Имунизацијата и КОВИД-19: што треба родителите да знаат

Како да обезбедите редовна вакцинација на вашето дете за време на пандемијата со КОВИД-19

Vaccines
Maciek Nabrdalik

Избувнувањето на болеста од корона вирусот (КОВИД-19) донесе со себе страв и неизвесност. Многу родители прашуваат кога ќе има вакцина против КОВИД-19 и што да прават во врска со редовните детски вакцинации за време на пандемијата. Ние сме тука за да ви дадеме одговори на најчестите прашања.

Кога ќе биде достапна вакцината за болеста од корона вирусот (КОВИД-19)?

Досега нема конкретни вакцини или третмани за КОВИД-19. Научниците во светот вредно работат за да развијат вакцина против болеста. Всушност, неколку разни вакцини се развиваат истовремено, при што две од нив предничат во процесот. Се користат иновативни пристапи за развој на вакцините, делумно врз основа на она што беше дознаено од реакцијата на ебола и САРС. Ако биде успешен, ова ќе биде најбрзиот развој на вакцина и најбрзиот процес на нивно потврдување во историјата.

Исто така, истражувачите бараат лекови за забавување на ширењето на вирусот во организмот и за намалување на сериозните проблеми со дишењето што тој може да ги предизвика кај заболените пациенти. Но, дури и со најбрзите методи, примената на лекови за нова болест кај луѓе треба да се тестира за да се осигури безбедноста и делотворноста.

>> Видете како да се мијат рацете и совети за чистење за заштита од КОВИД-19.

Дали моето дете сепак треба да ги прими редовните вакцини за време на пандемијата со КОВИД-19?

Иако КОВИД-19 ни го нарушува секојдневниот живот, краткиот одговор е да, обидете се да го вакцинирате вашето дете, доколку услугата е достапна. Важно е децата и бебињата редовно да се вакцинираат, бидејќи вакцините ги штитат од сериозни болести. Тоа значи дека кога вашите деца ќе се вратат во интеракција со други деца, тие ќе имаат заштита и од одредени други болести.

Ако не сте сигурни дали вашата служба за имунизација работи како и обично, ве молиме проверете кај вашиот давател на здравствени услуги. Бидејќи состојбата со КОВИД-19 се менува секојдневно, можеби ќе откриете дека вашиот давател на здравствени услуги се приспособува според менувањето на состојбата. Ако не можете да дојдете во амбулантата кога вашето дете треба да ја прими следната вакцина, забележете си некаде за да се обидете пак веднаш штом услугите ќе продолжат.

Што мислите дека може да научиме од оваа епидемија? Што можеме да научиме од неа за други болести и за одлуката да се вакцинираме?

Оваа епидемија е потсетување на тоа колку се вредни вакцините. Ни покажува дека кога постои достапна вакцина за некоја болест, ние и нашите деца треба да се вакцинираме. Без заштитата со вакцини, болестите може бргу да се прошират со ужасни последици. На пример, малите сипаници и други болести остануваат постојан ризик. Имаме среќа што сме заштитени со вакцини против овие болести.

Како функционираат вакцините?

Вакцините помагаат да го поттикнеме нашиот имунолошки систем да се бори против инфекции преку внесување неактивирана форма на микроб (бактерија или вирус) во организмот. Бидејќи не е активиран, не може да нè разболи. Сепак, го поттикнува имунолошкиот систем на нашето тело да произведе одбрана наречена антитела. Потоа, ако некогаш фатите микроб, имунолошкиот систем на вашето тело веќе ќе знае како да се бори против него.

>> Погледнете ја нашата мини-обука за родители кои одат на прво вакцинирање на свето бебе.

Каде да најдам најнови упатства за вакцинации?

Контактирајте со вашиот давател на здравствени услуги, консултирајте ги веб-страниците на вашите локални и национални здравствени установи, и следете ги упатствата од СЗO и УНИЦЕФ.

Како да се заштитам себеси и другите од КОВИД-19?

Некои мерки на претпазливост што вие ​​и вашето семејство може да ги преземете за да избегнете инфекција се:

  • Често мијте ги рацете со сапун и вода или истријте ги со средство на база на алкохол.
  • Избегнувајте допирање на лицето, особено на очите, носот и устата.
  • Ако кивате или кашлате, покријте ги устата и носот со подлактицата или со хартиено марамче. Веднаш фрлете го искористеното марамче.
  • Избегнувајте преполни места и близок контакт со луѓе. Држете безбедно растојание од секој што има симптоми слични на настинка или на грип.
  • Избегнувајте ракување, гушкање или бакнување со луѓето. Избегнувајте споделување храна, прибор, чаши и крпи.
  • Чистете ги и дезинфицирајте ги површините што често се допираат, меѓу кои телефони, кваки, прекинувачи, далечински управувачи и работни површини.
  • Останете дома ако не се чувствувате добро, дури и со мала температура и кашлица.
  • Носете маска ако кашлате или кивате, или ако се грижите за некој за кој постои сомнеж дека има КОВИД-19. Здравствените работници треба да носат медицински маски.

Имам новороденче или дете до 1 година. Како да го заштитам моето бебе од КОВИД-19?

Покрај советите што веќе им се дадени на родителите во врска со миењето раце, физичкото растојание и одржувањето хигиенски практики, тие треба дополнително да се погрижат за заштитата на новороденчињата од инфекција. Бебето треба да се дои, ако е можно. Во моментов нема докази дека мајчиното млеко го пренесува вирусот, но треба да преземете вообичаена хигиенско-респираторна заштита (додека доите, како и во други периоди) за да избегнете респираторно пренесување. Еднаш дневно користете антибактериски марамчиња, ако се достапни, за бришење на подлогите и површините за менување пелени.

Обидете се за малите деца да се грижат исти старатели за да се намали бројот на лица со кои доаѓаат во контакт. Ваквите старатели треба да се поттикнат редовно да ги мијат рацете, да избегнуваат делење на предмети што се ставаат в уста, како на пример чаши и да не доаѓаат доколку се почувствуваат болни.

Што да направам ако моето дете покажува симптоми на КОВИД-19? Дали е безбедно да го одведам на лекар?

Ако вашето дете има болки во грлото, кашлица или треска, повикајте го вашиот лекар или здравствена служба за совет пред да го одведете кај нив. Тие може да имаат посебен аранжман во ординацијата за да го минимизираат ширењето на инфекцијата на други. Ако вашето дете има посериозни симптоми, како на пр., губење на здивот или ако изгледа невообичаено болно, јавете се на брза помош или однесете го во најблиската служба за брза помош.

Повеќето деца со КОВИД-19 имаат благи симптоми или може да немаат никакви симптоми. Но, важно е да се заштитат старите и другите лица поранливи на сериозни инфекции. Затоа, чувајте го детето дома ако мислите дека било изложено или ако има КОВИД-19, но потрудете се да му се јавите на лекарот или на здравствениот работник за совет.

Како и кај другите респираторни инфекции слични на грип, побарајте помош рано, ако вие или вашето дете имате симптоми. Обидете се да избегнете одење на јавни места (како на пр., на работа, на училиште или во јавен превоз) и не контактирајте со постари лица или со имуно-загрозени членови на семејството. Ако живеете и со постари лица, се препорачува да ги одвоите генерациите во домаќинството.

Треба ли моето дете да го тестирам за болеста што ја пренесува корона вирусот (КОВИД-19)?

Не треба да го тестирате детето ако е здраво и ако не покажува никакви симптоми (како на пр., температура, кашлица или отежнато дишење). Исто така, поведете сметка да ги преземате сите клучни чекори за заштита на вашето семејство од КОВИД-19.