Водич за родители за многу жешко лето
Климатските промени, топлотните бранови и детското здравје
- English
- Македонски
Водич за родители за многу жешко лето
Климатските промени и децата
Активностите на човекот и емисијата на стакленички гасови во атмосферата веќе оставија видлива трага врз климата на нашата планета. Просечната температура е зголемена за околу 1,1 °C во последните 100 години, а секоја од последниве четири децении била сукцесивно потопла од која било деценија претходно, од 1850 година наваму. Иако ги имало и во минатото, поради глобалното нарушување на климата и животната средина, топлотните бранови (периодите на екстремно високи температури) станаа подолги, почести и поинтензивни.
И покрај тоа што се најмалку одговорни за нарушувањето на животната средина на планетата, децата го носат најтешкиот товар од климатските промени и од нивното влијание. Децата се најподложни на последиците од климатските промени – суши, поплави, пожари и други драстични вонредни состојби. Денес, милијарда деца ширум светот се изложени на екстремни ефекти од климатските промени. Се предвидува дека состојбата уште повеќе ќе се влошува бидејќи глобалната просечна температура ќе порасне, а обрасците на временските услови ќе стануваат сè понестабилни.
Се очекува дека децата несразмерно ќе трпат ефекти од ризиците на климатските промени. Нивните тела сè уште растат и се развиваат, што ги прави поподложни на болести, вклучувајќи ги и оние кои се јавуваат како последица на климатските промени. Ризикот од топлотен стрес и топлотен удар кај децата веројатно ќе се зголеми, бидејќи температурите ќе пораснат. Топлотниот стрес ја влошува и нивната постоечка здравствена состојба.
Топлотните бранови и детското здравје
Над една третина од сите деца во светот денес (820 милиони деца) се директно изложени на топлотни бранови. Се предвидува дека состојбата дополнително ќе се влошува бидејќи глобалната просечна температура ќе порасне, а обрасците на временските услови ќе стануваат сè понестабилни.
Летото е период на најголема закана по здравјето на децата поради високите надворешни температури. Децата минуваат низ процеси на раст и развој, а поради нивната физиологија, нивните тела сè уште не се способни да ја регулираат температурата толку бргу како телата на возрасните. Особено новороденчињата и доенчињата (деца од еден месец до една година) се изложени на најголем ризик да се разболат, па дури и да умрат, поради прекумерна топлина.
Здравјето на децата е одговорност на сите нас, бидејќи:
- Децата не знаат да го слушаат сопственото тело
- Многу малите деца не можат да кажат како се чувствуваат
- Децата често не знаат дека треба да се оддалечат од топлината
- Топлотен удар може да се случи ненадејно и без каква било најава
- Топлотниот удар може да биде фатален за детето
- Топлотниот удар кај децата често може да се спречи
Водич за родители за многу жешко лето
Топлотен удар кај децата
Топлотен удар се јавува поради долг престој надвор за време на високи температури и како последица на директна изложеност на сонце, но и како последица на престој во затворен простор, поради влажен и прегреан воздух, односно во јавен превоз, автомобил или прегреан стан.
Иако родителот може да се чувствува пријатно на одредена температура, не мора да значи дека и детето се чувствува исто, бидејќи терморегулацијата треба допрва да му се стабилизира.
Како да ги заштитиме децата
- Новороденчињата, доенчињата и малите деца треба да се изнесуваат надвор рано наутро и доцна попладне. Не е препорачливо малите деца да ги изнесувате надвор во најтоплиот период од денот, од 11 до 18 часот.Детето треба да биде облечено во широка облека од природни материјали (памук, лен), со главата задолжително покриена со памучна капа или шапка.
- Секогаш носете со себе шише вода што треба често да му го нудите на детето, барем голтка или две (наместо вода, може да биде и разредена лимонада).
- Никогаш не оставајте деца во автомобил или друг вид возило на сонце – дури ни на неколку минути!
Симптоми на топлотен удар кај децата
Топлотниот удар се појавува со конкретни симптоми, слични на вирусна инфекција. Пред да се манифестираат симптоми на топлотен удар, децата често манифестираат поблаги знаци на топлотна исцрпеност, како што се главоболка, гадење, вртоглавица и зуење во ушите. Главниот симптом на топлотен удар е зголемување на телесната температура поради брзото и прекумерно загревање на телото, при што за само половина час температурата може да се искачи и над 40°C. Симптомите на топлотен удар може да имаат и фатални последици.
- Интензивна вознемиреност и гласно плачење проследено со замор и поспаност
- Недостаток на потење и покрај прекумерната топлина
- Одбивање внес на течности
- Појава на конвулзии – грчеви во стомакот и мускулите
- Повраќање
- Хипервентилација
- Зголемен пулс
- Многу висока телесна температура
- Губење на свеста
- Повлекување на мекиот дел од главата на новороденчето/доенчето
- Кожата на рацете и нозете е жешка на допир и има црвенило на лицето
- По преместување на новороденчето/доенчето во сенка, рацете и нозете наеднаш стануваат ладни и почнуваат да треперат.
- Сува и топла кожа
- Недостаток на потење
- Интензивна главоболка
- Некохерентен говор
- Хипервентилација
- Зголемен пулс
- Вртоглавица
- Губење на свеста
- Пролив
- Грчеви по телото
- Висока телесна температура (40°C и повеќе)
- Зуење во ушите
- Збунетост (детето делува конфузно)
- Некохерентен говор
- Осип на кожата
Што да направите во случај на топлотен удар кај деца од сите возрасти?
- Веднаш повикајте брза помош/лекар доколку се сомневате дека детето имало топлотен удар.
- Додека не пристигне стручната помош, веднаш преместете го детето во сенка или извадете го од прегреаната просторија, автомобил или друго возило. Ако е можно, ставете го во соодветно климатизирана, или затемнета, добро проветрена просторија.
- Раскомотете го детето – тргнете ја целата непотребна облека.
- Веднаш понудете му малку течност – водата е најдобра опција ако условите го дозволуваат тоа.
- Измијте го лицето и телото на детето со млака вода. Ако водата не е достапна, изложете го детето на некоја воздушна струја (на пр., изладете го со вентилатор).
- Ставете неколку коцки мраз завиткани во ткаенина или ладна облога на главата на детето.
- Дури и неколку недели од топлотниот удар, детето е чувствително на високи температури, па затоа се советува престој во разладени простории и намалена физичка активност.
Никогаш не оставајте го вашето дете во загреан автомобил - дури ни на неколку минути
- Особено опасна ситуација за децата во текот на летото е дури и краток престој во автомобил. Нивната телесна температура расте три до петпати побргу отколку кај возрасните. Температурата во возилото може да се зголеми за 20 степени за само 10 минути. Кога детето е оставено во возило за време на жешките летни денови, неговата телесна температура бргу расте, па можен е фатален исход за само неколку минути. Никогаш не оставајте го детето без надзор во возилото – дури и кога прозорците се делумно отворени или моторот работи, со вклучена клима.
- Нека ви стане навика да го проверувате целото возило – напред и назад – пред да го напуштите и да ги заклучите вратите.
- Чувајте ги клучевите од автомобилот подалеку од дофат на детето и научете го дека автомобилот не е играчка.
- Чувајте ги вратите и багажникот на вашиот автомобил постојано заклучени во текот на годината, за децата да не можат да влезат без надзор.
- Ако забележите само дете во заклучен автомобил, веднаш извадете го, викнете брза помош и разладете го.
Sources:
This content was developed by UNICEF Serbia. Visit the original page for a full list of sources and credits.