Менталното здравје и благосостојбата: пренасочување на разговорот

Совети за надминување на стигмата поврзана со менталното здравје

UNICEF
Decorative illustration: Switching the conversation
UNICEF North Macedonia / 2024
09 Октомври 2024

Сосема е нормално децата, тинејџерите и возрасните во различни моменти од животот да доживеат тешки периоди поврзани со нивното ментално здравје и благосостојба. Но, не е секогаш лесно да се зборува за овие проблеми. Понекогаш луѓето се срамат да ги споделат чувствата, се плашат дека ќе наидат на осуда и дека ќе  ги сметаат за „слабаци“ или „лудаци“. Ова предизвикува чувство на изолираност, па дури и води кон влошување на проблемите со менталното здравје. Ваквите негативни и неправедни верувања во врска со проблемите со менталното здравје се нарекуваат стигма.

Не само што стигмата е неисправна и неправедна, туку може да биде и опасна. Таа може да ги спречи луѓето да побараат поддршка кога им е потребна.

Ајде да ја разбиеме стигмата околу менталното здравје чекор по чекор. Треба да создадеме култура во која секој ќе се чувствува комотно да зборува за емоциите и да побара помош, без оглед на возраста. За подобар живот на сите деца, тинејџери и семејства, ајде да го промениме начинот на кој зборуваме за тоа: ако прашате „Kако си?“, почекајте го одговорот и покажете сериозен интерес. Да не користиме „Kако си?“ само колку да кажеме нешто.

„Добро ли си?“

„Како навистина се чувствуваш?“

„Што си мислиш?“

Како да разговараш со пријател или член на семејството кој е тажен или вознемирен без да ги зацврстуваш стереотипите

Нормално е да не знаеш што да направиш или да кажеш кога некој ќе сподели дека има тешки мисли и чувства. Но не е потребна  посебна обука за да покажеш грижа и интерес. Најчесто, самото присуство и ситните постапки може да бидат многу корисни.

Понекогаш, раговорот не е доволен сам по себе и можеби ќе треба да го охрабриш лицето да разговара со возрасен на кој му верува како на пример со родител, наставник или училишен психолог.

Еве неколку совети како да разговараш со некој што има проблем:

  • Слушај без да судиш: Самото тоа што си на располагање да ислушаш некој, за него може да биде успокојувачко. Ако на лицето му е тешко да зборува, кажи му дека може да смета на тебе кога ќе сака да ти каже низ што минува. Нека зборува за чувствата кога ќе биде подготвено без да го прекинуваш или да му судиш.
  • Обиди се да не претпоставуваш: Твојата перспектива може да му биде корисна на пријателот или на семејството, но обиди се да не претпоставуваш дека веќе знаеш што ги предизвикало неговите чувства или што ќе помогне.
  • Избегнувај стереотипи: Не користи фрази со кои се зацврстуваат негативните стереотипи за менталното здравје.
  • Искажи поддршка: Покажи дека се грижиш и дека си на располагање за пријателот или пријателката. Ако можеш, искрено увери ги дека не се сами и дека си тука да помогнеш.
  • Ако треба, поттикни го/ја да побара стручна помош: Доколку е потребно, внимателно предложи разговор со стручно лице за ментално здравје – училишниот психолог е добар почеток.
  • Биди стрплив/а: Може да паднеш во искушение и натаму да поставуваш прашања за да дознаеш повеќе за мислите и чувствата на соговорникот или ќе сакаш да добие помош што побргу. Покажи трпеливост, остави го сам да го воспостави темпото на барање поддршка. Запомни, во ред е да не знаеш што да кажеш. Самото твое присуство може да направи голема разлика. Сепак, понекогаш е тешко да се изберат вистинските зборови.

Еве неколку совети како да започнеш разговор за да им покажеш на луѓето што ги сакаш дека може да сметаат на тебе:

  • „Ти се јавувам зашто во последно време те мислам и се надевам дека сѐ е во ред. Ајде да си помуабетиме кога ќе се ослободиш!“
  • „Навистина, како си? Понекогаш ми доаѓа премногу од сѐ, а тебе?“
  • „Ама тешка година! Како издржуваш? Мене ми беше чудна, дефинитивно!“
Графичко решение со совети како да започнеш разговор (содржината е достапна во текстот)
UNICEF North Macedonia / 2024

Кога разговараш со некој што минува низ тежок период, некои зборови може да испаднат прегруби. Еве неколку предлози за тоа какви зборови да користиш, а што да избегнуваш:

  • Наместо „Премногу размислуваш.“ пробај да кажеш „Што те тера така да мислиш?“
  • Наместо „Премногу се секираш...“ пробај да кажеш „Сфаќам зошто се чувствуваш така.“
  • Наместо „Не е голема работа, имаш сѐ.“ пробај да кажеш „Како може да ти помогнам?“
Графичко решение со предлози какви зборови да користиш (содржината е достапна во текстот)

Според анкетата на UReport, стигмата и стравот од осудување придонесуваат кон намалено учество на адолесцентите и кон помало користење на услугите за ментално здравје во Северна Македонија.

Кога ќе се разоткријат митовите за менталното здравје може да се разбие и стигмата поврзана со менталното здравје и да се создаде средина во која секој ќе се чувствува комотно да побара помош кога му е потребна. Прочитај за некои од вообичаените заблуди за менталното здравје.

Слушај внимателно што сака да ти каже пријателот без да ги зацврстуваш стереотипите:

  • Стереотип: „Само си мрзлив/а!“ наспроти Реалност: „Се чувствувам тажно и загрижено, не можам ништо да направам.“
  • Стереотип: „Само бараш внимание.“ наспорти Реалност: „Не ми е добро.“
  • Стереотип: „Не ти е гајле за школо.“ наспроти Реалност: „Потребен ми е одмор. Ми треба помош.“
Графичко решение со чести стереотипи за менталното здравје наспроти реалноста (содржината е достапна во текстот)