Младите се здружуваат околу локалните политики за чист воздух
Гостивар е еден од петте пилот-градови заедно со Велес, Куманово, Кавадарци и Скопје, каде младите се здружуваат во серија работилници и форуми како дел од иницијативата Младински активизам за чист воздух.
Сончево утро во Гостивар, каде Назиф (22) и Дардан (22), двајцата активисти и членови на Локалниот младински совет, срдечно поздравуваат група млади што пристигнуваат во раздвижениот младински центар. Ги обзема возбуда, но и им олеснува, зашто многу нивни врсници дојдоа да учествуваат на работилницата за квалитет на воздухот, со цел да дознаат повеќе за ова прашање и да развијат локални иницијативи и решенија за него.
„Треба да работиме на подигање на свеста. Луѓето треба да сфатат дека природата е исцрплив ресурс. Штетата не се случува наеднаш, туку постепено. Па, по 10 години се будиш и гледаш дека веќе не е здраво да се живее во оваа средина“, Дардан, 22
„Треба да работиме на подигање на свеста. Луѓето треба да сфатат дека природата е исцрплив ресурс. Штетата не се случува наеднаш, туку постепено. Па, по 10 години се будиш и гледаш дека веќе не е здраво да се живее во оваа средина“, вели Дардан за својот мотив да се приклучи кон иницијативата.
Гостивар е еден од петте пилот-градови заедно со Велес, Куманово, Кавадарци и Скопје, каде младите се здружуваат во серија работилници и форуми како дел од иницијативата Младински активизам за чист воздух. Иницијативата има за цел да го засили гласот на младите, да ги поттикне да се залагаат за чист воздух и да проговорат за штетните ефекти од загадувањето на воздухот врз човечкото здравје и животната средина. Истовремено, иницијативата претставува и платформа преку која младите ќе можат да дискутираат со локалните носители на одлуки, да ги истакнат конкретните потреби на младите и децата, и да предлагаат иницијативи за решавање на проблемот со квалитетот на воздухот во нивните заедници.
Од почетокот на иницијативата, 164 млади учествуваа на 5 работилници и 5 форуми организирани во пилот-општините. Работилниците имаат фокус врз јакнење на младите преку размена на знаења за квалитетот на воздухот, изворите и последиците од загадувањето на воздухот, еколошката демократија и правната рамка за граѓанско учество во процесите на одлучување. Форумите, пак, претставуваат шанса младите да развиваат локални иницијативи, да стекнуваат вештини за мобилизирање поддршка во своите заедници и да предлагаат мерки со кои ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, како и да понудат платформа за средби со локалните носители на одлуки.
Аерозагадувањето во Северна Македонија претставува најголема еколошка закана по човечкото здравје, особено во поголемите градови каде што концентрацијата на загадувачи е до петпати повисока од нивоата наведени во националните, европските и стандардите според Упатството на СЗО за квалитет на воздухот.
„Како ученичка во медицинско училиште, знам колку ПМ-честичките се штетни. Но, сум и лично погодена. Дедо ми, со кого бев многу блиска, почина од рак на белите дробови. Другарка ми има астма и не може да излезе од дома кога е многу загадено во зима. Се приклучив кон оваа иницијатива затоа што мислам дека луѓето треба да дознаат повеќе за ефектите од загадувањето и за тоа како подобро да се грижат за своето здравје“, вели Дајана (17).
„Како ученичка во медицинско училиште, знам колку ПМ-честичките се штетни. Се приклучив кон оваа иницијатива затоа што мислам дека луѓето треба да дознаат повеќе за ефектите од загадувањето и за тоа како подобро да се грижат за своето здравје“, Дајана, 17
Северна Македонија постигна голем напредок во усогласувањето на законите и регулативата со стандардите на ЕУ за квалитет на воздухот. Според Законот за квалитет на амбиентниот воздух, Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежно за спроведување на повеќето активности за подобрување на квалитетот на воздухот во земјата. Локалните власти, исто така, имаат законски обврски и надлежности преку изработка и спроведување на локални планови за квалитет на воздухот со соодветни мерки за решавање на аерозагадувањето. Но, имплементацијата е слаба поради ограничените средства. Освен тоа, мерките што се предлагаат и спроведуваат на локално ниво често не се по мерка на децата и младите, и не ги земаат предвид нивните специфични потреби.
Кога ќе им се даде можност да ги искажат своите мислења и да придонесат во процесите на носење одлуки во врска со политики за прашања коишто ги засегаат – како што е загадувањето на воздухот – децата и младите имаат потенцијал да покренат систематски промени. Локалните младински совети се формирани за да им се даде шанса на децата и младите да се вклучат во развојот на локалните политики. Меѓутоа, потребна им е поддршка за да стекнат релевантно знаење, да ја разберат правната рамка за да може да заговараат политики за чист воздух и да ги потсетуваат властите на нивната одговорност за спроведувањето на локалните планови за квалитет на воздухот. Работилниците и форумите ја даваат ваквата поддршка.
„Живеам во близина на прометен пат каде што луѓето возат многу брзо и имаше многу несреќи во изминатите години. Заедно со соседите, пред неколку години испративме писмо до општината со барање да се стави „лежечки полицаец“, но никогаш не добивме одговор. Чекор напред е да се знае дека сега имаме активен Локален младински совет кој редовно се состанува со општината, кој може да покрене вакви и други прашања, особено кога станува збор за загадувањето на воздухот и животната средина“, вели Мартина, (17).
„Чекор напред е да се знае дека сега имаме активен Локален младински совет кој редовно се состанува со општината и кој може да покрене прашања, особено кога станува збор за загадувањето на воздухот и животната средина“, Мартина, 17
„Преку Локалниот младински совет сакаме да создадеме традиција, еден вид наследство за и другите млади да ја продолжат нашата визија на соработка за подобра заедница. Имаме голема поддршка од општината и редовно се среќаваме. Но, и младите треба да бидат поактивни, позаинтересирани“, вели Назиф. „Многу промени започнуваат од нас. Еднаш девојка ми ме опомена што фрлам отпадоцина улица – дури не бев ни свесен дека го правам тоа! Оттогаш, секогаш ги ставам в џеб додека не најдам канта. Кога ќе станете свесни, може да барате поголема одговорност од другарите и промената се шири многу бргу!“
Иницијативата Младински активизам за чист воздух ја спроведува УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и во партнерство со Центарот за климатски промени, со цел да го засили гласот на младите луѓе, да ги поттикне да се залагаат за чист воздух и да проговорат за штетните ефекти од аерозагадувањето по човечкото здравје и животната средина.