Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината

Јане Велковски, 11-годишен застапник за правата на децата попреченост испрати силна порака до светските лидери

21 Ноември 2019
On 20 November 2019, (right) Jane Velkovski, 11, and Volodymyr Charushyn, 16, participate in a panel discussion as part of a global summit at United Nations Headquarters in New York, joining children and young people the world over in demanding action to protect and promote child rights.
© UNICEF/UN0347571/McIlwaine

Во прилог е целиот говор на Јане Велковски, 11-годишен застапник за правата на децата со попреченост на панел дискусијата – Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права на собирот на високо ниво во Генералното собрание на Обединетите нации “Триесет години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето и одбележување на Светскиот ден на детето“ што се одржа на
20 ноември 2019 во седиштето на Обединетите нации. 

“Многу сум среќен што сум денес овде. Јас сум роден со спинална мускулна атрофија, и поради тоа се движам со количка која ја викам Формула. Но моите родители од мал ме учеа дека можам да правам се што можат и другите, само на поинаков начин. Како што растев - тоа стана и мое правило - да правам се и да уживам во животот. 

Одам во  училиште и имам многу другари. Учам, шетам, играм, но мојата најголема страст е фудбалот. Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен. 

Фудбалот ми помогна да се борам за да добијам терапија, ме поврза со многу славни личности и ме направи голем борец за еднаквост во спортот. Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат.

Јас се сметам за еднаков со сите, така и се однесувам, и така треба сите да се однесуваме. Но не е лесно кога си во количка бидејќи има многу пречки на патот. 

Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам негде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен.

Децата како мене сигурно исто се чувствуваат и би сакал да им порачам - да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон. Треба да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема.

А на возрасните сакам да им порачам - треба да направите се за правата на децата, и отстранете ги сите бариери.  Да нема дискриминација!“

 

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.