Од училниците до кариера: Подготовка на идните генерации за зелена економија
Ревидирање на наставните програми за стручно образование за да се оспособат учениците со нови вештини
Кога започна новата учебна година во септември 2025, над 7,000 ученици во средното стручно образование низ Северна Македонија влегоа во училници што им се познати, но наставата беше во суштина нешто ново. Покрај техничките знаења, тие сега почнаа да учат како да дизајнираат, тестираат, проектираат, градат, произведуваат, да подготвуваат храна и да испорачуваат услуги, имајќи ја на ум животната средина.
Зад оваа трансформација е зголемената заложба на национално ниво да се модернизира стручното образование и да се приближи до реалноста на пазарот на трудот на денешницата. Преку заедничка работа, УНИЦЕФ, Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО) постепено ја воведуваа еколошката свесност во училниците, преку поддршката обезбедена од компанијата Нелт и Шведска.
„Оваа промена е дел од пошироката реформа која има за цел да подготви нова генерација на ученици за работните места на брзо променливиот пазар на трудот. Влијанието на реформата веќе се покажува во училниците и работилниците, каде учениците ја поврзуваат својата идна професија со еколошката одговорност. Надоврзувајќи се на овој напредок, во тек е ревидирањето на сите наставни програми за прва година во стручното образование,” истакна Ардијана Исахи Палоши, претставник на ЦСОО.
Циркуларна хемија: Создавање решенија за иднината
Во образовните програми по хемија и технологија, учениците учат како да го преосмислат начинот на кој производите се дизајнираат, произведуваат и како се управува со нив низ целиот животен циклус.
Идните хемиски и лабораториски техничари, прехранбените техничари, техничарите за козметички и хемиски производи, и техничарите за заштита на животната средина го проучуваат одговорното користење на материјалите за да се сведе отпадот на минимум, да се применат принципите на циркуларната економија, и да се развиваат еколошки производи и амбалажа. Преку работа во лабораториите, тие исто така учат како да прават експерименти со минимално влијание врз животната средина.
„Учениците почнуваат да воочуваат дека одржливоста не е апстрактен концепт, туку дел од секојдневниот живот и од секоја одлука што ја носат – од изборот на материјали до начинот на кој се управува со енергијата и отпадот. Тоа природно станува дел од начинот на кој тие професионално размислуваат,” истакна Мартин Трпевски, наставник во средното стручно училиште „Марија Кири-Склодовска”.
Учениците по угостителство и кулинарство ја внесуваат одржливоста на менито
Во образовните програми по угостителство и туризам, зелената трансформација заживува во кујните. Од набавка на состојките до управување со отпадот и потрошувачката на енергија, учениците учат како одржливоста го обликува целиот вредносен синџир на храна, што има влијание не само на идните работни места, туку и на постоечките бизниси и локални заедници.
Нивната настава вклучува и како да се намали отпадот од храна, како повторно да се искористат остатоците од храна, како да се користат локални и сезонски состојки за да се намали влијанието врз животната средина, да се донира вишокот храна, да се организираат еколошки настани, и да се подобри енергетската ефикасност кога се работи во кујните. За многу ученици овие принципи се тесно поврзани со нивниот секојдневен живот. Некои од нив, кои веќе работат во семејни ресторани, планираат да воведат позелени практики во нивното работење.
Поврзување на техничките вештини со одговорноста за животната средина
Без разлика која струка ја одбрале да ја изучуваат, учениците сè повеќе согледуваат дека зелените вештини повеќе не се поврзани само со една професија, туку дека се од суштинска важност низ сите сектори. Без разлика дали обуката е во областа на машинството, електротехниката, градежништвото или транспортот, тие стекнуваат разбирање за влијанијата на нивните работни места врз животната средина.
Учениците од машинската струка ги изучуваат начините за рециклирање на металите, енергетската ефикасност во индустриските процеси, и влијанијата од употребата на материјали и производството врз животната средина. Во програмите по електротехника, тие ги изучуваат системите за обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност на зградите, и паметните технологии како што се уреди за следење на потрошувачката на енергија, заедно со управувањето и рециклирањето на електронскиот отпад.
Во областа на транспортот и логистиката, тие ги анализираат еколошките возила, алтернативните горива, и начините како да се намалат емисиите. Во областа на градежништвото, учениците се фокусирани на проектирање енергетски ефикасни објекти, и управување со отпадот на градилиштата.
Ревидираните наставни програми создаваат нова генерација на професионалци кои одржливоста ја гледаат како стандард во нивната практика, што ги оспособува активно да придонесуваат за развој на позелени индустрии и поотпорни заедници. На тој начин, тие помагаат зелената транзиција да се преточи од цел на политиките во вистинска реалност во секојдневните професии.