Како тинејџерите да си го заштитат менталното здравје за време на корона вирусот (КОВИД-19)
6 стратегии за тинејџерите кои се соочуваат со новата (привремена) нормала.

- English
- Македонски
Тинејџерството е тешко само по себе, а болеста корона вирус (КОВИД-19) го прави уште потешко. Со затворањето на училиштата и со откажаните настани, многу тинејџери се лишени од некои најкрупни моменти во својот млад живот - како и од секојдневните моменти на муабетење со пријателите и одење на часови.
Тинејџерите што се соочуваат со животни промени поради епидемијата и кои се чувствуваат нервозно, изолирано и разочарано, треба да го знаат ова: Не сте сами! Разговаравме со психологот-стручњак за адолесценција, најдобро продаван автор и колумнист на месечникот Њујорк Тајмс, д-р Лиза Дамур за она што може да го направите во врска со грижата за себе и за своето ментално здравје.
1. Прифатете дека вашата вознемиреност е сосема нормална
Ако затворените училишта и алармантните наслови ве чинат нервозни, не сте единствени. Всушност, така и треба да се чувствувате. „Психолозите одамна знаат дека анксиозноста е нормална и здрава функција која нѐ предупредува на опасности и ни помага да преземеме мерки за да се заштитиме“, вели д-р Дамур. „Анксиозноста ќе ви помогне да донесете одлуки што треба да ги донесете во моментов - да не минувате време со други луѓе или во големи групи, да ги миете рацете и да не го допирате лицето.“ Тие чувства помагаат не само вие да се чувате, туку да ги чувате и другите. На овој начин „се грижиме за членовите на нашата заедница. Мислиме и на луѓето околу нас.“
И иако вознемиреноста околу КОВИД-19 е сосема разбирлива, потрудете се да користите „сигурни извори [како веб-страниците на УНИЦЕФ и на Светската здравствена организација] за да добиете информации или за да проверите информации што можеби ги добивате преку понесигурни канали“, препорачува д-р Дамур.
Ако сте загрижени дека имате симптоми, важно е да зборувате со родителите за тоа. „Имајте на ум дека болеста од инфекција со КОВИД-19 обично покажува благи симптоми, особено кај децата и младите“, вели д-р Дамур. Исто така, важно е да се запомни дека многу од симптомите на КОВИД-19 може да се лекуваат. Таа препорачува да им се доверите на родителите или на доверлив возрасен човек ако не се чувствувате добро, или ако сте загрижении за вирусот, за да ви помогнат.
И запомнете: „Има многу ефективни работи што можеме да ги направиме за ние и другите да бидеме безбедни и да имаме подобра контрола врз нашите околности: често да си ги миеме рацете, да не си ги допираме лицата и социјално да се дистанцираме.“
>> Прочитајте ги нашите совети за миење раце
2. Сменете го фокусот
„Она што психолозите го знаат е дека кога сме под хронично тешки услови, од голема помош е проблемот да се подели на две категории: нешта за кои можам нешто да сторам, и нешта за кои не можам ништо да сторам“, вели д-р Дамур.
Многу нешта спаѓаат во таа втора категорија во моментов и тоа е во ред, но едно нешто што ни помага да се снајдеме со сето тоа е да го свртиме вниманието кон нешто друго. Д-р Дамур предлага да работиме по дома, да гледаме омилен филм или да си легнеме в кревет со книга за да си олесниме, и од ден на ден да држиме рамнотежа.
3. Најдете нови начини да се поврзете со пријателите
Ако сакате да минувате време со пријателите додека социјално се дистанцирате, социјалните мрежи се одличен начин да се поврзете. Бидете креативни: Приклучете се на предизвикот на Тик-Ток, како што е #безбеднираце. „Никогаш не би ја потценила креативноста на тинејџерите“, вели д-р Дамур, „Имам чувство дека тие ќе најдат начини меѓусебно да се [поврзат] на интернет, кои се поинакви од она што го правеа претходно.“
„[Но] не е добра идеја постојано да се има непречен пристап до екран и или до социјалните мрежи. Тоа не е здраво, ниту паметно, и може да ви го засили стравот“, вели д-р Дамур, препорачувајќи со родителите да смислите распоред за седење пред екран.
4. Фокусирајте се на себеси
Сте сакале ли да научите да правите нешто ново, да започнете нова книга или повеќе време да вежбате свирење некој музички инструмент? Сега е време за тоа. Фокусирањето на себе и изнаоѓањето можности да го користите новооткриеното слободно време е продуктивен начин да го сочувате менталното здравје. „Јас направив листа на сите книги што сакам да ги прочитам и на сѐ што сакам да направам“, вели д-р Дамур.
„Кога чувствувате болка, единствениот излез е напред.“
5. Почувствувајте ги чувствата
Пропуштањето настани со пријателите, незанимавањето со омиленото хоби или неодењето на спортски натпревари може неверојатно да ве разочара. „Овие загуби се големи. Тие сериозно и со право ги вознемируваат тинејџерите“, вели д-р Дамур. Најдобар начин да се справите со разочараноста? Дозволете си да ја почувствувате. „Кога станува збор за болно чувство, единствениот излез е за го пребродите. Само напред, бидете тажни, па ако си допуштите да бидете тажни, побргу ќе се почувствувате подобро.“
Излегувањето накрај со чувствата е различно за секого. „Некои деца ќе бидат уметнички ориентирани, некои ќе сакаат да разговараат со другарите и да ја искористат заедничката тага како начин да се поврзат во време кога не можат физички да бидат заедно, а некои деца ќе сакаат да видат како да придонесат со храна за другите“, вели д-р Дамур. Она што е важно е да го правите она што вам ви се чини исправно.
6. Бидете добри кон себеси и другите
Некои тинејџери се соочуваат со малтретирање и злоупотреба на училиште поради корона вирусот. „Активирањето на случајните набљудувачи е најдобар начин за решавање на секаков вид малтретирање“, вели д-р Дамур. „Децата и тинејџерите кои се цел на вакви напади не треба да да се соочуваат со насилниците; напротив, треба да ги поттикнеме да се свртат кон пријателите или возрасните за помош и поддршка.“
Ако сте сведоци на малтретирање на пријател, стапете во контакт и обидете се да понудите поддршка. Ако не направите ништо, пријателот ќе има чувство дека сите се против него или дека на никого не му е гајле. Вашите зборови може да значат многу.
И запомнете: сега, многу повеќе од кога и да е, треба да бидеме внимателни во врска со она што го споделуваме или го кажуваме за да не им наштетиме на другите.
>> Прочитајте ги нашите совети за одбрана од насилство на интернет.
Бидете во тек со најновите информации за корона вирусот (КОВИД-19).