Нови ресурси за потенцијални згрижувачки семејства

Прва веб страница на која сите информации за згрижување деца се на едно место

23 Март 2023
UNICEF Representative Patrizia DiGiovanni and Minister of Labor
UNICEF/2023/Georgiev

Скопје, 22 март, 2023: Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ ја промовираа новата веб страница www.zgrizuvanje.gov.mk која има за цел да поттикне интерес кај потенцијалните згрижувачки семејства што имаат искрена желба и мотивација да помогнат на деца без родителска грижа.   

„Министерството за труд и социјална политика, преку законски решенија, стратегии, програми и активности работи на создавање на услови за секое дете, да расте и да се развива во средина блиска на семејната,“ изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. „Министерството со партнерите работи на подигање на свеста на граѓаните за потребата да се обезбеди сигурно, квалитетно сместувања за децата каде што тие ќе бидат сакани, почитувани, поддржани и охрабрени да растат и да се развиваат како успешни граѓани на нашето општество.“ 

“Секое промовирање на згрижувачкото семејство како мошне значајна форма на грижа за децата, е добредојдено, така и новата веб страница www.zgrizuvanje.gov.mk, верувам дека ќе донесе позитивни искуства, односно тука граѓаните, постојани или потенцијални згрижувачи ќе можат да најдат корисни информации, за згрижувањето, како да се стане згрижувач, каде да се обратат и се она што ги интересира,“ посочи Тренчевска.
 

UNICEF Representative Patrizia DiGiovanni
УНИЦЕФ/2023/Георгиев

„Ништо не може да ја замени семејната средина во поглед на влијанието врз растот, развојот и вкупната добросостојба на детето,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „На секое дете му треба семејство. Децата без родителска грижа честопати доживуваат трауматски настани рано во животот. Затоа, од пресудно значење е љубовта, грижата и вниманието што им ја пружаат згрижувачките семејства.“

Згрижувањето е облик на семејна грижа за децата кои во моментот не можат да живеат со своите семејства. Згрижувачките семејства, роднинското згрижување и малите групни домови прераснаа во главни алтернативни решенија за децата без родителска грижа по успешната деинституционализација и затворањето на големите установи за деца во 2019 година.

Оттогаш УНИЦЕФ обезбедува постојана поддршка за понатамошно зајакнување на системот за детска заштита, со фокус на згрижувачките семејства и роднинското згрижување. Во овој контекст, новата веб страница е една од алатките што придонесуваат да се зајакне и да се прошири мрежата на згрижувачки семејства.

Foster care support center Skopje
УНИЦЕФ/2023/Георгиев

На веб страницата може да се најдат општи информации за згрижување, за процесот низ кој  поминува едно лице за да стане згрижувач, видови згрижување, законски регулативи, како и вести, контакти и информации за финансиските надоместоци и често поставуваните прашања. Постои и интерактивна алатка преку која потенцијалните згрижувачи можат да комуницираат директно со Центрите за поддршка на згрижувачки семејства.

Во земјата има три Центри за поддршка на згрижувачки семејства  кои покриваат конкретни географски области, од кои два се отворени во просториите на поранешните големи институции за деца без родителска грижа.

Првиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства беше отворен во јули 2021 година во Скопје, во поранешниот Дом за деца без родителска грижа „11 Октомври“. Вториот е со седиште во Битола, во поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца “, а со третиот раководи „СОС детско село“ во Скопје.

Во моментов околу 590 деца се сместени во згрижувачки семејства и околу 100 во мали групни домови, меѓу кои и деца на возраст од 0 до 3 години и деца со попреченост.

Меѓутоа, и покрај значителниот напредок, нема доволно згрижувачки семејства и тие не се рамномерно распределени низ земјата. Затоа преку промоција на згрижувањето, системот за детска заштита има за цел да обезбеди поддршка на згрижувачките семејства на целата територија од државата и да има згрижувачи во сите општини за згрижените деца да можат да одржуваат врска со семејството и заедницата од која потекнуваат.

Унапредувањето и зајакнувањето на системот за згрижување во Северна Македонија се дел од поширока реформа на системот за детска заштита која се раководи со Конвенцијата за правата на детето и Упатството за алтернативна нега на деца на ОН кои нагласуваат дека децата најдобро растат и се развиваат во средина која им обезбедува нега и поддршка од страна на возрасни посветени лица кои одговараат соодветно на нивните потреби.

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.