Разбирање на менталното здравје
Дознајте повеќе за одредени чести состојби со менталното здравје
Менталното здравје е супер важно!
Тоа е пресудно за начинот на кој размислуваме, чувствуваме, учиме, работиме, градиме односи и придонесуваме за светот. Менталното здравје е повеќе од немање ментални проблеми – тоа претставува голем дел од нашето целокупно здравје и благосостојба.
За тинејџерите, менталното здравје претставува способност да се одговори на барањата на училиште или на факултет, стекнување здрави пријателства и снаоѓање со првите романтични врски. Тоа е основа за личен напредок и исполнет живот.
Запомни, доброто ментално здравје претставува процес. Без оглед дали се справуваш со секојдневни предизвици или со еден проблем, барањето поддршка и практикувањето грижа за себе се суштински чекори за напредок.
Ајде да истражиме некои чести состојби со менталното здравје.
Разбирање на анксиозноста
Анксиозноста е чувство на загриженост или страв во врска со нешто. Тоа е природно човечко чувство по кое обично се смируваме и се чувствуваме подобро.
Малку загриженост и страв може да ни помогнат, па дури и да нè заштитат од опасност. Но, понекогаш анксиозноста ни дава чувство дека работите се полоши отколку што навистина се и може да нѐ преоптерети. Постојаната загриженост не е добра за нашето ментално здравје.
Ако анксиозноста те спречува да правиш работи во кои уживаш или ако чувствуваш прекумерна загриженост и паника при секојдневните ситуации, тогаш е важно да добиеш поддршка.
Разбирање на депресијата
Во ред е понекогаш да се чувствуваш разочарано. Лошото расположение не секогаш има јасна причина. Сосема е нормално повремено да не се чувствуваш најдобро или да ги прескокнеш активностите што обично ти прават задоволство. Но, ако деновите во кои не се чувствуваш добро ги надминуваат добрите денови, можеби се соочуваш со депресија.
И покрај вообичаените верувања, депресијата не претставува слабост ниту мрзеливост што треба да се надмине. Таа претставува состојба со менталното здравје што може да погоди секого на секоја возраст и во секое време од животот. Може да се јави без јасна причина, но и да се јави по тешки искуства. Може да им се случи дури и на оние кои навидум изгледаат задоволно и среќно за надворешниот свет.
Запомни дека дури и во најмрачните времиња треба да се сакаш и да водиш сметка за себе, а најдобар начин за тоа е да побараш помош. Ако мислиш дека се соочуваш со депресија, има повеќе опции за поддршка. Може да избереш разговор со некој што го сакаш и му веруваш – пријател, член на семејството, наставник, училишен психолог. Исто така, може да побараш помош од матичниот лекар.
Разбирање на паничните напади
Паничниот напад е интензивно чувство на страв и вознемиреност. Често се случува кога си навистина под стрес или си загрижен/а за нешто во животот. Тоа е кога одеднаш толку ќе се возбудиш што речиси е невозможно да ги повратиш стабилното отчукување на срцето и дишење.
Во паничните напади, овие чувства се појавуваат ненадејно и обично се придружени со интензивни физички симптоми како што се чувство дека ќе се онесвестиш, отежнато дишење и забрзано срцебиење. Понекогаш, ти се чини дека нешто страшно ќе се случи, дури и кога нема реална опасност.
Ако доживееш паничен напад потсети се дека ова чувство е привремено – обиди се да запомниш дека паничните напади секогаш завршуваат и дека не си во опасност. Запомни дека физичките сензации се предизвикани од ослободување адреналин. При ваква состојба, обиди се да бидеш трпелив/а и да почекаш да се намали нивото на адреналин. Паничниот напад може да се случи како во услови на стресна ситуација, така и случајно, во нормални околности.
Ваквата состојба може да му изгледа страшно на оној што ја доживува. При ваква состојба, добиваме чувство дека сме одвоени од умот, телото и околината. Но, треба да се напомене дека нападите на паника не предизвикуваат физички последици. Може да побараш поддршка и од матичниот лекар. Ако не се открие друга физичка болест или состојба како причина за овие симптоми, лекарот може да те упати кај стручно лице за ментално здравје.
Разбирање на стресот
Стресот е она што го чувствуваме кога сме загрижени, кога ни е непријатно или кога нешто нѐ притиска. Сите понекогаш доживуваме стрес, но кога тој ќе стане преголем или ќе трае предолго, може да почне да ни штети.
Стрес е кога се чувствуваш преоптоварено или кога чувствуваш дека си под преголем притисок. Стресот може физички да нѐ погоди. Понекогаш телото ни е многу напнато, срцето ни чука забрзано и потешко заспиваме.
Малку стрес може да биде добар и да те мотивира да ги постигнеш целите, како на пример, да положиш испит или да одржиш говор. Но, кога е преголем стресот може негативно да влијае врз нашата способност да правиме секојдневни работи како што се одење на училиште, спиење, активности во кои уживаме или може да влијае на начинот на кој комуницираме со другите.
Повеќето луѓе повремено доживуваат стрес. А за младите, важно е да запомните дека вашето тело и мозок се развиваат многу бргу. Постојат бројни совети за тоа како да го контролираш стресот, но ако ти е тешко да се справиш или ако стресот трае долго, побарај поддршка – училишниот психолог е добар почеток.
Без оглед дали се справуваш со секојдневни предизвици или се соочуваш со еден проблем , барањето поддршка и практикувањето грижа за себе се суштински чекори кон напредување.
Барањето помош е знак на сила – тоа покажува самосвест и храброст да се побара поддршка во тешки времиња.