Најчести положби за доење
Пет начини на доење кои се пријатни и за вас и за вашето бебе.
Иако бебињата имаат вроден инстинкт да ги бараат дојките на мајката, на многу мајки им е потребна помош за да го наместат бебето за доење и да се погрижат бебето правилно да им се прилепи за дојката. Доењето бара време и навикнување, како за мајките така и за бебињата!
За вие и бебето да го извлечете максимумот од доењето, еве неколку (од многуте!) положби за доење што може да ги испробате. Запомнете, најважна работа е вашето бебе добро да се нацица. Можеби ќе ви бидат потребни неколку обиди пред да го најдете она што најдобро функционира за вас.
Ако имате некакви грижи или прашања околу доењето, задолжително разговарајте со вашата акушерка, патронажна сестра или со друго здравствено лице.
Совети за правилно доење
Знаци на правилно прилепување
- Искуството е пријатно и безболно
- Ареолата (темната кожа на дојката околу брадавицата) е повидлива над устата на бебето отколку под устата
- Устата на бебето е широко отворена
- Долната усна му е превртена нанадвор
- Со брадата ја допира – или скоро ја допира – дојката
Знаци на добра положба
- Главчето на бебето e во иста линија со телото. Ако главчето му е свртено или искривено, нема да може лесно да цица или да голта.
- Го држите бебето блиску до своето тело. Ако е далеку од дојките, нема да може правилно да се прилепи за нив.
- Со раката го држите целото тело на бебето долж грпчето. Ова особено важи за новороденчиња и помали бебиња. Постарите бебиња обично е доволно да ги придржувате во горниот дел од телото.
- Бебето се приближувадо дојката со носето на брадавицата, значи ѝ пристапува на дојката одоздола, од под брадавицата.
Знаци на ефикасно цицање
- Бебето цица бавно и длабоко, понекогаш правејќи паузи.
- Можеби ќе го видите или слушнете бебето како голта по едно или две вцицувања.
- Цицањето ви е пријатно и безболно.
- Бебето престанува да цица, ја пушта дојката и изгледа задоволно и опуштено.
- По доењето, дојките ви се помеки.
Придобивки од директен контакт со кожата на бебето
- Допирот меѓу вашата и кожата на бебето ве смирува и ве опушта и двајцата.
- Овој допир на бебето му ги регулира температурата, пулсот и дишењето.
- Го стимулира апетитот на бебето и варењето на храната.
- Ја подобрува заштитата од инфекции.
Положби за доење
1. Лулка
Најчестата положба која и за двајцата носи пријатно искуство на доење и поврзување е да го држите бебето како во лулка.
- Седнете некаде каде што имате потпора за да ја држите раката на соодветната висина, како фотелја или кауч. Доколку е потребно, раката можете да ја потпрете и со перница.
- Земете го малечкото в скут ставајќи му го главчето во превојот на подлактицата.
Градите треба да му бидат свртени кон вашите за да не мора да ја врти главата кон дојката. Доколку е потребно, главчето може да му го потпрете со перница.
2. Обратна лулка
Оваа положба е добра кога се учите да доите и е одлична опција за мали бебиња. Положбата ви дава контрола врз главчето на бебето додека му помагате да се прилепи за дојката.
Оваа положба е иста како положбата лулка, само обратно. Поставете го бебето во спротивната насока така што главчето ќе му го држите со раката, наместо да му биде во превојот на подлактицата.
3. Под пазува или како фудбалска топка
Оваа положба треба да ја пробате ако дојките ви се отечени или ако ве болат брадавиците. На овој начин може да спречите затнување на млечните канали со тоа што бебето ќе ви ги испразни млечните канали во долниот дел на дојката – корисно и за двајцата!
- Бебето го држите странично, како фудбалска топка, со тоа што телото на бебето е испружено долж вашата рака, а лицето му гледа кон дојката.
- Поставете ги нозете на бебето под својата рака.
- Со другата рака држете си ја дојката.
- Оваа положба е корисна и ако сте имале царски рез, па не треба да го држите бебето на стомак додека доите.
4. Странична лежечка положба
Ако вам и на бебето ви е поудобно да лежите додека го доите, пробајте ја оваа положба.
- Легнете на страна и легнете го и бебето на страна, свртено кон вас, со главчето на дојката.
- Потпрете си го грбот со перници и проверете дали бебето може слободно да дише.
5. Лежечка положба
Ако вашето малечко тешко се прилепува на дојката или е немирно и плаче, треба да ја пробате оваа смирувачка положба. Положбата понекогаш се нарекува „биолошка поддршка“.
- Потпрете се на перница и наведнете се наназад за бебето целосно да се испружи врз вашето тело, кое е само навалено, а не сосем легнато.
- Легнете го бебето на градите. За да остварите директен контакт со неговата кожа, легнете го голо на вашите голи гради и уживајте во блискоста со вашето малечко.
Треба да го цените овој посебен период на доење и поврзување со вашето бебе. Не заборавајте, треба време за да се сфати техниката на доењето! Бидете трпеливи со себе и секогаш кога треба, барајте помош од вашиот лекар.