Потрага по чист воздух

Младинските активисти се подготвени да преземат акција

UNICEF
Desanka 19 in Skopje, North Macedonia. While there is still a long way to go, the young people feel empowered by the response from the Government.
UNICEF/UNI556819/Nimani
13 Ноември 2024

„Повеќето зелени иницијативи се симболични и не функционираат“, вели 19-годишната Десанка, еколошка активистка од Скопје, Северна Македонија. Десанка работи на петиција до Владата со други младинци, барајќи повисоки казни за фабриките кои не преземаат соодветни мерки за заштита на квалитетот на воздухот.

„Најважно е да го запреме  аерозагадувањето на самиот  извор. Фабриките треба да се соочат со казни ако не користат соодветни филтри“, објаснува Десанка која и самата ги доживеала ефектите од загадениот воздух. „Порано живеев на село, а во Скопје дојдов лани за да студирам медицина. Сега се чувствувам како да сум пушач: постојано кашлам, а не пушам“.

Во Скопје, Северна Македонија, нивоата на ПМ2,5 – честички со дијаметар помал од 2,5 микрони – далеку ги надминуваат нивоата што Светската здравствена организација (СЗО) ги смета за безбедни по здравјето. Овие токсични честички лесно се апсорбираат во крвотокот и најштетни се за децата бидејќи предизвикуваат хаос во нивните бели дробови, срца и мозоци што се во развој.

Според Министерството за животна средина и просторно планирање, значителен дел од аерозагадувањето во земјата (45 отсто) доаѓа од системите за греење што се користат во домаќинствата и јавните институции. Ова уште повеќе се усложнува со густиот сообраќај и индустријата.

Иницијативата на УНИЦЕФ Youth4CleanAir (Младите за чист воздух) ги поддржува младите од земјата, како што е Десанка, да стекнат вештини и знаења што им се потребни за да се заложат пред локалните власти и пошироката јавност за подобар квалитет на воздухот.

Со иницијативата, не само што младите се поддржуваат да дознаат за квалитетот на воздухот и да заговараат политики со кои ќе се реши неговото загадување, туку и им се овозможува лично да се развиваат и да созреваат. „Ова ми даде многу самодоверба, страст и цел“, вели Енис (19). „Научив многу за квалитетот на воздухот, но и за себе“.

Иако има уште многу работа, овие млади луѓе се чувствуваат охрабрени од одговорот на локалните власти. „Тие нѐ сфатија сериозно. Седнуваме со нив на маса и разговараме како да се дојде до почист воздух“, вели Десанка.

За да го засили гласот на децата и младите и за да го поддржи нивното вклучување во одлуките околу квалитетот на воздухот и еколошките политики, во 2024 година, УНИЦЕФ одржа серија од 15 работилници за млади, а во врска со квалитетот на воздухот, во пет општини кои се сериозно погодени од загадениот воздух. Работилниците претставуваа можност младите да го кренат гласот, да се заземат во своите заедници, да развиваат иницијативи и да придонесат кон носење одлуки преку различни механизми, како и преку влијание врз општинските планови за квалитет на воздухот, со цел тие да одговорат на конкретните потреби на децата и младите.

Младите поднесоа низа конкретни барања до локалните и националните институции како што се замена на загадувачките системи за греење во училиштата и предучилишните установи, воведување зони со ниски емисии околу училиштата, сигурен и одржлив јавен превоз, зајакнати инспекции на индустриските капацитети и субвенции за домаќинствата за замена на загадувачките системи за греење и готвење.

Исто така, УНИЦЕФ работи на вклучување на помалите деца во еколошките теми, меѓу кои  спаѓа и загадувањето на воздухот. Минатата година, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ ја воспоставија Мрежата за искуствено учење со цел на децата да им ги приближат природните науки и животната средина, како и да научат за загадувањето на воздухот. Мрежата, која ги опфаќа Македонското еколошко друштво, Ботаничката градина – Скопје, Хидробиолошкиот завод – Охрид, Едукативниот центар – Негрево, Народна техника – Скопје и Националниот парк – Галичица, разви и сега спроведува програма за воннаставна едукација на  децата и адолесцентите во основно и средно образование. На нејзините работилници досега учествувале над 3.000 ученици од цела Северна Македонија.

Ангела Иванова (26) од Скопје е една од менторите на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет. Активно е вклучена во развојот и спроведувањето на активностите на Мрежата за искуствено учење од самиот почеток, но учествува и во други едукативни програми на Ботаничката градина, како и во организирање државни натпревари по биологија за ученици од основните и средните училишта.

„Обично, децата немаат микроскоп во своите училишта. Кога ќе дојдат овде, со помош на микроскоп им покажуваме како растенијата изгледаат однатре и веднаш се гледа восхит на нивните лица. Воодушевени се. Секој ова поинаку си го толкува“, објаснува Ангела. „Растенијата секогаш ги поврзуваме со квалитетот на воздухот, затоа што тие се пресудни за здравјето на луѓето и околината“.


УНИЦЕФ работи на Западен Балкан во партнерство со владите, приватниот сектор, граѓанското општество и Шведската агенција за заштита на животната средина, со цел да се решат нивоата на аерозагадување кои се меѓу најлошите во Европа. Нашата работа опфаќа подобрување на образованието за животна средина во училиштата, поддршка на образовни програми за зелени вештини, подигање на свеста во заедниците за причините и ефектите на аерозагадувањето врз здравјето, и ангажирање на децата и младите во прибирање податоци за квалитетот на воздухот и нивно управување.

Embedded video follows