Кампања на УНИЦЕФ „На секое дете му треба семејство“ за проширување на мрежата на згрижувачки семејства

18 Мај 2023
Foster care
UNICEF/2023

Скопје, 17 мај, 2023: Министерството за труд и социјална политика и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денес ја покренаа кампањата за згрижувачки семејства „На секое дете му треба семејство“ за да мобилизираат повеќе згрижувачи кои имаат искрена мотивација и желба да згрижат деца, вклучувајќи деца со попреченост, бебиња, деца кои се жртви на насилство или занемарување и деца на кои им е потребна грижа затоа што се изложени на ризици.

„Свесни сме дека никако не можеме да ги замениме љубовта и поддршката од семејството. Затоа сме толку посветени да создадеме мрежа на згрижувачи и да им обезбедиме целосна поддршка од институциите на системот за да можат на децата што имаат потреба од згрижување да им ја пружат најдобрата можна нега и грижа,“ изјави Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

„Северна Македонија вложи исклучителни напори со цел ниту едно дете да не живее во голема институција. За жал, секогаш ќе има случаи кога нема да биде можно, безбедно, или нема да биде во најдобриот интерес на детето да живее со биолошкото семејство,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

„Во таквите случаи, прво треба да се поддржи биолошкото семејство. Но ако со поддршката не може веднаш да се подобри ситуацијата во семејството, постојат алтернативни форми на грижа, а згрижувачките семејства се најдобрата алтернатива на семејна средина.“

Foster care
UNICEF/2023

Згрижувачките семејства и родниското згрижување, заедно со малите групни домови, станаа главните алтернативни решенија за семејна грижа за децата без родителска грижа по успешната деинституционализација на децата од големите установи во 2019 година.

Со кампањата „На секое дете му треба семејство“ ќе се поддржат заложбите на Ресурсните центри за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје и Битола и Центрите за социјална работа во целата земја за да се зголеми интересот за згрижување и да се создаде мрежа на згрижувачи во секоја општина. На овој начин, системот за згрижување ќе добие можност да помогне во одржувањето врска со семејството, заедницата и културната позадина на детето.

Кампањата содржи документарни сведочења од семејства кои одлучиле да станат згрижувачи мотивирани од искрената желба на детето да му дадат љубов и да му обезбедат стабилна, сигурна и поттикнувачка средина; содржини на социјалните медиуми и веб огласи и постери, со кои се промовира вебсајтот https://zgrizuvanje.gov.mk/ каде што потенцијалните згрижувачки семејства ќе можат да добијат дополнителни информации за згрижувањето и како да се пријават.

Foster care
УНИЦЕФ/2023

Заедно со Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ исто така, ги поддржува Ресурсните центри за поддршка на згрижувачките семејства во Битола и Скопје во нивните напори да пружат помош и водство на згрижувачките семејства.

УНИЦЕФ исто така работи на зајакнување на поддршката во заедницата и промовирање позитивно родителство со цел да се создаде механизам со воспоставени политики, процедури и услуги за да се спречи одвојување на децата од семејството и заедницата.

Унапредувањето и зајакнувањето на системот за згрижување во Северна Македонија е дел од поширока реформа на детската заштита, поткрепена со Конвенцијата за правата на детето и Упатството за алтернативна грижа на деца на ОН, со кои се утврдува дека децата најдобро растат и се развиваат во средина која им обезбедува нега и љубов и во која се поддржани од родители кои се грижат за нив и реагираат на нивните потреби.

Годинава УНИЦЕФ ја одбележува 30-годишнината од својата работа во Северна Македонија, а успешниот процес на деинституционализација се издвојува како една од главните придобивки од заложбите на УНИЦЕФ секое дете во земјата да расте во семејна средина.

Потенцијалните згрижувачи може да се јават на 15333 за повеќе информации или да ја посетат веб страната https://zgrizuvanje.gov.mk/

 

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org
Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.