УНИЦЕФ го поздравува усвојувањето на Националниот акциски план за правата на децата 2025-2029

Изјава од претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер

15 Август 2025
Two boys in a kindergarten hugging and smiling
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2020

Скопје, 15 август 2025: „УНИЦЕФ ја поздравува одлуката на Владата за усвојување на Националниот акциски план за правата на децата 2025–2029 како патоказ што ќе помогне во спроведувањето на Конвенцијата на ОН за правата на детето преку конкретни активности што ќе им користат на сите деца.

„Со усвојувањето на овој документ, Владата се обврзува да ги зајакне своите напори за заштита, промоција и почитување на правата на секое дете во Северна Македонија.

„УНИЦЕФ ја цени конкретната обврска што ја презема Владата за унапредување на превентивните механизми и мерките за справување со сите форми на насилство, злоупотреба и занемарување на децата; обезбедување еднаков пристап до здравствени услуги, ментално здравје и ран детски развој; промовирање инклузивно, квалитетно образование и можности за доживотно учење; и овозможување децата да ги изразуваат своите ставови и да влијаат врз одлуките што ги засегаат.

„Исто така, ги поздравуваме мерките опфатени во документот за намалување на детската сиромаштија и подобрување на пристапот до основни социјални услуги без дискриминација. Имплементацијата на Европската детска гаранција, со посебен фокус на детската сиромаштија и социјалното исклучување, како и предвиденото зголемување од 15% на паричните надоместоци за деца, може да помогне во намалување на нееднаквоста меѓу децата. УНИЦЕФ очекува овие мерки да придонесат за поголема социјална вклученост и еднаквост меѓу децата.

„Значаен чекор во Планот е обврската за формирање на Национален комитет за правата на децата. Создавањето на вакво постојано тело со мандат да ги координира сите активности и да ја следи усогласеноста на земјата со обврските според Конвенцијата за правата на детето беше една од главните препораки на Комитетот за правата на детето во неговите Завршни забелешки за Северна Македонија од 2022 година. Формирањето на телото и усвојувањето на Националниот акциски план за правата на децата ги исполнуваат важните критериуми за пристапување кон ЕУ утврдени во Патоказот за владеење на правото на земјата.

„УНИЦЕФ ги охрабрува властите да овозможат Националниот акциски план за правата на децата  да не остане само на хартија, туку да се преточи во акција и да добие потребни ресурси за целосна имплементација. Остануваме посветени на поддршка на Владата и партнерите во спроведувањето на Планот. Заедно, можеме да обезбедиме секое дете во земјата да ги ужива своите права, да расте во средина полна со можности и да придонесува за изградба на праведно и инклузивно општество за сите.“

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: [email protected]
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: [email protected]

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ, агенцијата на Обединетите нации за деца, работи на заштита на правата на секое дете, насекаде, особено на најранливите деца и на места до кои е најтешко да се допре. Во повеќе од 190 земји и територии, правиме сè што е потребно за да им помогнеме на децата да преживеат, да напредуваат и да го исполнат својот потенцијал.