Кога станав згрижувач, влеав радост во мојот дом

Приказната на Емине и Таркан, кои веќе 15 години се згрижувачи и помогнале на 18 деца кои биле оставени без родителска грижа

УНИЦЕФ Северна Македонија
Foster care
UNICEF/2023
27 Мај 2023

Северна Македонија е една од европските држави што го промени начинот на грижа за децата без родителска грижа, од институционален во грижа заснована на мали групни домови или пак, во склоп на згрижувачки семејства. Тоа придонесува кон подобрување на условите на живеење, што несомнено ја приближи семејната средина полна љубов, поддршка и разбирање кон децата и со тоа влијае врз нивниот понатамошен развој. Таква средина на живеење е и таа во семејството на Емине, која заедно со својот сопруг, повеќе од 15 години се специјализирани згрижувачи.   

Foster care
УНИЦЕФ/2023/Георгиев Емине и Туркан згрижуваат повеќе од 15 години и досега имаат помогнато на 18 деца.

Во текот на изминатите 15 години, Емине и Туркан имаат згрижено деца со различна психосоцијална позадина, помогнале во итни случаи, односно згрижиле на краткорочна и долгорочна основа. Поради чувствителноста на животните околности на децата, Емине и Туркан имаат учествувано во соодветни специјализирани обуки коишто додатно им имаат помогнато во процесот на сензибилизирање и подобрување на умешноста во згрижувањето на деца во ризик.

„Знам дека децата доаѓаат од секакви средини, но мене ми е битно да согледам што им фали, за да видам како да им помогнам“, вели згрижувачката Емине, со што ја потврдува секојдневната потреба згрижувачот трпеливо да пристапи кон поединечните животни искуства и личниот развој на децата.

Foster care
УНИЦЕФ/2023/Георгиев Емине покажува фотографии од нејзините деца и внуци, кои својот животен пат го продолжиле во други држави.

Кога станува збор за што е тоа што ја поттикнало Емине да стане згрижувачка, таа сподели дека откако ги израснала своите деца, од кои повеќето заминале во странство, развила потреба да поддржи деца кои се оставени без родителска грижа.

„Кога ги испратив моите деца во странство, куќата остана празна и ми фалеше детски џагор. Тогаш сфатив дека ако почнам да згрижувам, ќе влеам радост во мојот дом.“

Оттаму, Емине и Туркан почнале да ја развиваат и надоградуваат нивната семејна приказна, каде свое делче споделиле 18 деца, секое со своите посебни и лични доживувања.  

Foster care
УНИЦЕФ/2023/Георгиев Детската игра е секојдневие во домот на Емине и Туркан.

Заедно со Емине и Туркан, покрај двете деца кои веќе подолг временски период ги згрижуваат, живеат и нивните две внуки. Согледлива е блискоста што се развила помеѓу децата, што дополнително придонело кон подобро интегрирање во семејната средина. Со текот на времето и континуираните грижа и љубов што згрижените деца ја добиваат, евидентно е подобрувањето на нивната состојба. Сигурноста што тие ја чувствуваат е несомнено потребна за нивниот понатамошен развој.

Foster care
УНИЦЕФ/2023/Георгиев „Кога чувам дечиња, ги чувам како мои деца. Сакам да им поделам комплетна љубов и да не се чувствуваат отфрлени.“

Емине и Туркан претставуваат пример за својата непосредна околина, што се потврдува со фактот дека тие поттикнуваат желба кај нивните внуки да станат згрижувачки штом пораснат, вклучително и кај нивните соседи, кои биле инспирирани да помогнат некому и да згрижат дете во топла и сигурна семејна средина.

УНИЦЕФ работи со Министерството за труд и социјална политика на понатамошно зајакнување на системот за детска заштита, со фокус на згрижувачките семејства и роднинското згрижување.

Дознајте повеќе како може да станете згрижувач на www.zgrizuvanje.gov.mk