Светски ден на детето 2023 - Децата го преземаат Собранието

УНИЦЕФ и Собранието организираа настан на високо ниво „Децата го преземаат Собранието“ на кој децата и младите пред парламентарците ги претставија своите најгорливи прашања, потреби и гледишта

Светскиот ден на детето е ден за акција од децата за децата на глобално ниво, што се одржува секоја година по повод усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето.

По повод 30 години откако Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето, УНИЦЕФ и Собранието организираа настан на високо ниво „Децата го преземаат Собранието“ на кој парламентарците директно слушнаа од децата и младите за нивните најгорливи прашања, потреби и грижи.

Овој настан претставуваше можност Собранието да ги обнови меѓу-партиските заложби за работа во насока на унапредување на правата на децата и разгледување на некои од препораките од последните Заклучни согледувања на Комитетот за правата на децата.

Embedded video follows

Заклучоци од собраниската седница „Децата го преземаат Собранието“

Децата и младите презедоа собраниската седница на која се зборуваше на три теми коишто децата ги одбраа како најважни. Меѓу нив беа прашањата за квалитетно образование, состојбата со менталното здравје и учеството на децата во донесувањето одлуки што го засегаат нивниот живот.

Дознајте повеќе за заклучоците што децата ги изнесоа и усвоија на седницата на Собранието.

Комисијата за образование, наука и спорт претставувана од група деца-пратеници ги презентираше следните Заклучоци:

  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно зголемување на финансиската поддршка за образованието. Ова вклучува инвестиции во инфраструктура, обучување на наставници, и обезбедување на модерни учебни средства.
  • Ние децата пратеници сметаме дека треба да постои адаптирање на образовниот систем за поддршка на различните стилови на учење согласно потребите на учениците, како и овозможување на критичко размислување и креативност во наставата.
  • Ние децата пратеници сметаме дека потребно е да има инклузивно образование. Притоа, сметаме дека секој ученик, вклучувајќи ги и оние со посебни потреби, има право на квалитетно образование.
  • Ние децата пратеници сметаме дека потребно е да се обезбеди поддршка и обука за наставниците, со акцент стимулирање на нивната креативност при ангажирање во учењето.
  • Ние децата пратеници сметаме на учениците треба да им биде овозможено непосредно да учествуваат и да бидат дел од образовниот процес во кој ќе бидат сослушани и разбрани нивните индивидуални интереси, а со тоа да и да се развие нивното критичко размислување.

Комисијата за здравство претставувана од група деца-пратеници ги презентираше следните Заклучоци:

  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно поголемо промовирање и информирање во рамките на училиштата и на самите родители (кампањи, емисии итн.) кои ќе се фокусираат на подигање на општествената свест).
  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно педагошко унапредување на наставниците и ангажирање на повеќе стручни лица во секое училиште како би се надминал проблемот на достaпноста и можноста секое дете да си дозволи таков вид на поддршка.
  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно воведување задолжителни часови за ментално здравје во наставната програма.
  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно постојано да има линија за поддршка на деца и млади, и тоа 24/7, за зголемување на дигиталната безбедност и поддршка на менталната благостојба на децата и младите.
  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно обезбедување на матичен психолог за младите.

 

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците претставувана од група деца-пратеници ги презентираше следните Заклучоци:

  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно да се измени Законот за младинско учество и младински политики со кој секоја образовна институција ќе биде обврзана да ги претстави сите начини на младинско организирање кон средношколците и основците од деветто одделение, со што тие ќе се запознаат со тоа како да станат активни граѓани. Конкретно бараме измена во програмата за граѓанско образование (9. одделение, I година средно стручно, по една тема/модуларна единица), социологија за гимназиско образование (една модуларна единица) и вклучување на повеќе теми поврзани со младинското учество во рамките на програмата за ОЖВ - класен час; 
  • Ние децата пратеници бараме целосно имплементирање на Законот за младинско учество и младински политики во кој  се дефинира и бара формирање на Национално собрание за млади, кое понатаму треба да креира приоритети и политики за застапување на младите (младинските претставници), ја координира и следи нивната работа.
  • Ние децата пратеници бараме формирање и исполнување на поригорозна временската рамка за имплементација на законот, во спротивно да бидат санкционирани телата кои што нема да ја почитуваат.
  • Ние децата пратеници бараме одвојување на поголем процент од Бруто Домашниот Производ за проекти насочени за младите и младинското учество на национално, а особено на локално ниво.
  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно основање на Младинска канцеларија во рамките на Собранието, каде што ќе можат директно да стапат во контакт со соодветни лица.
  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно воспоставување на младинска квота во Собранието, бидејќи најмногу младите сами си ги знаат своите потреби и најдобро сами би се претставиле и би го претставувале својот глас.
  • Ние децата пратеници сметаме дека е потребно усогласување на Законот за средно образование, со што од секое училиште ќе се бара формирање на младинска организација/ученички парламент.

Галерија

Преземање на улогата Претставник на УНИЦЕФ

Embedded video follows

Социјални медиуми