Природата како училница: откривање на домот на муволовката
На шумската патека близу селото Негрево, главниот патоказ е љубопитноста.
Група петтодделенци од селата Требовиште, Разловци и Делчево се на прошетка во природа, а нивните наставници и едукатори ги водат - не кон традиционална училница, туку кон нешто многу понеочекувано: кон инсектојадното растение познато како муволовка (Drossera rotundifolia) што расте во дивината, токму овде во Северна Македонија. Ги чека лекција што не може да се научи само од учебниците. Ваквата прошетка е една од воннаставните активности организирани преку Мрежата за искуствено учење (МИУ), иновативен пристап кон образованието со кој преку настава во природа, се поврзуваат науката, природата и предизвиците од реалниот свет. За овие ученици, самата природа станува училница.
Лекција што ја предава природата
Денот започнува во Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево, каде што учениците гледаат изложба и учат за локалниот биодиверзитет. Потоа, наставата станува практична. Групата тргнува пеш кон блиското тресетиште, каде што муволовката – која почесто се поврзува со далечни мочуришта - се приспособила за да преживее.
Иако се чини дека ништо не се случува во тресетиштата, тие се меѓу највредните екосистеми на планетата. Ја задржуваат и ја прочистуваат водата, складираат јаглерод и учествуваат во регулирање на климата. Наместо ваквите факти да ги учат наизуст, учениците директно ја доживуваат науката преку набљудување, поставување прашања, експериментирање и дискутирање за она што го забележуваат околу себе.
Учење надвор од училишните ѕидови
Прошетката на овие основци е дел од Мрежата за искуствено учење, воспоставена со поддршка на УНИЦЕФ и со финансиски средства од Шведска. Мрежата ги поврзува училиштата со институции како национални паркови, ботанички градини и истражувачки центри, нудејќи структурирани искуства за учење вон училница. Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево е еден од единаесетте партнери на МИУ во земјава, а го координира Македонското еколошко друштво. Заедно, тие им овозможуваат на децата - посебно на оние од помалите и руралните заедници – еднакви шанси да научат за животната средина и климатските промени преку истражувања, експерименти, практични активности и рефлексија.
Одејќи по патеката, учениците работат во групи за да идентификуваат различни живеалишта, животински и растителни видови, како и потенцијални закани за природата. Возбудените гласови одекнуваат низ ридовите:
„Еј, види што најдов!“
„Видете ја габава!“
„Во барава врие од полноглавци!“
„Видете! Колонија на мравки!“
Разбирање на климатските ризици преку реални примери
На патот до тресетиштето, групата минува низ шумски подрачја кои сè уште носат траги од пожарите што го зафатија негревско–пехчевскиот регион пред две години. Јагленисаните стебла од една страна и зеленилото што одново се појавува од друга, тивко укажуваат и на уништување и на обнова.
Едукаторите објаснуваат дека по интензивни шумски пожари, природната регенерација е бавна и честопати се потребни две до четири години за новите растенија целосно да се развијат. Меѓу остатоците од изгорената шума, децата учат како климатските промени го зголемуваат ризикот од шумски пожари и како на деликатните екосистеми им треба време, заштита и внимателна грижа од луѓето за да закрепнат.
Работилница што ја разгорува љубопитноста
По прошетката низ тресетиштето, групата се враќа назад во едукативниот центар каде што подетално ги разгледува своите откритија. Една од најбараните активности, работилницата „Домот на муволовката“, им дава можност на учениците да ја истражуваат природата од прва рака, да ги набљудуваат ретките видови и да сфатат зошто мочуришните екосистеми се клучни за биолошката разновидност и регулирањето на климата.
„Ова е една од нашите најатрактивни и највозбудливи работилници“, вели Маре Параскова, раководителка на Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево. „Им буди љубопитност не само на децата, туку и на наставниците. Само што ќе го отвориме повикот за регистрација, местата се веќе целосно пополнети.“
Наставниците како поттикнувачи на откритија
За наставниците, искуственото учење претставува моќнa алатка со која се трансформира начинот на кој учениците се занимаваат со природни науки.
„Учениците имаат многу малку можности за воннаставни активности“, објаснува Ана Попова, наставничка по природни науки од Делчево. „Затоа, секоја година се пријавувам за програмите што се нудат преку Мрежата за искуствено учење. Овој вид учење го продлабочува разбирањето, ја зголемува мотивацијата и го поттикнува активното учество.“
На учениците од помалите заедници како Требовиште и Разловци, ваквите можности им обезбедуваат еднаков пристап до квалитетно образование без оглед на нивното место на живеење. Сега, кога сите единаесет локации на Мрежата за искуствено учење се опфатени во националниот правилник за училишни екскурзии и излети, училиштата од целата земја имаат полесен пристап до вакви искуства.
Стекнување вештини за свет што се менува
Мрежата за искуствено учење претставува мост меѓу училиштата и стручните лица, научниците и едукаторите, кои ги менторираат учениците и ги запознаваат со современите начини на учење и размислување. „Кога истражуваат тресетишта, децата учат како природата нè штити нас и зошто и ние мора да ја заштитиме природата. Покрај тоа, учат да поставуваат подобри прашања, да работат како тим и да го објаснат она што го гледаат. Ова се суштински вештини за денешниот свет“, вели Валентина Станоевска, едукатор во Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево. Програмите се прилагодени кон потребите на учениците и нудат еднакви можности за сите, без оглед на тоа од каде доаѓаат, па така, секое дете учи преку искуство.
Лекции што се памтат
Многу ученици кои одат во посета на „Домот на муволовката“ ќе го запаметат овој ден не само како излет, туку и како момент кога учењето за нив станало реално и значајно. Како што вели Параскова: „Искуственото учење го модернизира образованието. Им помага на учениците да ја поврзат теоријата со реалниот живот, им ја негува љубопитноста и кај нив гради чувство на одговорност кон природата и општеството. Така воспитуваме генерации кои ги разбираат концептите на заштита на животната средина и одржлив развој – не само како апстрактни поими, туку како искуства што самите ги доживуваат.“
Кога учениците од Требовиште ќе се вратат дома, со себе ќе си понесат многу повеќе од белешки или фотографии. Ќе си заминат полни со прашања, идеи и подлабока поврзаност со природата во која растат и живеат.
Мрежата за искуствено учење е дел од иницијативата на УНИЦЕФ „Охрабрување на децата и младите да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ финансирана од Шведска.