Вакцините се најбезбедниот начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот живот
Вакцините се најбезбедниот, најлесниот и високо делотворен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот понатамошен живот.
Вакцините се еден од најголемите напредоци на современата медицина. Тие се најбезбедниот, најлесниот и високо делотворен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот понатамошен живот. На глобално ниво, вакцините ја намалија детската смртност за половина и спасија милиони животи.
Благодарение на високите стапки на вакцинација, некогашните деца, а денешни родители, ја имаа таа среќа да растат без да искусат некој член од семејството или пријател да им почине или да страда од доживотна попреченост од болести како што се малите сипаници или полио. Иронично, ова е една од причините зошто некои веруваат дека болестите што може да се спречат со вакцини не се повеќе закана по луѓето.
Факт е дека редовната вакцинација во детството ги елиминира овие болести во многу земји меѓу кои и во нашата земја, но доколку не продолжиме со заштита на децата преку вакцинирање, сите придобивки стекнати досега може брзо да се изгубат. Пример за ова е епидемијата на мали сипаници што се случи во 2018-2019 година, која одзеде детски животи како во нашата така и во многу други земји. Ова е потсетник дека имунизацијата на децата не смее да се сфати „здраво за готово“.
Едно неодамнешно истражување на УНИЦЕФ за ставовите и перцепциите на здравствените работници во врска со редовната имунизација на децата покажа дека во последните 24 месеци тимовите за вакцинација се соочиле со одбивање (45%) и колебање од страна на родителите во врска со вакцинацијата на нивните деца (31%). Овие наоди покажуваат дека улогата на здравствените работници станува сè поважна, и тоа не само во процесот на обезбедување точни информации во врска со вакцините, туку и во воспоставување комуникација со родителите и старателите на начин со кој ќе ја стекнат нивната доверба и ќе покажат емпатија и разбирање за загриженоста на родителите.
Благодарение на генерации и генерации здравствени работници и родители кои ги имунизирале децата со редовна вакцинација, заболувањата како полио и пертусис (голема кашлица) речиси можеме да ги наречеме „болести од минатото“.
Редовните вакцини што се даваат во детството се темелно тестирани и докажано спречуваат појава на сериозни болести. Да ги вакцинираме нашите деца значи да бидеме сигурни дека се заштитени.
Родителството може да предизвика загриженост кај родителите кои знаат дека здравјето и среќата на нивните деца се во нивни раце. Редовната вакцинација во детството им го овозможува најдобриот почеток на децата во животот, без закана од сериозни болести.
Не можеме да ги заштитиме децата така што ќе ги чуваме под стаклено ѕвоно, но можеме за нив да ја направиме следната најдобра работа. Вакцинациите во детството штитат од животозагрозувачки болести и ги чуваат децата каде и да одат.
Редовната вакцинација во детството е најдоброто нешто што можеме да го направиме за децата сега, но и најдоброто за целиот нивен живот...
...живот што нема да биде прекинат од болест или поминат во борба со долгорочни последици од болести што може да се спречат со вакцинирање во детството.
Ова семејство го заштити своето дете, но придонесе и кон заштитата на сите деца со кои ќе се сретне и ќе си игра. Со тоа што ќе обезбедиме секое дете да биде вакцинирано, создаваме безбедна заедница во која сите имаат можност да растат среќни и здрави.