Децата ја презедоа средбата на високо ниво во Владата „За децата, од децата“

22 Ноември 2019
Children and High-level Government Officials sitting in the ceremonial hall at the Government
Government of North Macedonia

Скопје, 20 ноември 2019: Над 80 деца и млади учествуваа во Владата на владина средба на високо ниво „За децата, од децата“ каде шест млади говорници ја презедоа дискусијата, повикувајќи на поголема акција за заштита и промовирање на правата на децата. 

Децата и младите се сретнаа со претседателот на Владата Зоран Заев, со министрите за труд и социјална политика, животна средина и просторно планирање, правда и здравство, генералните секретари од Министерството за образование и наука и надворешни работи и други претставници вклучувајќи го шефот на делегацијата на Европската унија и претставничката на УНИЦЕФ. 

“Сакаме да ги слушнеме и да ги забележиме темите што ги интересираат и засегаат децата,” рече Зоран Заев, претседател на Владата. “Сугестиите, идеите и предлозите на децата ќе ѝ помогнат на Владата како извршна власт да се насочи кон најважните прашања од интерес на децата.” 

“Во последно време гледаме во Европа и низ целиот свет како младите генерации го креваат гласот, како се обединуваат и бараат од возрасните да ги решат вистинските проблеми, како бараат од возрасните да направат сѐ што е можно за да не ја уништат нивната иднина,” рече Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската унија. 

"Денес се потсетуваме дека веќе не е доволно да велиме “децата се нашата иднина” затоа што децата се сега и тука - тие имаат огромен потенцијал и со себе го носат ветувањето за подобра иднина за себе и за идните генерации. Од нас зависи да слушнеме што имаат да кажат, ” рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани. 

Шест млади говорници – кои ги претставуваа своите врсници – ја презедоа дискусијата, зборувајќи со страст и убеденост за теми кои ги засегаат: квалитетно образование, инклузија на децата и младите, (не)вработеноста на младите и одливот на мозоци, учеството и активизмот, насилството и менталното здравје и климатската криза. 

  • Ни требаат поконкретни мерки за да го спречиме загадувањето на воздухот, голем број институции се уште се греат на фосилното гориво мазут, постојат алтернативни решенија –Стефан Митиќ, млад говорник кој повика да се преземат повеќе мерки за да се одговори на климатската криза.
  • Се соочувам со една голема дилема – дали да ја правам мојата кариера блиску до моето семејство и пријатели или да заминам во странство затоа што овде се соочувам со ограничени можности за вработување. На младите им требаат вештини за вработување и можности за работа – Михалеа Трајкоска повика да се преземат повеќе акции за да се одговори на проблемот со невработеност кај младите и одлив на мозоци. 
  • Младите треба да бидат вклучени во донесувањето одлуки дома, на училиште и во заедницата – Исра Зекири, млад говорник, ја нагласи потребата од механизми за осмислено учество на младите.  
  • Квалитетното образование не се состои од учење теорија, ни треба образование за да се здобиеме со практични вештини, осовременета наставна програма и учебници и поддршка на наставниците – Бисера Шегмановиќ, млад говорник повика на забрзување на реформите во образованието. 
  • Не секое дете се чувствува безбедно на училиште и учи. Општеството го толерира насилството и тоа влијае врз децата – Лука Павичевиќ, млад говорник, повика да се обрне поголемо внимание на врсничкото насилство и менталното здравје на адолесцентите и да се одговори на овие предизвици. 
  • Тоа што нема аудио книги на сите јазици и што нема лифт за да се стигне до вториот кат ги спречува децата со попреченост да учат – Елиза Абдија, млад говорник, повика да се преземе акција за да се отстранат бариерите за инклузија. 

Во дебатата што следеше претставниците на Владата потврдија дека за голем дел од нивните размислувања и сугестии ќе се побараат решенија и дека ќе се организираат средби и дебати преку нивните претставнички организации за да се спроведат предложените решенија.

“По сѐ што слушнав денес, убедена сум дека доколку би го препуштиле управувањето со светот на младите барем на еден ден, тогаш тие би го направиле светот подобро место за живеење,” рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика. 

“Ве повикувам вас (младите) да бидете гласни, да се кренете, да бидете обединети, да се искажете – ние треба да ве слушаме – колку сте погласни, толку поактивни ќе бидеме ние,” рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање. 

Настанот беше исто така можност да се слави детството и да им се даде можност на децата да ги изразат своите видувања за иднината што ја сакаат. На изложбата беа претставени десет креативни творби направени од деца за време на Најголемиот час на светот; децата исто така имаа своја презентација и рецитираа рап песна со која ги потсетија присутните на суштината на детските права. 

Секоја година на 20 ноември – за да се одбележи потпишувањето на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации – светот го прославува Светскиот ден на детето. Оваа година кога се одбележуваат 30 години од Конвенцијата е посебна и е вистинско време да се преземат обврски за да се спротивставиме на некои од новите предизвици со кои се соочуваат децата и младите и да се искористат предностите на новите можности на современиот свет. Оваа година, Северна Македонија им се приклучи на државите членки на Обединетите нации во усогласување на Глобалната заложба и се обврза да ја обнови својата заложба кон Конвенцијата за правата на детето и да ги спроведе правата на децата на 21 век. 

Средбата на високо ниво “За децата, со децата“ беше организирана од Владата во партнерство со УНИЦЕФ и Делегацијата на ЕУ, и Младински образовен форум. Таа беше дел од низа иницијативи за одбележување на 30-та годишнина поддржани од УНИЦЕФ: 

  • Над 120 училишта од 35 градови во Северна Македонија го одржаа Најголемиот час на светот посветен на “Иднината на детството“. Над 1300 деца испратија свои креативни дела – видеа, есеи, поезија, цртежи, слики, рап песни – и првите десет беа изложени за време на средбата на високо владино ниво “За децата, од децата“.
  • Јане Велковски, 11-годишен застапник за правата на децата со попреченост од Северна Македонија учествуваше заедно со УНИЦЕФ и други деца и млади на глобалниот самит во седиштето на Обединетите нации во Њујорк каде испрати силна порака до светските лидери и повика да се преземе поголема акција за да се отстранат бариерите во околината кои ги спречуваат децата со попреченост од заземање на местото што со право им припаѓа во општеството. 
  • Повеќе од 13 згради и обележја на Скопје, за да го одбележат Светскиот ден на детето, се осветлија во сино, како симболичен гест на нивната посветеност на унапредување на правата на децата - Владата, Собранието, Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, ТАВ Македонија со Меѓународниот аеродром Скопје, Министњрството за образование и наука, археолошкиот музје, Музејот на македонската борба, Халкбанка, Џевахир кулите, Британската и Италијанската амбасада, УНХЦР и други се приклучија кон оваа иницијатива. 
  • Осум истакнати претставници од заедницата заедно со шефот на делегацијата на ЕУ и претставничката на УНИЦЕФ ја започнаа кампањата за активирање во социјалните медиуми “Иднина каква што сакаме за децата“ со видео пораки за тоа каква иднина посакуваат за децата и со повик до корисниците на социјалните мрежи и тие да го направат истото. 
  • Локалното активирање на #TheRealChallenge кампањата на Тик-Ток од страна на ЕУ и УНИЦЕФ беше употребена за да се поттикне младата публика да зборува јавно и да учествува, да споделува и да ја зголеми свесноста за нивните права преку изработка на сопствени видеа. 
  • Три видеа изработени од три млади репортери ги опфаќаат перспективите на децата и младите за квалитетно образование, насилство и учество на младите и ќе бидат искористени за да продолжи дискусијата во периодот кон следните парламентарни избори закажани за почетокот на 2020 година.  

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.