Конвенција за правата на детето

За секое дете, сите права.

Team photo of a group of children hugging and wearing blue t-shirts
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2022

Во 1989 година, светските лидери презедоа историска обврска пред децата во светот со усвојување на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето – меѓународен договор за децата.

Таа стана најшироко ратификуван договор за човекови права во историјата и помогна да се трансформира животот на децата низ целиот свет.

Но, сите деца не се во можност целосно да уживаат во своето детство. На многу од нив и понатаму им се ускратува детството.

На нашата генерација останува да инсистира државните лидери, бизнисот и заедниците да ги исполнат своите обврски и да преземат акција за правата на децата сега веднаш и еднаш засекогаш. Тие мора да се погрижат секое дете да ги има сите права.

Конвенција за правата на детето - детска верзија

Што претставува Конвенцијата за правата на детето?

Во 1989 година, се случи нешто неверојатно. Наспроти менувањето на светскиот поредок, светските лидери се собраа и презедоа историска обврска пред децата во светот. Тие му ветија на секое дете дека ќе ги заштитат и ќе ги исполнат неговите права преку усвојување на меѓународна правна рамка – Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето.

Овој договор содржи длабока идеја: дека децата не се предмети што им припаѓаат на родителите за коишто тие одлучуваат, ниту пак се идни возрасни што треба да се обучат. Напротив, тие се човечки суштества и поединци со свои сопствени права. Конвенцијата вели дека детството е одвоено од зрелоста и трае до 18 години; тоа претставува посебно, заштитено време, во кое на децата мора да им се овозможи достоинствено да растат, да учат, да играат, да се развиваат и да напредуваат. Конвенцијата стана најшироко ратификуван договор за човекови права во историјата и помогна да се трансформира животот на децата.


Што постигна Конвенцијата?

Конвенцијата е најшироко ратификуван договор за човекови права во историјата. Таа ги инспирираше владите да ги променат законите и политиките и да инвестираат со цел повеќе деца конечно да ја добијат здравствената заштита и исхраната што им се потребни за да опстанат и да се развиваат, а постојат и посилни заштитни мерки за заштита на децата од насилство и експлоатација. Исто така, Конвенцијата овозможи да се чуе гласот на повеќе деца, па така тие да учествуваат во своето општество.


Детството денес: нови закани, нови можности

И покрај ваквиот напредок, Конвенцијата сè уште целосно не се применува, ниту е широко позната и разбрана. На милиони деца и натаму им се кршат правата кога им се ускратува соодветна здравствена заштита, исхрана, образование и заштита од насилство. Детството и понатаму им се прекинува на децата кога се принудени да го напуштат училиштето, да работат опасна работа, да стапуваат во брак, да се борат во војни или кога се затвораат во затвори за возрасни.

А глобалните промени, како што се подемот на дигиталната технологија, промените во животната средина, продолжениот конфликт и масовната миграција, целосно го менуваат детството. Денешните деца се соочуваат со нови закани по нивните права, но имаат и нови можности да ги остварат своите права.


Што треба да се случи

Надежта, визијата и заложбата на светските лидери во 1989 година доведоа до Конвенцијата. На денешната генерација останува да инсистира светските лидери од владата, бизнисот и заедниците да стават крај на кршењето на детските права сега веднаш и еднаш засекогаш. Тие мора да се заложат за акција, со цел секое дете да ги има сите права.

Светски ден на детето

Светскиот ден на детето е ден за акција од децата за децата на глобално ниво, што се одржува секоја година на 20 ноември на годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето.

„Децата преземаат“ е клучна компонента од одбележувањето на Светкиот ден на детето и манифестација на нашата посветеност на детските права и учество, преку обезбедување платформи каде што децата можат да ги изразат своите идеи, ставови и барања кон носителите на одлуки со цел креирање иднина во која правата на секое дете се заштитени и исполнети. 

Дознајте повеќе за Светскиот на детето и настаните организирани од УНИЦЕФ и клучни владини институции и партнери во претходните години.