Младите иноватори добија средства за да ги претворат еко-решенијата во реалност

Скопје, 22 јуни 2021 година: На онлајн-работилницата за креативно размислување, пет тима млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да го реализираат своето иновативно решение за намалување на штетните ефекти од климатските промени и за заштита на животната средина.
Иноваторите беа избрани како дел од програмата АПШИФТ, при што десет тима составени од четириесет и шест средношколци од Скопје, Кочани, Охрид, Струга, Штип, Кавадарци и Прилеп учествуваа на тридневна работилница за примена на методологијата на креативно размислување. Под водство на своите ментори и професори, сите тимови имаа можност да ги развијат своите идеи и да стекнат нови практични вештини. Петте најдобри тима кои добија средства за спроведување на своите идеи се:
- Тимот „Владо Тасевски“ од средното стручно училиште во Скопје, за идејата „СМАРТ-клупа“ - клупа со соларен панел којашто може да се инсталира во училишните дворови како место за полнење телефони; бесплатна Ви-Фи пристапна точка и паркинг за велосипедите на учениците.
- Тимот „Нико Нестор“ од средното стручно училиште во Струга, за идејата да инсталираат електронски мерни инструменти во Охридското Езеро коишто секојдневно ќе го мерат и ќе известуваат за загадувањето на водата. Информациите ќе се споделуваат со граѓаните, училиштата и локалните власти со цел да се подигне свеста за одржување на чистотата на езерото.
- Тимот „Орде Чопела“ од средното стручно училиште во Прилеп, за идејата да ја направат еколошка микро-фармата на училиштето преку инсталирање опрема на соларно напојување и преку подобрување на условите за животните.
- Тимот „Гошо Викентиев“ од средното стручно училиште во Кочани за нивната „Паметна“ стаклена градина – еколошки систем за одгледување дрвја, растенија, органски компост, како и за одгледување зеленчук и овошје во училишната градина.
- Тимот „Михајло Пупин“ од средното стручно училиште во Скопје, за нивниот преносен инструмент за мерење, следење и известување за концентрацијата на стакленички гасови.
Во следните три месеци, тимовите ќе бидат поддржани од ментори при спроведување на нивните идеи.
АПШИФТ е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ во која се комбинираат работилници за социјални иновации, со менторство, материјали и основни финансиски средства. Нејзината цел е да се поттикне иновативното и креативното размислување кај младите, да се разберат предизвиците со кои се соочуваат и да им се помогне да осмислат иновативни решенија во форма на производ или услуга. Таа се базира на методологијата „дизајн по мерка на човекот“ која е пренослива и им помага на наставниците и учениците да развиваат претприемачки вештини, како што се: управување со проекти, критичко размислување, тимска работа и успешна комуникација.
Програмата е финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), ја спроведува здружението ЦЕЕД Хаб Скопје со поддршка од Министерството за образование и наука, Фондот за иновации и технолошки развој, УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.