Сајбер-силеџиство: Што претставува и како да се запре

10 нешта кои тинејџерите сакаат да ги знаат за сајбер-силеџиството.

Social media apps on a smartphone screen
UNICEF

Сајбер-силеџиство: Што претставува и како да се запре

„Што би сакале да дознаете за сајбер-силеџиството?“

Ова прашање им го поставивме на млади луѓе ширум светот и добивме илјадници одговори.

Ги повикавме на едно место специјалистите на УНИЦЕФ и меѓународните експерти за сајбер-силеџиство и за заштита на децата и се здруживме со Фејсбук, Инстаграм и Твитер за да одговориме на овие прашања и да дадеме совети за тоа како може да се справиме со силеџиството онлајн.

 

Што претставува сајбер-силеџиство?

Сајбер-силеџиство е силеџиство со употреба на дигиталните технологии. Може да се одвива на социјалните медиуми, платформите за размена на пораки („месиџинг“), платформите за играње („гејминг“) и на мобилните телефони. Станува збор за однесување кое се повторува, а чија цел е да се заплашат, разлутат или посрамат оние кон кои е насочено. Такви примери се:

  • ширење лаги или објавување засрамувачки фотографии од некого на социјалните медиуми
  • испраќање пораки што може да повредат или закани преку платформите за размена на пораки
  • преземање на туѓ идентитет и испраќање злобни пораки до другите во негово/нејзино име.

 

Силеџиството лице во лице и сајбер-силеџиството често се случуваат паралелно. Но, сајбер-силеџиството остава дигитален отпечаток – запис кој може да биде од корист и да послужи како доказ кој ќе помогне да се запре малтретирањето.


10 најчесто поставувани прашања за сајбер-силеџиство

  1. Дали ме малтретираат онлајн? Како можам да ја препознам разликата помеѓу шега и силеџиство?
  2. Кои се ефектите од сајбер-силеџиство?
  3. Со кого треба да разговарам доколку некој ме малтретира онлајн? Зошто е важно да пријавам?
  4. Доживувам сајбер-силеџиство, но страв ми е да разговарам за тоа со родителите. Како да им пристапам?
  5. Како можам да им помогнам на пријателите да пријават случај на сајбер-силеџиство, особено кога не сакаат да го направат тоа?
  6. Со тоа што сум онлајн добивам пристап до мноштво информации; но тоа значи и дека сум изложен/а на можност од злоупотреба. Како да го запреме сајбер-силеџиството, без да се откажеме од пристапот до Интернет?
  7. Како да спречам користење на моите лични информации за да не ме манипулираат или понижуваат на социјалните медиуми?
  8. Дали постои казна за сајбер-силеџиство?
  9. Се чини дека на Интернет компаниите не им е грижа за силеџиството и вознемирување онлајн. Дали се повикуваат на одговорност?
  10. Дали постојат некакви онлајн алатки против силеџиство за деца и младинци?

 

Illustration of a boy with a laptop and a big question mark next to him
UNICEF

1. Дали ме малтретираат онлајн? Како можам да ја препознaам разликата помеѓу шега и силеџиство?

УНИЦЕФ: Сите пријатели се шегуваат меѓу себе, но понекогаш тешко може да препознаеш дали некој само се забавува, се шегува или пак се обидува да те повреди, особено онлајн. Понекогаш постапката ќе ја сведат на шега и ќе ти речат „А бе, само се шегував“ или „Не си ставај при срце“.

Но ако се чувствуваш повредено или пак мислиш дека другите ти се смеат тебе, наместо со тебе, тогаш шегата отишла предалеку. Ако пак, шегувањето продолжува дури и откако ќе побараш од лицето да запре и ако сè уште се чувствуваш неубаво во врска со тоа, тогаш постапката може да се смета за силеџиство.

А кога таквото силеџиство се одвива онлајн, може да предизвика несакано внимание од широк круг луѓе, вклучително и од непознати. Каде и да се случува, ако поради таа постапка не се чувствуваш убаво, тогаш и не мора да ја трпиш.

Како и да се нарече – ако се чувствуваш лошо, а постапката не запира, тогаш вреди да побараш помош. Запирањето на сајбер-силеџиството не само што е важно заради запирањето на силеџиите, туку и заради признавање дека секој заслужува почит – онлајн и во реалниот живот.

2. Кои се ефектите од сајбер-силеџиство?

Кога силеџиството се случува онлајн се чувствуваш како да те напаѓаат отсекаде дури и во сопствениот дом. Може да ти се чини дека не постои излез. Ефектите може да траат долго и да влијаат врз тебе на повеќе начини:

Ментално – се чувствуваш вознемирено, збунето, глупаво, дури и разлутено

Емоционално – се чувствуваш посрамено или губиш интерес за работите што ги сакаш

Физички – се чувствуваш изморено (не те фаќа сон) или добиваш симптоми, како што се болки во стомакот или главоболки

Чувствата на исмевање, ругање или вознемирување од другите може да те спречат да проговориш или да не се обидеш да го решиш проблемот.

Сајбер-силеџиството може да нè погоди на повеќе начини. Но сето тоа може да се надмине и луѓето може да си ги вратат довербата и здравјето.

Illustration of a person thinking
UNICEF
Illustration of a girl sharing that she's been cyber bullied
UNICEF

3. Со кого треба да разговарам доколку некој ме малтретира онлајн? Зошто е важно да пријавам?

УНИЦЕФ: Ако сметаш дека си изложен/а на силеџиство, првиот чекор е да побараш помош од некој на кого му веруваш, како што се родителите, близок член од семејството или друго возрасно лице на кое му веруваш.

Во училиштето може да му се обратиш на психологот или на омилениот наставник.

А ако не се чувствуваш удобно да разговараш со некој познат, побарај линија за помош за да разговараш со професионален советувач.

Доколку силеџиството се случува на социјална платформа, блокирај го силеџијата и формално пријави го неговото однесување на самата платформа. Компаниите што ги водат социјалните медиуми имаат обврска да се грижат за безбедноста на своите корисници.

Може да биде корисно да собереш докази – текстуални пораки и кадри од екран („скриншот“) од објавите – за да покажеш што се случувало.

За да запре силеџиството, мора да се идентификува како такво, а клучот е во неговото пријавување. На тој начин ќе му се покаже на силеџијата дека неговото однесување е неприфатливо.

Доколку се наоѓаш во непосредна опасност, тогаш повикај полиција или итна служба во твојата земја.

Фејсбук/Инстаграм: Доколку те малтретираат онлајн, те поттикнуваме да разговараш со родителот, наставникот или со некој друг на кого му веруваш – имаш право да бидеш безбеден/а. Исто така, ја олеснивме постапката за секое силеџиство да може да се пријави директно на Фејсбук или Инстаграм.

Во секое време може да му доставиш на нашиот тим анонимна пријава за објавата, коментарот или приказната на Фејсбук или Инстаграм.

Ние располагаме со тим кој ги прегледува овие пријави 24/7 ширум светот на над 50 јазици и ќе отстраниме сè што има за цел злоупотреба или силеџиство. Овие пријави секогаш се анонимни.

На Фејсбук имаме упатство кое може да ти помогне да поминеш низ процесот на справување со силеџиството – или што да направиш ако видиш дека малтретираат некој друг. На Инстаграм исто така има и водич за родителите со препораки за родителите, старателите и возрасните од доверба за тоа како да се справат со сајбер-силеџиството, како и страница каде што може да ги дознаеш нашите безбедносни алатки.

Твитер: Ако мислиш дека си изложен/а на сајбер-силеџиство, најважно од сè е да провериш дали си безбеден/а. Од суштинска важност е да најдеш некого на кого ќе му кажеш низ што поминуваш. Тоа може да биде наставник, друго возрасно лице од доверба, или родител. Разговарај со своите родители или пријатели за тоа што треба да преземеш доколку ти или некој/а пријател/ка сте изложени на сајбер-силеџиство.

Ги поттикнуваме луѓето да ни ги пријават оние налози кои можеби ги прекршуваат нашите правила. Ова може да го направиш од страницата за поддршка во нашиот центар за помош или преку механизмот за пријавување вграден во самиот твит, така што ќе ја кликнеш опцијата „пријави твит“.

4. Доживувам сајбер-силеџиство но страв ми е да разговарам за тоа со родителите. Како да им пристапам?

Ако доживуваш сајбер-силеџиство, еден од најважните први чекори е да разговараш со возрасно лице на кое му веруваш – некој со кого се чувствуваш безбедно кога разговараш.

На секого не му е лесно да разговара со родителите. Но постојат некои работи што може да ги направиш за да го олесниш разговорот. Избери време за разговор кога знаеш дека ќе можат целосно да ти го посветат своето внимание. Објасни им колку е сериозен проблемот за тебе. Запомни, можно е да не ја познаваат технологијата толку добро како ти, па можеби ќе треба да им помогнеш да разберат што се случува.

Можно е да не се во состојба веднаш да ти одговорат, но најверојатно ќе сакаат да ти помогнат и заедно ќе дојдете до решението. Две глави секогаш подобро размислуваат од една! Ако сè уште не си сигурен/а што треба да направиш, размисли дали може да контактираш некој друг на кого му веруваш. Најчесто постојат многу повеќе луѓе што се грижат за тебе и кои би сакале да ти помогнат одошто претпоставуваш!

Illustration of a girl in front of computer
UNICEF
Illustration of a boy with a laptop and a big question mark next to him
UNICEF

5. Како можам да им помогнам на пријателите да пријават случај на сајбер-силеџиство, особено кога не сакаат да го направат тоа?

УНИЦЕФ: Секој може да стане жртва на сајбер-силеџиство. Доколку видиш дека нешто вакво му се случува на некој друг, обиди се да му ја пружиш својата поддршка.

Важно е да ги сослушаш пријателите. Зошто не сакаат да го пријават сајбер-силеџиството? Како се чувствуваат? Објасни им дека случајот не мора формално да го пријават, но дека е многу важно да разговараат со некој што може да помогне.

Запомни, пријателот/ката може да се чувствува кревко. Биди љубезен/а. Помогни им да размислат што може да кажат и на кого. Понуди се да појдеш со нив, доколку одлучат да го пријават случајот. Најважно од сè, потсети ги дека си тука за нив и дека сакаш да помогнеш.

Доколку пријателот/ката сепак не сака да го пријави случајот, тогаш помогни им да најдат возрасно лице од доверба кое ќе може да им помогне да се справат со ситуацијата. Запомни дека во одредени ситуации последиците од сајбер-силеџиство може да бидат и опасни по животот.

Ако никој ништо не преземе, можно е твојот пријател или пријателка да почне да се чувствува како сите да се против него и дека  никому не му е грижа. Твоите зборови може да доведат до промена.

Фејсбук/Инстаграм: Знаеме дека може да биде тешко да пријавиш некого. Но  и некој да биде малтретиран воопшто не е во ред.

Со пријавувањето на одредена содржина до надлежните во Фејсбук или Инстаграм ни помагаш да ја зачуваме твојата безбедност на нашите платформи. Силеџиството и вознемирувањето се многу лични по своја природа, така што во голем број случаи нам ни е потребно некој да го пријави ваквото однесување за ние да може да го идентификуваме како такво и да го отстраниме.

Пријавувањето случај со сајбер-силеџиство на Инстаграм и на Фејсбук е секогаш анонимно и никој никогаш нема да дознае дека токму ти си нè известил/а за ваквото однесување.

Може да пријавиш нешто што самиот/ата го доживуваш, но подеднакво е лесно да пријавиш случај и во име на некој друг со помош на алатките што се достапни во самата апликација. Повеќе информации за пријавувањето се достапни во Центарот за помош на Инстаграм или Центарот за помош на Фејсбук.

На пријателите може да им кажеш за алатката на Инстаграм наречена Рестрикт, каде што дискретно може да си го заштитат својот налог без да мора да блокираат некого – што на некои луѓе може да им делува сурово.

Твитер: Ја активиравме опцијата пријавување од очевидец со која може да пријави некој случај во име на друго лице. Оваа опција може да се искористи и за пријавување на случаи на злоупотреба на лични информации или преземање на идентитет на некој друг онлајн.

6. Со тоа што сум онлајн добивам пристап до мноштво информации; но тоа значи дека сум изложен на можност од злоупотреба. Како да го запреме сајбер-силеџиството, без да се откажеме од пристапот до Интернет?

УНИЦЕФ: Да се биде онлајн ни носи голем број придобивки. Сепак, како и со многу други работи во животот, да се биде онлајн со себе носи и ризици од кои мора да се заштитиш.

Ако доживуваш сајбер-силеџиство, можеби ќе треба да избришеш одредени апликации или да бидеш офлајн некое време, за да си дадеш  време за закрепнување. Но исклучувањето од Интернетот не е долгорочно решение. Ти не си направил/а ништо лошо, зошто тогаш ти да бидеш обесправениот/ата? Тоа дури може на силеџиите да им прати погрешен сигнал – само ќе го поттикнеш нивното неприфатливо однесување.

Сите ние сакаме сајбер-силеџиството да запре, а тоа е една од причините зошто е важно да се пријавуваат таквите случаи. Но за создавањето на  Интернет каков што посакуваме, потребно е повеќе од едноставно посочување на силеџиството. И самите треба да размислуваме што споделуваме или кажуваме за да не повредиме други. Треба да бидеме љубезни едни со други, и онлајн, и во реалниот живот. Од сите нас зависи!

Фејсбук/Инстаграм: Нам ни е важно Инстаграм и Фејсбук да останат безбедни и позитивни места за самоизразување – луѓето ќе сакаат да споделуваат само ако се чувствуваат безбедно. Но знаеме дека на тој пат може да се испречи сајбер-силеџиството и да создаде негативни искуства. Затоа ние, во Инстаграм и Фејсбук, сме посветени на борбата против сајбер-силеџиството.

Ова го постигнуваме главно на два начини. Прво, ја користиме технологијата за да спречиме луѓето да  доживеат и да посведочат силеџиство. На пример, луѓето може да го вклучат ова нагодување кое, со помош на технологијата со вештачка интелигенција, автоматски ги филтрира и сокрива силеџиските коментари наменети да вознемират или налутат некого.

Второ, работиме на тоа да ги поттикeме луѓето на позитивно однесување и комуникација, така што им даваме алатки да си ги персонализираат своите доживувања на Фејсбук и Инстаграм. Рестрикт е една од алатките осмислени така што да може дискретно да си го заштитиш својот налог, а при тоа сè уште да имаш пристап до профилот на силеџијата.

Твитер: Стотици милиони луѓе споделуваат идеи на Твитер, па и не е за изненадување што се случува да не согласуваме со некој друг. Тоа е и една од придобивките, бидејќи може и да научиме нешто доколку со некого учтиво размениме различни ставови и дискутираме.

Но понекогаш, откако ќе слушаме некого одредено време, можеби ќе посакаме повеќе да не го слушаме. Нивното право да се изразат себеси не значи дека сме обврзани да ги сослушаме.

Illustration of a girl online
UNICEF
Illustration of a girl and online settings
UNICEF

7. Како да спречам користење на моите лични информации за да ме манипулираат или понижат на социјалните медиуми?

Размисли два пати пред нешто да објавиш или споделиш онлајн – може да остане онлајн засекогаш и да се искористи на твоја штета подоцна. Не оддавај лични податоци, како што се адреса, телефонски број, или називот на твоето училиште.

Научи ги нагодувањата за приватност на апликациите на твоите омилени социјални медиуми. Еве неколку работи што може да ги направиш на повеќето апликации:

  • Може да одлучиш кој ќе го гледа твојот профил, кој може да ти праќа директни пораки или да коментира на твоите објави така што ќе си ги прилагодиш нагодувањата за приватност на твојот налог.
  • Може да пријавиш навредливи коментари, пораки и фотографии и да побараш да се отстранат.
  • Покрај тоа што може да избришеш некој од листата на пријатели (да го „анфренднеш“), луѓето може и целосно да ги блокираш (да ги „блокнеш“), така што повеќе нема да може да ти го гледаат профилот ниту пак да те контактираат.
  • Може да избереш коментарите од некои луѓе да им се појавуваат само ним, а да не мора при тоа целосно да ги блокираш.
  • Објавите на твојот профил може да ги избришеш, или да ги сокриеш од одредени луѓе.

Кај повеќето од твоите омилени социјални медиуми луѓето нема да добијат известување ако ги блокираш, им го ограничиш пристапот, или пак, ги пријавиш.

8. Дали постои казна за сајбер-силеџиство?

УНИЦЕФ: Повеќето училишта сериозно го сфаќаат силеџиството и преземаат мерки против него. Ако трпиш сајбер-силеџиство од некој соученик, пријави го на училиштето.

Луѓето кои се жртви на каков било облик на насилство, вклучително и на силеџиството и на сајбер-силеџиството, имаат право да ја задоволат правдата, а сторителот да го повикаат на одговорност.

Законите против силеџиството, а особено против сајбер-силеџиството, се прилично нови и сè уште не се донесени во сите земји. Затоа, голем број земји, а меѓу нив и Северна Македонија, мора да се потпираат на други закони, како што се оние наменети за заштита на децата од сите облици на насилство и дискриминација, вклучувајќи и криминал на Интернет (сајбер-криминал).

Во земјите кои имаат посебни закони за сајбер-силеџиство, постапувањето онлајн со кое намерно се предизвикува сериозно емоционално вознемирување се смета за кривично дело. Во некои други земји, жртвите на сајбер-силеџиството може да побараат заштита, забрана на комуникацијата од одредено лице и ограничување на употребата на електронските уреди од тоа лице за сајбер-силеџиство, привремено или трајно.

Сепак, важно е да се запомни дека казнувањето не е секогаш најефективниот начин да се смени однесувањето на силеџиите. Често пати е подобро да се фокусираме на поправање на штетата и закрепнување на односот.

Фејсбук/Инстаграм: На Фејсбук, имаме донесено одредени стандарди на заедницата, а на Инстаграм, пак насоки на заедницата, и бараме од членовите на нашата заедница да ги почитуваат. Ако најдеме одредена содржина што ги прекршува овие политики, како што е случај со силеџиството и вознемирувањето, таа содржина ќе ја отстраниме. 

Ако сметаш дека некоја содржина била отстранета непотребно, исто така даваме можност и за жалби. На Инстаграм, до центарот за помош може да поднесеш жалба против отстранување на некоја содржина или налог. И на Фејсбук може да поведеш иста постапка преку тамошниот центар за помош.

Illustration of a student bullied online looking for a solution
UNICEF
Illustration of a girl online
UNICEF

9. Се чини дека на Интернет компаниите не им е грижа за силеџиството и вознемирувањето онлајн. Дали се повикуваат на одговорност?

Интернет компаниите сè повеќе му обрнуваат внимание на прашањето на онлајн силеџиство.

Многу од нив воведуваат механизми за негово решавање и за подобра заштита на своите корисници со помош на нови алатки, упатства и начини за пријавување на малтретирањето онлајн.

Но, точно е дека е потребно да се направи уште повеќе. Голем број младинци секојдневно доживуваат сајбер-силеџиство. Некои се соочуваат и со екстремни облици на онлајн малтретирање. Некои, како последица на тоа, посегнаа и по своите животи.

Технолошките компании се одговорни да ги заштитат своите корисници, особено децата и младинците.

Сите ние треба да ги повикаме на одговорност кога не си ги исполнуваат своите обврски.

10. Дали постојат некакви онлајн алатки против силеџиство за деца и младинци?

УНИЦЕФ: На секоја социјална платформа се нудат различни алатки (види подолу) со кои може да ограничиш кој може да ги гледа или коментира твоите објави, или кој може автоматски да те додаде за пријател, како и да пријавиш случаи на силеџиство. Голем број од овие алатки се состојат од едноставни чекори, како што е да блокираш некого, да го замолчиш (да го „мјутнеш“), или, пак, да пријавиш сајбер-силеџиство. Те охрабруваме да ги разгледаш.

Компаниите на социјалните медиуми исто така нудат и алатки за едукација и насочување на децата, родителите и наставниците, за да научат за ризиците и за тоа како да останат безбедни онлајн.

Исто така, првата линија на одбраната против сајбер-силеџиство можеш да бидеш и ти. Размисли каде во твојата заедница се случува сајбер-силеџиство и како може да помогнеш – така што ќе го кренеш гласот, ќе ги посочиш силеџиите, ќе им се обратиш на возрасните лица на кои им веруваш, или ќе ги освестиш луѓето за овој проблем. Дури и едноставен чин на љубезност може чуда да направи.

Ако си загрижен за својата безбедност или за нешто што ти се случило онлајн, под итно разговарај со некое возрасно лице на кое му веруваш/ Повикај ја линијата за помош на децата за да ти помогнат.

Фејсбук/Инстаграм: Располагаме со повеќе алатки за зачувување на безбедноста на младинците:

  • Може да избереш да ги игнорираш сите пораки од силеџијата или да ја искористиш нашата алатка за ограничување за дискретно да си го заштитиш налогот без тоа лице да биде известено.
  • Може да ги модерираш коментарите под своите објави.
  • Може да ги измениш нагодувањата така што само луѓето што ги следиш да може да ти пратат директна порака.
  • А пак на Инстаграм, ти испраќаме известување кога сметаме дека сакаш да објавиш нешто што ги преминува границите и те поттикнуваме да се преиспиташ.

За повеќе совети за тоа како да се заштитиш себеси и другите од сајбер-силеџиство, погледни ги нашите ресурси на Фејсбук или Инстаграм,

Твитер: Доколку некои луѓе на Твитер ти станат здодевни или негативни, располагаме со алатки што може да ти помогнат, а следниов список е поврзан со упатства како да ги активираш. 

  • Mute – да ги отстраниш твитовите од некој налог, без да го отследиш („анфолоу“) или блокираш тој налог
  • Block – да ограничиш одредени налози да не може да те контактираат, да ги гледаат твоите твитови, или, пак, да те заследат.
  • Report – да пополниш пријава за злонамерно однесување
Illustration of a boy thinking
UNICEF

Стручни соработници: Соња Ливингстон, ОБЕ, професор по социјална психологија, Катедра за медиуми и комуникација, Лондонско училиште за економија; Аманда Тирд, професор научен соработник, Институт за култура и општество, Универзитет на Западен Сиднеј.

Посебна благодарност до: Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

Соработници од УНИЦЕФ: Mercy Agbai, Stephen Blight, Anjan Bose, Alix Cabral, Rocio Aznar Daban, Siobhan Devine, Emma Ferguson, Nicole Foster, Nelson Leoni, Supreet Mahanti, Clarice Da Silva e Paula, Michael Sidwell, Daniel Kardefelt Winther.

 

Ресурси за пријавување на злоупотреба и за безбедност

[линкови до ресурси за безбедност на популарните социјални медиуми]

Facebook Instagram Kik Snapchat Tumblr Twitter WeChat WhatsApp YouTube