Најновото истражување покажува дека граѓаните се загрижени за климатските промени и нивното влијание врз децата
Младите покажуваат поголема загриженост и поголема мотивација да дејствуваат
СКОПЈЕ, 1 март 2022 година: Последното истражување за знаењата, ставовите и практиките на јавноста во врска со климатските промени и животната средина покажува дека најголем дел од граѓаните (73%) се загрижени за климатските промени и за нивното негативно влијание врз квалитетот на живот на децата.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека дури 62% од испитаниците го сметаат загадувањето на воздухот за најголема еколошка закана, при што младите покажуваат поголема загриженост во споредба со другите возрасни групи. Помладите испитаници исто така искажале поголема мотивираност за учество во активности за заштита на животната средина. Истовремено, најактивната категорија граѓани кои лично презеле акција се испитаници на возраст од 15 до 18 години.
„Климатската криза не е веќе закана за иднината. Таа стана реалност и општеството е сè посвесно за овој проблем. Позитивен и исклучително надежен момент во целата оваа криза е тоа што децата и младите се мотивирани да сторат нешто за решавање на овој проблем, а ние имаме одговорност да продолжиме да создаваме простор за нивен ангажман и учество и на тој начин да овозможиме да биде слушнат нивниот глас и нивните потреби да најдат свое место при носењето одлуки” – изјави Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
Според 66% од испитаниците, индустријата е факторот кој најмногу придонесува за климатските промени, по што следуваат транспортот и сообраќајот (мислење на 44% од испитаниците). Горењето на отпадот на дивите депонии (40% од испитаниците), односно загревањето на домаќинствата со необновлива енергија (38% од исптаниците) се исто така наведени во истражувањето како најголеми придонесувачки фактори за климатски промени.
Граѓаните беа поделени околу нивната подготвеност за личен ангажман во активности за климатска акција и заштита на животната средина. Додека 46% од испитаниците се лично мотивирани да учествуваат во такви активности, високи 43% не се согласуваат дека тие како поединци можат било што да направат во врска со климатските промени, а речиси половина од нив би сториле нешто само откако ќе видат дека другите околу нив направиле нешто. Иако речиси половина од испитаниците се чувствуваат мотивирано, само 19% одговориле дека тие лично имаат направено нешто по ова прашање.
Огромно мнозинство испитаници (90%) веруваат во влијанието на семејството во градењето свест за животната средина и климатските промени, а подеднаков број веруваат дека училиштата се најдоброто место каде учениците можат да разберат на кој начин нивните одлуки и активности влијаат врз животната средина и како да ја направиме нашата животна средина здрава и одржлива за во иднина.
Истражувањето опфати 1200 разговори лице в лице во вкупно 46 општини, како урбани така и рурални, со репрезентативно избран примерок на испитаници од сите 8 статистички региони во државата. Тоа беше спроведено како дел од проектот „Зајакнување на младите и децата со цел да бидат активни двигатели на промени за намалување на ранливоста на заедницата кон климатските промени”, кој го спроведува УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведската агенција за меѓународен развој (SIDA).
Клучните наоди од студијата послужија како основа за дискусија на млади еколошки активисти кои беа поддржани од УНИЦЕФ преку процесот на создавање на младински раководена Стратегија за комуникација и промени во однесувањето во врска со климатската акција и заштитата на животната средина наменета за целокупната јавност.
Минатата година УНИЦЕФ поддржа неколку консултативни иницијативи со млади, меѓу кои „Младинско учество за климатска акција и поамбициозни национално утврдени придонеси“, „Преосмисли ја иднината” и „U-report” , со цел да го чуе гласот на младите од целата држава во врска со животната средина и климатските промени, што резултираше со Младинска декларација за климатските промени во која се утврдени 5 конкретни барања: да се овозможи младите луѓе да бидат двигатели на решенијата во врска со климата; лицата кои одлучуваат да ги преосмислат економските модели и да изнајдат начини со кои ќе ги стимулираат индустриските капацитети да работат одржливо; промоција на поправка и повторна употреба на производи со што ќе се продолжи нивниот век на траење; децентрализирање на производството на електрична енергија со акцент на поттикнување соларни енергетски задруги; и воведување на образование за климатските промени со искуствено учење.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.