Што е тоа слободен избор на игра и како да го поттикнувате дома?

Како слободниот избор на игра му користи на развојот на вашето дете

By UNICEF
Girl playing with a paper roll as a telescope
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2018

Играњето не е само забава, туку и учење. Кога вашето малечко рецитира песничка, тоа работи на развивање јазични вештини. Дали вашето дете сака да фрла топка во воздух и да ја фати кога паѓа? Така гради важни груби моторни вештини и координација око-рака.

За време на пандемијата КОВИД-19, многу деца не можеа да си играат со другарите и соучениците – нешто што е пресудно за нивниот развој. Иако е важно децата да комуницираат со своите врсници, корисно е и самостојното играње. Разговаравме со стручњаците за образование и детски развој, Сиеда Сазија Заман и Фердуси Каном од Институтот за образовен развој БРАК  при Универзитетот БРАК за тоа како родителите може да поттикнат слободен избор на  игра кај своите деца – и зошто е таа потребна.

Зошто играта е толку корисна за децата?
„Играта е во сржта на развојот на детето“, објаснува Заман. Децата го доживуваат својот свет и учат за него  преку игра: тие ја истражуваат својата физичка околина, ги изразуваат чувствата и го градат својот речник преку игра. „Играта е природна работа за децата низ целиот свет“, додава Каном. „Таа претставува несомнено важна алатка за когнитивниот, физичкиот, социјалниот и емотивниот развој на децата, како и за нивната имагинација и креативност.“

>>Прочитајте: Игра, игра и само игра!

Што е тоа слободен избор на игра?
Слободен избор на игра е кога децата имаат целосна слобода да играат што сакаат. „Можат да изберат сè – имаат слобода да изберат материјали за играње, она што ги интересира, па дури и како таа игра ќе заврши“, објаснува Заман. Кога слободно избираат игра, децата имаат можност да се изразат на начинот што ќе го изберат зависно од денот, времето и ситуацијата во која се наоѓаат. „Ваквите можности се многу важни за нив“, вели Каном.

Секое дете е уникатно и различно се изразува. „Можеби вашето дете сака да црта, но некое друго дете ќе сака да си игра само, со сложувалка. Секое дете има поинаков начин на изразување на својата креативност“, објаснува Каном. 

  Зошто е корисен слободниот избор на игра?
„Понекогаш е добро децата да играат сами или самостојно, бидејќи се покреативни кога си играат сами“, вели Каном. Кога детето си игра само, тоа се внесува, ја користи својата фантазија и „од многу мали нозе е независно“, вели Заман. Градењето независност на мала возраст е корисно подоцна во животот.

Слободната игра е важна и за учење вештини за решавање проблеми. „Детето се обидува да реши проблем или само да дојде до решение додека игра. Тоа има потреба да го изрази својот сопствен начин на размислување. Ваквите вештини се развиваат кога детето си игра самостојно“, објаснува Каном. 

Од која возраст родителите треба да воведат слободен избор на игра кај своите деца? 
Слободната игра им отвора можност на децата да го истражуваат светот на свој начин и поттикнува креативност и користење на фантазијата, па Каном и Заман препорачуваат да се започне од рана возраст. Родителите треба да ги охрабруваат малите и претшколските деца редовно да играат  самостојно, но, со постојан надзор. Слободниот избор на игра може да се воведе дури и кај бебиња од 6 месеци.

Како родителите да поттикнат слободен избор на игра дома?
Иако слободниот избор на игра значи независност, сепак родителите имаат можност да ги поддржат и да ги охрабрат децата да учат забавно и разиграно.

  • Погрижете се вашето дете да има безбеден простор за играње. Кога слободно избираат игра, децата треба да имаат можност да истражуваат и повеќето работи да ги прават сами за да изградат самодоверба и независност. Сепак, важно е да им пружите безбедна средина за да си играат. Расчистете ги местата за игра од потенцијални опасности и одвреме-навреме проверувајте дали вашето малечко си игра безбедно.
  • Слушајте го вашето дете. Прашајте го: „Што сакаш да правиш денес?“ Врз основа на тоа како ќе одговори, направете средина каде што ќе може да го истражува својот интерес. На пример, ако сака да изгради куќа, поддржете го така што ќе му дадете материјали и безбеден простор за работа. Размислете за материјалите што ќе му требаат, а потоа погледнете низ дома за да видите што е достапно. Не плашете се да бидете креативни! На пример, ако вашето дете сака да направи сложувалка, а вие немате дома, употребете слика или календар и исечете ги на парчиња за да ги состави.
  • Помагајте му по малку. Доколку вашето дете се соочува со проблем, може да го наведете кон решението така што ќе прашате „Што сакаш да направиш? Како може да го решиме овој проблем?“ Како што објаснува Заман, „Возрасните не треба да прават сè за детето. Треба само малку да им помогнеме или да ги насочиме децата да размислуваат сами и самостојно да прават работи“.
  • Играта нека биде активност што зближува. Само затоа што вашето дете си игра само, не значи дека не може да се вклучите! Ако детето сака да игра со вас додека сте зафатени со работа, обидете се да разговарате со него за нешто што може да го направи самостојно, а потоа кога ќе заврши, заедно да го разгледате. Каном често го применува овој пристап со сопствената ќерка: „Ќе ја прашам‚ ќе напишеш ли една приказна?’ Знам дека сè уште не пишува како што треба, но што и да напише е во ред. Тогаш таа ќе ми го прочита напишаното на глас“. Со заземање ваков пристап, го вклучувате детето во разни активности каде што си игра самостојно.

>>Прочитајте: Идеи за игра во затворен простор за стимулирање на малите деца дома

>>Дознајте повеќе: Учење низ игра
Оваа статија е поддржана од Фондацијата ЛЕГО. За забавни идеи на учење преку игра, посетете ја ЛИСТАТА СО ИГРИ.

Интервјуто го направи Менди Рич, автор на дигитални содржини, УНИЦЕФ