Девојките предводат промени преку наука, иновации и климатска акција
На Меѓународниот ден на жените и девојките во науката ги славиме нивните гласови, истрајноста и визијата за поодржлива иднина.
- English
- Македонски
Адолесценти ширум земјата, користат наука, иновации и тимска работа за да креираат решенија за едни од најитните еколошки и климатски предизвици на денешницата. Преку програмата за социјални иновации UPSHIFT, девојките ги претвораат идеите во конкретна акција – покажувајќи дека кога ќе им се даде поддршка, доверба и простор за делување, тие водат со креативност, храброст и јасна цел.
На Меѓународниот ден на жените и девојките во науката ги славиме нивните гласови, истрајноста и визијата за поодржлива иднина.
„Вклучувањето на девојките во науката и во еколошките и климатските решенија не е само прашање на еднаквост, туку и на ефикасност. Девојките носат различни перспективи, особено затоа што многу еколошки одлуки директно влијаат врз девојките и жените, кои често ги чувствуваат последиците на поинаков начин.“
Работејќи на климатски предизвици, Росица сфати дека науката не е апстрактна – таа е практична алатка за секојдневниот живот и за подобрување на заедницата. UPSHIFT ѝ помогна да изгради самодоверба и да разбере дека решавањето проблеми започнува со поставување на вистинските прашања, а не со совршени одговори.
„Науката ми помогна да ги разберам проблемите, технологијата да најдам практични решенија, а тимската работа ми покажа колку се важни различните гледишта за да се создаде одржливо и функционално решение.“
„Кога на младите им се доверува вистинска одговорност, тие знаат како да ја оправдаат довербата!“
Преку UPSHIFT, Сара научи како изгледа структурираното решавање проблеми во пракса – како да се дефинира предизвик, да се истражува, анализира и да се преземе конкретна акција. Денес, таа ја препознава тимската работа и јасната комуникација како најважни фактори за вистинско влијание.
„Кога ќе им се даде можност и простор за развој, жените можат да создадат силни промени и значајно да придонесат кон општеството. Тоа е докажано многупати.“
„Работата на еколошки и климатски предизвици ми покажа дека науката не е нешто далечно или апстрактно, туку директно поврзано со нашето секојдневие. Науката ми помогна проблемите да ги гледам објективно и да барам решенија засновани на факти, а не на претпоставки.“
UPSHIFT ѝ помогна на Вања да изгради самодоверба, трпение и истрајност – и да ги надмине сомнежите што порано ги имала како девојка заинтересирана за наука.
„Девојките често пристапуваат кон предизвиците со емпатија, креативност и чувство на одговорност кон заедницата – нешто што е особено важно во климатската акција. Различните перспективи водат до поинклузивни и поодржливи решенија.“
„Науката ни дава слобода да го разбереме светот и активно да влијаеме врз него.“
Надица откри дека науката и иновациите не се далечни или недостижни – тие се простор каде што секоја девојка може да се пронајде. Работејќи на проект за загадување на воздухот, таа почна да се гледа себеси како идна инженерка. Денес студира електротехника, инспирирана од насоката и самодовербата што ги стекна преку програмата.
„Сфатив дека идејата сама по себе не е доволна – потребна е акција. Наместо само да очекуваме промени, треба активно да придонесеме и да направиме нешто корисно за себе и за заедницата.“
„Науката е насекаде околу нас – и можеме да ја користиме за да ја заштитиме животната средина.“
Климатските предизвици за Ива беа почетна точка да ја разбере науката како дел од секојдневието – од користењето енергија до управувањето со отпад. Ова искуство ја мотивира да продолжи со студии поврзани со одржлив развој и општествено влијание.
„Девојките имаат идеи, креативност и потенцијал што често се потценуваат. Инклузијата значи поголема еднаквост, но и посилни и поодржливи решенија за целото општество.“
„UPSHIFT ми покажа дека младите навистина можат да бидат двигатели на промени.“
Андреа го опишува UPSHIFT како едно од највредните искуства во нејзините тинејџерски години. Преку тимска работа и решавање на реални локални предизвици, таа ја откри моќта на практичната иновација – но и сопственото лидерство.
„Научив да размислувам поинаку, да соработувам во тим и да ги претворам идеите во конкретни решенија. Младите можат да создадат позитивни промени.“
Девојките припаѓаат во науката. Девојките предводат во науката.
Кога девојките создаваат и носат нови решенија, заедниците стануваат посилни.
Тие им пристапуваат на предизвиците со емпатија, креативност и интегритет.
Нивните различни перспективи ги прават решенијата поинклузивни, поодржливи и повеќе насочени кон луѓето.
Овој Меѓународен ден на жените и девојките во науката, ја славиме секоја девојка што поставува прашања, експериментира, замислува нови решенија – и има храброст да го менува својот свет.
UPSHIFT е програма за социјални иновации што ја спроведува УНИЦЕФ во соработка со Министерството за образование и наука, со финансиска поддршка од Шведска. Програмата се реализира во партнерство со Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) и им обезбедува на младите вештини, менторска поддршка и ресурси за да осмислуваат решенија за реални предизвици во своите заедници.
Со вложување во лидерството на девојките во науката и иновациите, вложуваме во поздрава, поправедна и поодржлива иднина за сите.