“Најдобрата одлука што ја донесов беше да станам згрижувач”
Да се згрижи дете, значи да се прифати како свое

Мајлинда и Дончо Трајановски се едни од ретките згрижувачи во Северна Македонија што згрижуваат бебиња. Свесни се дека овој вид згрижување е краткотраен и дека во текот на неколку месеци тие треба да му пружат на бебето топла семејна средина сè додека системот за детска заштита не изнајде трајно решение како што е враќање на детето во биолошкото семејство или посвојување.

Мајлинда за првпат слушна за можноста да се згрижат деца без родителска грижа од пријателка пред три години. “Од тој момент не можев да мислам на ништо друго.“ Полна со возбуда од новата помисла, поразговарала со сопругот и одлучиле да се пријават и да поминат низ обуките за згрижувачи. “Имаме голема куќа, зошто не би помогнале на деца што поминуваат низ тежок период и бараат топол дом,“ велат тие.

Во моментот ова семејство згрижува едно бебе и две братчиња без родители на возраст од 10 и 12 години кои одат на училиште заедно со нивните деца кои пак се на возраст од 11 и 13 години.
“Јас одам на родителски средби за децата што ги имаме згрижено, а мажот ми оди на родителски кај нашите деца. Потребно е трпение, децата што се кај нас поминале низ тешки искуства, изгубиле родители, на училиште попуштија и се обидувам да работам со нив. Навечер, за да не гледаат во мобилните, смислувам игри, на пример на буква на буква или во дворот играме фудбал. Ако нема други деца со кои би играле, јас играм со нив, “ се смее.
“Голема поддршка добивам од мажот ми. Многу е приврзан кон бебето што го чуваме сега... се буди ноќе за да провери како спие, а наутро и зборува – кај си ма ти? кај си ти?”

Првото дете што го згрижи семејството на Мајлинда пред една година имаше среќна разрешница, беше посвоено. “На девојчето му посакувам сè најдобро во животот. Ми беше тешко да се разделам од неа, но знам дека сега е кај добри луѓе.“ вели Мајлинда која го прими детето кога имаше 11 дена, а шест месеци подоцна ја предаде со насмевка и низ солзи.
Шест месеци или една година во животот на едно бебе значат многу. Во овој клучен период за развојот на детето секое поединечно искуство влијае врз развојот на мозокот и го обликува начинот на кој тоа дете размислува, се однесува и учи во текот на целиот живот. Отсуството на семејна грижа може да остави лузни низ целиот живот. Затоа згрижувачките семејства и роднинското згрижување се најдобар начин на децата без родителска грижа да им се обезбеди семејна топлина и чувство на сигурност и припаѓање.

Згрижувачките семејства, роднинското згрижување и малите групни домови прераснаа во главни алтернативни решенија за децата без родителска грижа по успешната деинституционализација и затворањето на големите установи за деца во 2019 година што се спроведе со поддршка од УНИЦЕФ.
Оттогаш УНИЦЕФ работи со Министерството за труд и социјална политика на понатамошно зајакнување на системот за детска заштита, со фокус на згрижувачките семејства и роднинското згрижување. Основната цел е да се зголеми бројот на згрижувачки семејства кои, слично како семејството на Мајлинда, во својата одлука да згрижат дете, се раководат од искрена желба да помогнат и да пружат љубов.
За повеќе информации како да згрижите дете посетете ја страницата: www.zgrizuvanje.gov.mk