Владата потпиша заложба со која стана дел од Глобалното движење за ставање крај на насилството врз децата

29 Ноември 2019
Luka Pavilkevik (15) with Minister of Interior, Mr Spasovski; Minister of Justice, Ms Deskoska; Minister of Health, Dr Filipce; Minister of Education and Science, Mr Ademi; and Minister of Labour and Social Policy, Ms Carovska stand next to the Government pledge to end violence against children
UNICEF MK
Luka Pavilkevik (15) with Minister of Interior, Mr Spasovski; Minister of Justice, Ms Deskoska; Minister of Health, Dr Filipce; Minister of Education and Science, Mr Ademi; and Minister of Labour and Social Policy, Ms Carovska stand next to the Government pledge to end violence against children

Скопје, 29 ноември 2019 – Денес, на завршната церемонија на дводневната конференција на високо ниво: Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата на Западен Балкан, министрите за внатрешни работи, правда, здравство, образование и наука и труд и социјална политика потпишаа формална заложба за пристапување кон Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата. 

“И честитаме на Владата на оваа важна заложба со која се приклучува кон 26 други земји членки на Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата.  Со работата на ставање крај на насилството врз децата всушност работиме на тоа секое дете да се чувствува безбедно дома, на училиште и во заедницата“, рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани.

Со оваа заложба Република Северна Македонија ќе стане дваесет и седма земја предводник во рамките на Глобалното партнерство за крај на насилството врз децата и се обврза да спроведе конкретни активности до 2022 година за постепено ставање крај на насилството врз децата.

“Убеден сум дека преку оваа заложба заеднички ќе дојдеме до  решенија за подобра нормативна заштита на децата вклучително и превенција од насилство врз децата,“ рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи за време на церемонијата на потпишување на заложбата. 

“Клучно е да се заштитат децата од секундарна виктимизација во текот на правната постапка, без разлика во кое својство доаѓаат, бидејќи тие честопати се веќе трауматизирани,“ рече Рената Дескоска, министер за правда и продолжи “Вториот клучен аспект е дека мораме да работиме на тоа да го извадиме детето од спиралата на насилството и криминал.“

“Два предуслови за превенција на било која форма на насилство врз децата е безусловна љубов од родителите и почит кон децата како личности. Ако помогнеме на време да се ублажат негативните искуства од детството, тогаш може да се превенира интергенерациско пренесување на насилството,“ рече Венко Филипче, министер за здравство.

“Какви генерации ќе создадеме зависи од самите нас. Зависи од секоја индивидуа поединечно, но и од колективната свест и свесност. А секогаш и во секој момент најповикани се политичарите - оние кои управуваат со институциите на системот, оние кои учествуваат во креирањето и спроведувањето на националните политики во сите сегменти и влијаат на општествената атмосфера и состојба,“ рече Арбер Адеми, министер за образование и наука.

“Кога целото општество им помага на родителите да израснат деца со здрава приврзаност - деца кои добиваат поттик во својот развој - тогаш ние создаваме просперитет, како и понапредни, посилни, поуспешни и побезбедни општества,“ рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.
 
Во текот на дводневната конференција беа опфатени три аспекти на справување со насилството превенција, отпорност и специјализирана детска заштита во панел дискусии во кои учествуваа министрите за здравство, образование и наука и труд и социјална политика, меѓународни експерти и претставници на инстицуиите и граѓанскиот сектор од Србија, Црна Гора и Албанија, како  и национални експерти и практичари – претставници на патронажната служба, градинките и училиштата и социјалниот сектор.

Конференцијата ја отвори претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и нагласи: “Нашиот одговор во борбата против насилството врз децата мора да биде сеопфатен. Потребно е заедничко дејствување од сите нас, како индивидуи, потоа од страна на ресорните министерства, социјалните служби, образовните институции и граѓанскиот сектор. Потребно е интегрирано решение, заеднички пристап кон овој проблем кој сите нас не засега.“

Шефот на Делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар истакна: “Треба прво да им помогнеме на децата да станат свесни за своите права за да можеме да им дадеме поддршка на оние деца што се под ризик од насилство. Ние возрасните имаме одговорност да ги слушаме децата и да ги сфаќаме сериозно.“

На сесијата посветена на превенција “Прекинување на меѓугенерациското пренесување на насилството, преку поддршка на старателите да изградат цврста и сигурна поврзаност со децата“ се зборуваше и за  важноста на скринингот на негативни искуства од детството, програмите за родителство, улогата на примарната здравствена заштита и специјализираните услуги за спречување траума.

На сесијата посветена на отпорност “Да им се помогне на децата да напредуваат преку намалување на ефектите од негативните искуства “ се зборуваше за подготвеноста на училиштата, градинките и другите образовни програми да одговорат на траума за децата да го достигнат својот целосен потенцијал.

Последната панел дискусија беше посветена на обезбедување интегриран систем за детска заштита за да им се помогне на оние деца кои доживеале траума да го ублажат токсичниот стрес и да имаат можност да напредуваат. 

Танцовото студио Битрикс ја отвори конференцијата со моќниот перформанс “Тишина“, а конференцијата ја затвори хорот од училиштето “Кузман Јосифовски Питу“ со песната “Занемена“ праќајќи ја пораката дека со заложбата треба да се стави крај на криење на насилството во тишина.
 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.