промени.
АПШИФТ е програма што комбинира работилници за социјални иновации со менторство, основни финансиски средства и јакнење на претприемачките вештини на децата и младите. Програмата започнува со отворен повик за групи деца и млади на возраст од 13 до 19 години кои сами започнуваат да дизајнираат иновативно решение за социјалниот проблем што го идентификувале во својата заедница и продолжува со учество на работилници за да ги развијат своите идеи.
“На работилницата го претставивме нашиот концепт за клупа што може да биде поставена во дворот од нашето училиште за да служи за напојување на мобилните телефони со сончева енергија, а како бонус да има место за паркирање на велосипедите,“ објаснува Петар. “Бевме воодушевени кога ни соопштија дека сме меѓу победничките тимови и дека ќе добиеме основни финансиски средства за да ја оствариме идејата.“

Во текот на летниот распуст под водство на нивната наставничка и ментор Весна Живаљевиќ посветија многу часови онлајн за да ја доработат првичната замисла. Наставничката вели дека е “неверојатно како на дополнителните часови излегува креативноста на учениците“.
Важен дел од нивната стратегија беше изработката на веб страна на која го објавија својот “манифест“:
“Ние сме дел од генерацијата "Z" која сака да ги примени најновите технолошки достигнувања во насока на создавање здрава животна средина преку користење на обновливите извори на енергијата. Како најголем обновлив извор на енергија се јавува енергијата од сонцето која многу малку се користи во нашата земја.“
Понатаму велат: “Со поставувањето на клупата со соларни панели сакаме да им покажеме на сите идни генерации дека постои алтернатива, дека целата електрична енергија која до овој момент сме ја користеле од необновливите извори на енергија, сега можеме да ја добиеме од сонцето. Со ваквото користење на сончевата енергија ќе се поттикне економски раст, ќе се создадат можности за нови вработувања, ќе се подобри благосостојбата на луѓето и ќе се придонесе кон создавање здрава животна средина за сите нас.“
Како следен чекор, спроведоа анкета меѓу соучениците и наставниците за да приберат мислење за предложената идеја и врз основа на добиените предлози направија измена на првичниот дизајн: соучениците предложија, наместо една, да се направат две споени клупи со соларниот панел и полначот за мобилни телефони поставени на средина за да има простор повеќе деца да седнат и да се дружат. Овој предлог беше прифатен и клупата што сега се наоѓа во училишниот двор е изработена според новиот дизајн.

Во исто време, тимот прибираше податоци за да го поткрепи предлогот и да ги поттикне другите ученици да се заинтересираат и да се едуцираат за животната средина. Бидејќи се интересираат за пресметки, Петар и Леонид се посветија на прибирање податоци со примена на различни методи. Преку пребарување на официјалните веб страни на големите електрани и читање извештаи за животната средина тие направија груба пресметка на годишното ниво на загадување од полнење мобилни телефони.

“Во земјата има 2 милиони корисници на мобилни телефони. На еден полнач му треба приближно три часа на ден за да го наполни телефонот, а бидејќи знаеме дека за еден час се трошат 15 вати, тогаш на ден би ни требале 45 вати. А за да се наполнат сите мобилни телефони во земјата ни требаат 90,000 киловати на ден,“ објаснува Петар кој направи дополнителни истражувања и откри дека на годишно ниво за да се наполнат мобилните на сите корисници во земјата се потребни 13,775 тони лигнит - јаглен од најниска класа и најштетен по здравјето на луѓето - што се користи за локално производство на електрична енергија. Ова покажува дека со користење обновлив извор на енергија за полнење на мобилните телефони значително би се намалило ослободувањето загадувачи на воздухот и честички кои влијаат штетно на здравјето и на климатските промени.

Во текот на целиот процес од идеја до реализација, учениците имаа можност да го применат своето техничко знаење и да го доживеат непроценливото искуство на спроведување замисла во дело. Но во овој процес се најдоа и во сосема нови улоги кои ги поттикнаа да градат многу нови вештини. Вештини за преговарање на пример, затоа што во моментот разговараат со некои од најголемите телекомуникациски компании за да обезбедат рутер за училиштето; вештини за презентирање, затоа што тимот мораше да се подготви да ја претстави идејата на сите други ученици и на наставниците од училиштето; и вештини за раководење и претприемништво, затоа што соработуваа со фирмата што ја изработи клупата и соларниот панел.
На прашањето зошто се нафатија за овој своевиден подвиг, тие велат “за да понудиме нова зелена идеја” и “за да покажеме дека можеме”.
“Сакавме да покажеме дека е можно. Нашата клупа е илустрација за тоа како може да се користи соларната енергија за да се намали емисијата на јаглероден диоксид,” вели Марија.
Додека зборувавме за климатските промени, согласувајќи се дека кај сите луѓе расте свеста дека овие промени се случуваат, младите се согласија и дека многу малку се презема за да се смени трендот. “По сѐ изгледа мислиме дека има време да се поправи штетата и дека што и да се случи, нашата генерација нема да ги трпи последиците,” вели Елена. “Но, мора да мислиме на следните генерации и на децата на нашите деца кои сигурно ќе ги трпат последиците ако не преземеме нешто сега.”

АПШИФТ е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ чија цел е да се поттикне иновативното и креативното размислување кај младите, да се разберат предизвиците со кои се соочуваат и да им се помогне да осмислат иновативни решенија во форма на производ или услуга. Таа се базира на методологијата „дизајн по мерка на човекот“ која е пренослива и им помага на наставниците и учениците да развиваат претприемачки вештини, како што се: управување со проекти, критичко размислување, тимска работа и успешна комуникација.
Програмата е дел од соработката на УНИЦЕФ со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Фондот за иновации и технолошки развој и се спроведува со финансиска поддршка од Шведска.