Здравата исхрана започнува со шарена чинија

Градењето здрави навики во исхраната уште на предучилишна возраст има суштинско значење за децата да имаат добро здравје и да водат квалитетен живот како возрасни.

UNICEF
Воспитувачката објаснува зошто е добро во чинијата да има шаренило од бои.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025
04 Март 2025

Во градинката „8-ми Март“ во Скопје, денешната активност на учење преку игра се вика „Виножито“. Воспитувачката Маја донесе голема чинија преполна со плодови во сите бои. Ги повика децата да ги именуваат плодовите и да ги кажат нивните бои и форми. Тие дознаа дека храната во чинијата треба да биде шарена и дека секоја боја претставува различни хранливи состојки што ќе им помогнат да растат силни и здрави. Децата љубопитно учествуваа во разговорот, а потоа ги исечкаа овошките со дрвено ноже и секој ја изеде својата сопствена овошна салата.

Децата сами го исечкаа овошјето со дрвено ноже...
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Децата сами го исечкаа овошјето со дрвено ноже...
И ја изедоа овошната салата што ја направија сами.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 И ја изедоа овошната салата што ја направија сами.

Оваа интересна вежба е една од многуте активности на учење преку игра опфатени во „Прирачникот за развивање здрави прехранбени навики кај децата од предучилишна возраст наменет за вработените во градинките“ изработен со поддршка од УНИЦЕФ.

Во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади, УНИЦЕФ обезбеди поддршка за градинките низ земјата, обучувајќи над 3.100 вработени, меѓу кои и директори, стручни работници, вработени во кујна, негувателки и воспитувачки, а со цел да се воспостават здрави навики кај децата на предучилишна возраст. Ова е дел од поширока, меѓусекторска иницијатива за справување со прекумерната тежина кај децата.

Во рамките на активностите што се остварија во градинките, меѓу другото се собраа и рецепти за здрави јадења што ги подготвуваат вработените во кујните кои потоа ги споделија со родителите, за она што е научено во градинка да се примени и дома. 

Девојче покажува кора од банана на другарчето за време на активноста Виножито во градинката „8-ми Март“
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Девојче покажува кора од банана на другарчето за време на активноста Виножито во градинката „8-ми Март“

Градењето здрави навики во исхраната уште на предучилишна возраст има суштинско значење за децата да имаат добро здравје и да водат квалитетен живот како возрасни. Ако од мали нозе ги поттикнуваме да јадат разновидно овошје, зеленчук, интегрални житарки и здрави протеини, ќе им помогнеме да развијат позитивен однос кон храната и да прават поздрав избор низ целиот живот.

Ова е особено важно со оглед на стапките на прекумерна тежина кај децата во земјата. Речиси една третина од децата на возраст од 7 до 9 години имаат прекумерна тежина, а околу 15 отсто се дебели, при што момчињата се позасегнати од девојчињата.

Децата со прекумерна тежина имаат повисок ризик од сериозни здравствени состојби како што се дијабетес тип 2, кардиоваскуларни и респираторни проблеми. Исто така, имаат поголеми изгледи за ниска самодоверба и понизок квалитет на живот. Многу често, овие состојби продолжуваат во адолесценцијата и во зрелата возраст, создавајќи значителни ризици по здравјето. Затоа УНИЦЕФ и партнерите се трудат да го решат ова прашање на повеќе фронтови. Воведувањето здрави навики од мали нозе е само почеток. 

Група деца во градинката „8 -ми Март“ подготвени за здрава ужина
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Група деца во градинката „8 -ми Март“ подготвени за здрава ужина

Следејќи го пристапот на системско размислување, УНИЦЕФ заедно со соработници од областа на здравството, образованието и социјалната политика работеше на утврдување на бариерите и приоритетите за подобрување на детската исхрана. Земајќи го предвид целокупното опкружување, наставата за исхрана, политиките, деловните практики и меѓусекторската соработка, партнерите како главен приоритет ја посочија потребата од ограничување на пристапот до нездрава храна во и околу училиштата.

Достапната цена на грицките, брзата храна и пијалаците засладени со шеќер и лесниот пристап до нив во и околу училиштата значително ги поткопуваат напорите за промовирање здрава исхрана и го зголемуваат ризикот од прекумерна тежина кај децата и адолесцентите.

Заедно со партнерите, УНИЦЕФ се труди да ги подобри политиките и да им помогне на децата да направат поздрав избор на храна. УНИЦЕФ се залага за примена на нутриционистички стандарди во подготовката на училишните оброци кои треба да се базираат на локални и сезонски производи, намалување на достапноста на грицки и пијалаци засладени со шеќер во училиштата и регулирање на видовите храна што може да се продаваат во околните продавници.

Ако сакаме децата да имаат пристап до здрава храна, најважно е да создадеме средина што ќе ги поддржи нивните здрави избори. Со ограничување на пристапот до нездрави грицки и промовирање здрава исхрана, градинките и училиштата може да влијаат на детските прехранбени навики. Со ваквиот проактивен пристап, може да се намали стапката на прекумерна тежина кај децата и на секое дете да му се овозможи здрав раст и исполнување на целосниот потенцијал. 

Додека ја подготвуваат својата овошна салата, децата во градинката „8 -ми Март“ вежбаат и моторика, истрајност и самостојност.
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2025 Додека ја подготвуваат својата овошна салата, децата во градинката „8 -ми Март“ вежбаат и моторика, истрајност и самостојност.