Назад во училишните клупи: некогашните ученици стануваат помудри родители
Училишните врати повторно се отвораа – но не за децата, туку за нивните родители.
Секој четврток попладне, по долгиот работен ден, во познатите училници на основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битолa се одвиваше тивок, но моќен процес. Шест недели по ред, училишните врати повторно се отвораа – но не за децата, туку за нивните родители.
Многу од нив некогаш седеле во истите тие клупи кога и самите биле ученици – кога биле деца и се снаоѓале со училишните задачи, првите пријателства и неизвесната иднина. Mногу години подоцна, тие се вратија не како ученици, туку како мајки и татковци – решени да постават поцврсти темели за своите деца.
Преку програмата за родителство поддржана од УНИЦЕФ, а имплементирана во партнерство со Институт Алтернатива, родителите научија нешто што многумина никогаш не го учеле: како да градат попозитивни односи со децата и да им пружат повеќе поддршка.
Круг на искреност и надеж
Последната сесија имаше поинаква енергија. Столчињата беа наместени во круг за да се создаде простор за отвореност и споделување искуства. Родителите започнаа како и секогаш, претставувајќи се и кажувајќи како се чувствуваат.
„Оптимистично.“
„Исполнето.“
„Уморно, но со надеж.“
Со овие зборови тие го доловија моментот, но и целиот процес од изминатите шест недели. Родителите вежбаа нови пристапи дома и учеа како да се справат со негативното однесување, фокусирајќи се на она што го бараат од своите деца. На почетокот, им се чинеше неприродно, но полека, почна да функционира.
Нурџан: „Кога ја почнавме програмата, сфативме дека многу слично се однесуваме како родители. Сфатив дека понекогаш треба да се ставам во улога на дете и да одвојам време за игра, бидејќи домашните работи никогаш не завршуваат, но многу е важно да најдеме време за нашите деца“, рече Нурџан, една од мајките.
Родителите не само што учеа нови работи, туку и се менуваа. И резултатите веќе беа видливи – многу родители известија дека однесувањето на нивните деца се подобрило откако ги примениле новите пристапи дома.
Градење „Куќа за поддршка“
Во сржта на програмата се наоѓа едноставна, но моќна идеја: децата да ги воспитуваме во цврста „Куќа за поддршка“. Со други зборови, да градиме дом каде што децата се чувствуваат безбедно, уважено и добиваат насоки, дом во кој преку секојдневни интеракции се јакнат семејните односи.
Како и секоја друга куќа, и оваа се гради чекор по чекор.
Родителите научија да ги постават темелите преку мали, практични активности: минување време насамо со децата, забележување и пофалба на нивното позитивно однесување, давање смирени и јасни инструкции, и умешност да запрат кога треба.
На почетокот, ваквите активности изгледаа како ситници. Но, сите заедно почнаа да го менуваат секојдневниот живот на овие семејства. Родителите зборуваа за помалку конфликти, подобра комуникација и поголема поврзаност.
Нурџан доживеа длабоко откровение:
„Ние сме прозорецот низ кој децата го гледаат светот; сè што кажуваме ги обликува како луѓе.“
Преку програмата, објасни таа, родителите научија како да не им го пренесуваат стресот од секојдневните проблеми на своите деца, туку да се справат со него на здрав начин и да создадат попријатна домашна атмосфера полна со поддршка.
Игра на улоги и смеење до солзи
Наученото дојде до израз при играта на улоги. Во еден пример, Томислав играше улога на дете, а Нурџан го играше родителот. Нивната драматична размена – полна со отпор и игрив пркос – ги насмеа сите во просторијата.
Во последните клупи седеа три деца кои мораа да дојдат на сесијата зашто родителите немале каде да ги остават на чување. Ја следеа играта со восхит и се забавуваа од глетката на возрасни кои се однесуваат како деца.
Но, под смеата се криеше нешто подлабоко. Родителите преку играта ја разбираа перспективата на своите деца – и тестираа нови одговори заедно, барајќи го она што навистина функционира во пракса.
Кај Мартина, дома веќе имаше видлива промена:
„Како резултат на програмата, сега многу почесто користам пофалби во комуникацијата со детето, што не беше случај порано.“
Она што претходно звучело како апстрактен совет сега се претвори во нешто практично и применливо во секојдневието.
Место каде што и татковците се важни
На сесиите се забележа и една тивка, но важна промена: и мајките и татковците беа подеднакво присутни и ангажирани.
Еден од татковците, Владимир, присуствуваше на последната сесија наместо сопругата, која таа вечер се подготвувала за семејна прослава. Но, како што објасни, тие минале низ програмата заедно, споделувајќи по секоја сесија сè што научиле.
Томислав, пак, откри што го натерало да доаѓа на сесиите секоја недела, дури и по долги, напорни денови на работа: позитивната енергија во просторијата и чувството дека секогаш ќе си замине со нешто корисно што ќе може веднаш да го примени дома.
На овој начин, програмата влијаеше и надвор од училницата, подобрувајќи го не само односот родител-дете, туку и соработката меѓу родителите.
Моќта на малите промени
Уште на првиот состанок на групата стана јасно кој е главниот проблем: прекумерната употреба на мобилни телефони кај децата. Родителите навистина се мачеа со ова.
Она што го открија низ програмата беше едноставно, но трансформативно. Забележаа дека колку повеќе време посветуваат на поврзување со своите деца – низ игра, разговор, присуство – толку помалку децата покажуваат склоност кон екраните.
За Мартина, разликата беше јасна: „Откако почнав активно да си играм со децата, веќе не ми го бараат мобилниот.“
Родителите почнаа да го применуваат пристапот и за други предизвици.
Лариса го сподели своето искуство:
„Син ми тргна во прво одделение и ми беше многу тешко да го натерам да си ги пишува домашните. Но, како резултат на програмата, почнав да го применувам она што го научив тука. Сега прво минуваме одредено време заедно, во што тој навистина ужива, а потоа седнува да си ги заврши задачите.“
Пак и пак, се повторуваше истата поука: охрабрувањето е поефикасно од секоја казна.
За Весна, најважниот аспект беше колективното учење:
„Навистина уживав да доаѓам на работилниците бидејќи тука можев да дознаам што прават другите родители и да испробам некои од тие работи дома со моите деца.“
Приказната за супата од камен и ветувањето за утре
При крајот на последната сесија, фасилитаторот раскажа приказна за баба која дошла во скарано село и почнала да прави супа од едно обично камче. Од љубопитство, сите селани донеле по нешто – праз, моркови, зачини – сè додека заедно не создале нешто хранливо.
Во шесте недели, секој од родителите придонесе по нешто – искуство, идеја, поддршка. Заедно, изградија нешто што е посилно од секој индивидуален напор.
Сертификатите беа доделени, со што беше означен крајот на програмата. Сепак, никој не брзаше да си оди. Родителите останаа уште некое време, разговараа, се смееја и веќе си мислеа колку ќе им недостигаат четврточните собири.
Повеќе од програма
Она што започна како низа сесии прерасна во простор на доверба, учење и припадност. Родителите, кои некогаш седеле во истите училишни клупи како деца, сега градеа поинакво искуство за следната генерација – искуство полно со внимание, поттик и посилна поврзаност.
Директорката Билјана Темелковска истакна дека е многу задоволна од програмата, бидејќи помогнала да се подобри комуникацијата со родителите и го зацврстила односот меѓу наставниците, родителите и децата, а сето тоа придонело кон попозитивна атмосфера во училиштето.
Кога родителите излегуваа од училишната зграда таа вечер, јасно беше дека процесот нема да заврши тука. Веќе постојат планови да се одржи импулсот преку понатамошна поддршка, редовни средби и колегијална размена.
Надоврзувајќи се на постигнатите резултати, УНИЦЕФ работи на постепено проширување на програмата во други училишта во земјата, во партнерство со Министерството за образование и наука. Истовремено, се јакнат односите меѓу семејствата и училиштата, со цел секое дете да ја добие поддршката што му е потребна за да биде активно и да има успех во учењето.
Иако сесиите траеја само шест недели, куќата што почна да се гради и понатаму ќе продолжи да расте – ден по ден, интеракција по интеракција – уште долго по завршувањето на програмата.