Ментално здравје: кога да се побара стручна помош

Неколку знаци дека треба да побараш професионална помош

UNICEF
Decorative illustration: When to seek professional support
UNICEF North Macedonia / 2024
09 Октомври 2024

Справувањето со неизвесноста и животните промени, излегувањето накрај со емоциите како што се стресот и анксиозноста, може да бидат исцрпувачки за секого. Затоа е супер важно да внимаваш на сопственото физичко, ментално и емоционално здравје, како и на здравјето на пријателите и семејството.

Сосема е во ред да се побара психолошка и морална поддршка. Ако чувствуваш дека тагата, лошото расположение и опсесивните мисли не те оставаат на мира, побарај професионална помош.

Еве неколку знаци дека треба да побараш професионална помош:

  • Не си во состојба да ги вршиш вообичаените активности поради тоа како се чувствуваш.
  • Постојат екстремни или долготрајни промени во твоите вообичаени навики за јадење и спиење.
  • Чувствуваш паника, на пример, имаш чувство дека не можеш да дишеш, имаш силно срцебиење и не можеш да се смириш.
  • Посегнуваш по  алкохол или дрога за да се справиш со состојбата.
  • Чувствуваш дека повеќе не вреди да се живее.
  • Имаш мисли да ги повредиш другите, себеси или да ставиш крај на својот живот.
  • Доживуваш насилство или злоупотреба.

Ако се плашиш дека  ќе ти биде тешко да зборуваш за тоа како се чувствуваш, запомни дека не мора одеднаш да зборуваш за сѐ што доживуваш. Може да започнеш со споделување  само неколку информации или ќе му кажеш некому дека ти треба помош.

„Искрено, не знаев дека во училиштата може да разговараме со психологот. Мислам дека е важно секое училиште да им даде до знаење на учениците дека може да одат на психолог“.

– Моника, ученичка

Барањето помош е знак на сила – тоа покажува самосвест и храброст да се побара поддршка во тешки времиња.

Обраќањето до некој во кој имаш доверба може да ти помогне да се поврзеш со стручно лице – училишниот психолог или матичен лекар се добар почеток – исто така, достапни се телефони за помош на деца и адолесценти.