Сè што треба да знаете околу миењето на рацете за да се заштитите од корона вирусот (КОВИД-19)
Миењето на рацете може да ве заштити вас и вашите најблиски.
- English
- Македонски
Респираторните вируси како корона вирусот (КОВИД-19) се шират кога слузта или капките што го содржат вирусот ќе навлезат во вашиот организам преку очите, носот или грлото. Ова најчесто се случува преку рацете. Рацете се и најчест начин за ширење на вирусот од едно лице на друго.
За време на глобална пандемија, еден од најевтините, најлесните и најважните начини за спречување на ширењето на вирусот е рацете често да се мијат со сапун и вода.
Еве што треба да знаете за правилно миење на рацете:
1. Како правилно да ги мијам рацете?
За да ги елиминирате сите траги од вирусот на вашите раце, брзото триење и плакнење нема да ви заврши работа. Подолу е даден постепен процес за ефективно миење на рацете.
Чекор 1: Натопете ги рацете со млаз вода
Чекор 2: Насапунете со доволно сапуница за да ги покриете влажните раце
Чекор 3: Тријте ја целата кожа на рацете - заедно со дланките, меѓу прстите и под ноктите - барем 20 секунди
Чекор 4: Темелно исплакнете ги со млаз вода
Чекор 5: Исушете ги рацете со чиста крпа или со хартија за една употреба
2. Колку долго треба да ги мијам рацете?
Рацете треба да се мијат барем 20-30 секунди. Тоа лесно се прави со двапати пеење на роденденската песничка докрај.
Истото важи и за дезинфициенсот: користете дезинфекциско средство што содржи барем 60% алкохол и втријте го во рацете барем 20 секунди за целосно да ги покриете.
3. Кога треба да ги мијам рацете?
Во контекст на превенција од КОВИД-19, рацете дефинитивно треба да ги миете во следниве наврати:
- По секнење на носот, кашлање или кивање
- По посета на јавен простор, присуство во јавен превоз, на пазари и светилишта
- По допирање површини надвор од дома, вклучувајќи и пари
- Пред, за време и по грижа за болно лице
- Пред и по јадење
Општо, секогаш треба да ги миете рацете во следнаиве наврати:
- По употреба на тоалет
- Пред и по јадење
- По ракување со ѓубре
- По допирање животни и домашни миленици
- По менување на бебешки пелени или по помагање на децата при одење во тоалет
- Кога рацете ви се видливо нечисти
4. Како да му помогнам на моето дете да си ги измие рацете?
На децата да може да им помогнете да си ги измијат рацете со тоа што, на пример, ќе ставите столче за сами да ги досегнат водата и сапунот. Може да им го направите забавно со пеење на нивните омилени песнички додека си ги тријат рацете.
5. Дали рацете треба да ги мијам со топла вода?
Не, рацете може да ги миете со вода на било каква темепература. Ладната и топлата вода се подеднакво ефикасни во убивање бактерии и вируси, сѐ додека користите сапун!
6. Треба ли рацете да ги исушам со крпа?
Бактериите полесно се шират од влажна отколку од сува кожа, па целосното сушење на вашите раце е важен чекор. Хартиите или чистите крпи се најефективен начин да се отстранат бацилите без да се шират на други површини.
7. Како поинаку може да помогнам да се спречи ширењето на корона вирусот?
- Внимавајте при кивање и кашлање: Покријте ги устата и носот со подлактицата или со шамивче при кашлање или кивање, веднаш фрлете го употребеното хартиено шамивче и измијте ги рацете
- Не допирајте го лицето (устата, носот, очите)
- Практицирајте социјално дистанцирање: избегнувајте ракување, гушкање или бакнување луѓе, како и делење храна, прибор, чаши и крпи
- Избегнувајте близок контакт со секој што има настинка или симптоми слични на грип
- Побарајте медицинска помош навреме, ако вие или вашето дете имате треска, кашлица или отежнато дишење
- Исчистете ги површините коишто можеби биле во допир со вирусот, и општо, чистете ги површините почесто (особено во јавните простори)
За сите упатства околу Ковид-19, кликнете тука.