Зошто е важна играта на отворено (и како да ја поддржиме)

Kако играта на отворено им користи на децата  и како можете да му помогнете на вашето дете да поминува повеќе време надвор, без разлика каде живеете.

UNICEF
Family playing outside: a father, mother, two girls and a boy.
UNICEF / UN0202881 / Imre Szabo
23 Јуни 2025

Сѐ повеќе истражувања покажуваат дека децата имаат подобро физичко, ментално и емоционално здравје,  па дури и напредуваат подобро во учењето  кога играат на отворено. Еве зошто играта надвор е важна и како можеме да им помогнеме на децата почесто да го прават тоа.

Во многу делови од светот, вклучително и кај нас, децата поминуваат сѐ помалку време на отворено. Ова е особено изразено кај децата кои живеат во урбани средини. Исто така, колку се повозрасни децата, толку помалку играат надвор, иако придобивките важат за сите возрасти.

Истовремено, има сѐ повеќе научни докази за важноста на играта на отворено. Многу истражувања потврдуваат дека времето поминато надвор, особено преку слободна игра, го подобрува физичкото здравје, социјалните вештини како и концентрацијата и подготвеноста да тргнат на училиште.

Еве што знаеме досега за тоа како играта на отворено им користи на децата  и како можете да му помогнете на вашето дете да поминува повеќе време надвор, без разлика каде живеете.

Mother and her son playing in the yard, son is on a swing
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2019

Придобивки од игра на отворено

Една од најочигледните придобивки е што играта надвор најчесто вклучува физичка активност. Светската здравствена организација препорачува децата на возраст од 1 до 4 години да бидат физички активни најмалку 3 часа дневно, а децата од 5 до 17 години најмалку 60 минути дневно. Повеќе е подобро.

Сепак, многу деца не поминуваат доволно време надвор како што е препорачано. Како и возрасните, и тие сѐ повеќе време поминуваат седејќи, било на училишна клупа или пред екран.

Бидејќи играта на отворено често подразбира движење, таа помага во надоместување на овој недостаток. Едно истражување покажа дека децата кои поминуваат најмалку 2 часа дневно надвор имаат за 27% повеќе умерена до интензивна физичка активност од оние што не играат надвор. Ова објаснува зошто играта на отворено е поврзана со подобро кардиоваскуларно и севкупно здравје кај децата.

Престојот во природа, зелени површини или градини, исто така, придонесува за менталното и емоционалното здравје. Децата кои поминуваат повеќе време во природа имаат подобра концентрација, пониско ниво на стрес и зголемена емоционална отпорност.

Истражувањата покажуваат дека времето на отворено може да помогне и при симптоми на хиперкинетичко нарушување (Attention Deficit Hyperactive Disorder - ADHD). Едно поголемо истражување со деца од предучилишна возраст во Норвешка покажа дека колку повеќе време децата поминуваат надвор секој ден, толку е помала веројатноста да покажуваат вакви симптоми.

Играта на отворено им овозможува на децата да преземаат контролирани ризици,  како качување по дрвја или скокање. Ваквото преземање ризици на отворено не само што им помага на децата да добијат физичка активност неопходна за да бидат здрави и силни, туку и ја поттикнува нивната отпорност, креативност и социјални вештини.

Децата, исто така, полесно комуницираат и соработуваат кога се во природна средина. Истражувањата покажуваат дека користат повеќе зборови, фантазија и соработка кога се во зеленило. На вештачки игралишта пак, е поверојатно да се натпреваруваат меѓу себе, особено според физичките способности, како брзина или сила.

Сето ова објаснува зошто децата кои редовно играат на отворено се подобро подготвени за училиште.

Grandfather and small child playing football
UNICEF / 2018

Како да го поттикнете вашето дете да игра надвор

Многу фактори го ограничуваат времето што децата го поминуваат надвор,  понекогаш дури и родителите, и тоа несвесно. Може да ни изгледа дека  активностите за учење се поважни од слободната игра, но тоа не е точно.

Може да нѐ спречат и лошото време или стравот дека децата ќе се извалкаат. Но, сѐ додека се облечени соодветно и удобно, тоа не треба да биде пречка да играат надвор. Во многу земји, децата играат надвор секој ден, без разлика дали врне или паѓа снег.

Иако често не сме свесни за тоа, многумина од нас имаат предрасуди околу тоа кои деца „имаат потреба“ од физичка активност или можат да се „справат“ со авантуристичка игра. Особено девојчињата поретко се испраќаат да играат надвор отколку момчињата. Но, и девојчињата, и повозрасните деца, како и адолесцентите, имаат еднакви придобивки од играта на отворено како и сите други деца.

Секако, не сите семејства имаат двор или парк во близина. Животот во урбани средини често значи помал пристап до зелени површини. И не секогаш е безбедно, поради сообраќај, загадување или високи температури.

Но, и малку е подобро отколку ништо. Едно мало истражување покажа дека 20-минутнa прошетка низ парк им ја подобрува концентрацијата на деца со ADHD – повеќе отколку прошетка низ урбана средина. Размислете дали може да вметнете кратка прошетка низ зеленило во вашата дневна рутина, дури и ако тоа значи малку подолго враќање од училиште.

Дури и мал простор може да направи разлика. Кога дел од игралиште со асфалт е заменет со трева и растенија, децата што играат таму покажуваат помалку агресија. Ако имате тераса, балкон или дворче размислете за саксии со растенија, хранилка за птици или друго мало катче со природа.

Можете и да направите позитивна промена во вашата заедница. Споделете со училиштето на вашето дете или со локалната самоуправа што знаете за важноста на играта на отворено и предложете иницијативи за нејзино поттикнување. Доколку имате можност вклучете се во иницијативи за зачувување на парковите, шумите и ливадите и  поттикнете создавање простори за игра во природа. Во соработка со родителите и училиштето може да организирате игри на отворено и да предложите  тие да станат  дел од редовната настава. Овие иницијативи нема да им користат само на децата, туку и на сите нас.