Нова генерација еко-војници

Пет девојки заморени од глетката на град преплавен со отпадоци, одлучија дека е време „да објават војна“ и да направат нешто за тоа.

UNICEF
A drawing representing the project proposal of the eco-team, with the problem being presented on a tree
UNICEF/2018/Dimishkovski
19 Декември 2018

Пет девојки заморени од глетката на град преплавен со отпадоци, одлучија дека е време „да објават војна“ и да направат нешто за тоа. Преку програмата UPSHIFT, нивната идеја да се подигне свеста и да се исчисти градот наскоро ќе стане реалност.

За Емел, Викторија, Симеона и двете Емилии, како што ги викаат нивните пријатели, нема поголем проблем од нешто „што боде очи”. За нив беше премногу да се седи настрана и да се гледа целиот тој отпад кој се фрла по улиците и парковите низ Гостивар, па затоа се одлучија да направат нешто да ја сменат таквата глетка што обесхрабрува.

„Тажно е да се гледа како нашите сограѓани фрлаат отпад насекаде, како се уништуваат зелените површини на градот, па дури и се крадат кантите за отпадоци во јавниот простор. Во повеќето случаи,  луѓето тоа го прават затоа што едноставно не знаат како е подобро. Тие не се свесни за влијанието врз животната средина,” објаснува ЕКО-БОН ТОН тимот.

По краткото истражување, тие дојдоа до јасна идеја како да ја променат таа слика за нивната заедница.

„Сфативме дека не постои организиран начин за едукација, која е потребна да се подигне свеста за овие работи. Забележавме дека не постојат ни стимулативни мерки кои ќе ги инспирираат луѓето да станат посвесни за животната средина,” вели Симеона.

Но, ѕвездите како да застанаа на нивна страна, кога се објави првиот повик за програмата UPSHIFT.

„Долго време зборуваме за овој проблем и секогаш се запрашувавме што можеме да направиме за да поттикнеме промена во општеството,” објаснуваат двете Емилии. „Кога го видовме повикот за UPSHIFT, знаевме дека мораме да се пријавиме.”

The eco team presenting their project idea on the first UPSHIFT workshop in the country
UNICEF/2018/Georgiev

За кратко време ја ставија својата идеја на хартија, се пријавија и беа избрани за првата работилница, организирана од CEED Hub Скопје, со поддршка на Министерството за образование, Бирото за развој на образование, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ. Нивна цел е преку комбиниран метод со примена на директни и индиректни мерки да се одржи промената, како што е изработка и поставување на уметнички дизајнирани канти за отпадоци со порака која ќе ги охрабрува и повикува граѓаните да го ставаат отпадокот каде што му е место; како и активности за подигнување на свеста и поттикнување на општината да го подобри работењето за чиста животна средина.

Во партнерство со искусни ментори, тие можеа подобро да ја дефинираат идејата на доста убедлив и остварлив начин. Преку овој процес, нивните идеи станаа остварливи и активностите беа избрани врз основа на ефектите кои ќе се постигнат –  со цел да се направи компактна целна активност со која ќе се изврши најголемо влијание. Исто така, тие беа избрани да добијат финансиска поддршка која ќе овозможи нивната идеја да стане реалност.

„Ќе креираме уметнички дизајнирани метални канти за отпадоци со порака граѓаните не само да го ставаат отпадот таму каде што припаѓа, туку и да може да се рециклира,” вели Викторија.

„Ќе ги поставиме на најфреквентните места во градот,” додава Емел.

Најинтересниот дел е дека девојките се служеа со бихејвиоралната наука и со технологија за да ја продлабочат својата идеја. Со помош на нашите вешти ментори за технологија, тие можеа да дизајнираат концепт за апликација која ќе ги мотивира луѓето да го фрлаат отпадот на вистинското место – за секое рециклирано парче пластика, стакло или хартија, корисникот добива поен и награда.

The eco team on a brainstorming session with mentors on how to improve their project idea
UNICEF/2018/Georgiev

Идејата е да се влијае на ставовите за животната средина, па тие планираат да работат со училиштата, но и со градските власти и социјалните служби.

„Се создаде еден вид на стигма за луѓето кои се волонтери или се вклучени во програми за чистење на градот. Тие се етикетирани, понижувани и обесхрабрувани заради тоа што го прават, а ние ќе работиме со општината и социјалните служби да се надмине тоа,” кажува Викторија.  

По вклученоста во неколку еколошки проекти, не е чудо што овие млади, но веќе искусни и неверојатно мотивирани девојки, ќе помогнат во Гостивар наскоро да има нови дизајнирани канти за отпадоци и граѓани кои малку повеќе ќе ја ценат животната средина.

The eco team with their mentor and the certificates for successful completion of the UPSHIFT workshop
UNICEF/2018/Georgiev

„И претходно сме биле вклучени во еколошки проекти, но, овој пат, за прв пат сме вклучени во ваков тип на програма за социјални иновации и чувството е навистина прекрасно,” велат девојките. „Ќе продолжиме и понатаму да дејствуваме на овој начин, дури и кога ќе заврши проектот UPSHIFT”.

UPSHIFT е програма која има за цел да се поддржат млади луѓе да станат социјални иноватори и претприемачи. Тоа е комбинација од работилници за социјални иновации, каде младите луѓе учат нови вештини по пат на менторство и финансиска поддршка. Тие ги откриваат проблемите во заедницата, изнаоѓаат иновативни решенија за нив и добиваат поддршка за да нивната идеја стане реалност. Тоа ја поттикнува нивната резилиентност, креативност и самодоверба, а заедниците се развиваат благодарение на решенијата кои тие ги креираат.