Бесплатни дигитални алатки за поддршка на онлајн учење
Поддржете ги децата да учат каде и да се
Дигиталните платформи, апликации и содржини нудат дополнителни можности за децата да истражуваат, вежбаат и напредуваат. Експертите од областа на образованието составија листа на бесплатни и отворени дигитални ресурси што можат да го поддржат учењето надвор од формалните образовни институции.
Оваа листа не е наменета да ги замени наставните материјали обезбедени од училиштата или наставниците. Наместо тоа, нуди неформални, воннаставни можности за учење кои можат да ја надополнат наставата во училиштата. Повеќето алатки се бесплатни за користење, иако некои нудат дополнителни функции или премиум-содржини со доплата.
Вклучувањето платформи во оваа листа не значи дека УНИЦЕФ е нивен автор; но тие се признаени и широко користени дигитални алатки. Се потрудивме најдобро што можеме да најдеме и вклучиме ресурси на локалните јазици, а многу од ресурсите набројани овде постојат на англиски и на други јазици.
Листата ќе ја ажурираме редовно и доколку имате сугестии за дополнување ве молиме дајте предлог!
Потрудете се учењето на вашето дете онлајн да биде забавно и безбедно
Кога станува збор за учење на децата онлајн, родителите и старателите треба да запомнат секогаш:
- Активно да учествуваат во учењето на своите деца. Да ја користат технологијата како една состојка од процесот на учење во кој има интеракција и со други луѓе, знаејќи дека технологијата сама по себе не може да го замени присуството и насочувањето на наставниците или родителите. Ова важи особено за помалите деца.
- Да ги заштитат личните податоци на децата. Родителите и старателите треба да ги проверат дигиталните извори што ги користат децата и да ги избегнуваат оние што не изгледаат безбедно или оние каде се бара давање на детални лични податоци. Идентитетот на децата, нивната локација, националната или верска припадност не треба да бидат меѓу бараните информации за пристап до наставните ресурси.
Дигитални четива
Мисли еднакво: Сликовници од програмата за социјален и емоционален развој поддржана од УНИЦЕФ и финансирана од Владата на Обединетото Кралство, програма што се реализира во градинките и има за цел стекнување на повеќе од 20 клучни вештини кај децата меѓу кои: емпатија, љубезност, самодоверба, истрајност, критичко размислување, разрешување конфликти, самопочитување, комуникација, самосвест и други вредности.
УНИЦЕФ “Дружината МЕЛА“: Онлајн сликовници на македонски и албански за предучилишни деца и помали деца што посетуваат основно образование. Сликовниците се развиени со поддршка на УНИЦЕФ и Владата на Обединетото Кралство.
Чекор по чекор: Дигитални сликовници за раскажување на македонски, албански, турски и босански јазик за деца од предучилишна и училишна возраст, како и аудио сликовници на знаковен јазик и активности за дигитално учење.
Global Digital Library (Светска дигитална библиотека): Ја унапредува писменоста во пониските одделенија така што дава пристап до дигитални книги, приказни за деца и други четива на повеќе јазици. Може да се користи на компјутер.
StoryWeaver (Раскажувач): Дигитална база на повеќејазични приказни за деца. Може да се користи преку мобилен уред и компјутер.
Наставни апликации
Учење јазици
Akelius: Апликација за учење јазици и интернет-платформа чиј фокус се децата кои сѐ уште не го зборуваат добро својот мајчин јазик, а имаат потреба да научат странски јазик. На мобилни уреди, компјутери и преку Google Play. Достапни јазици: грчки, англиски, француски, шведски. Апликацијата може да се преземе од Google Play.
Duolingo: Апликација за учење јазици до која се пристапува преку мобилен уред и компјутер. Достапна преку Google Play, App Store.
Наставни платформи со разни содржини
Особено корисни за повозрасните, мотивирани ученици, или за учење со активно вклучување на старателите
Alison: Бесплатни интернет-курсеви за различни предмети. Достапни преку компјутер. Достапни јазици: англиски, шпански, француски, италијански и португалски.
Coursera: Интернет-курсеви што ги држат наставници од признати универзитети и од познати компании. На мобилни уреди и компјутери. Повеќето курсеви се на англиски.
EdX: Бесплатни интернет-курсеви на образовни институции од светот. Достапни на мобилни уреди и компјутери преку Apple store, Google Play. Повеќето курсеви се на англиски.
EkStep: Отворена наставна платформа со збирка ресурси за писменост и математика. На мобилни уреди и компјутери. Достапна на Google Play. Главно на англиски јазик. Учениците пристапуваат до интерактивни содржини.
Khan Academy: Бесплатни интернет курсеви, предавања и вежби. На мобилни уреди и компјутери. Достапни на Google Play, App Store, Amazon App Store. Повеќе јазици.
Kolibri: Дигитална платформа со отворен код наменета за заедници со ограничени ресурси, која функционира и без пристап до интернет. Пристап преку компјутер. Повеќе јазици.
Вештини на програмирање: Постојат бројни бесплатни интернет-ресурси за деца и млади преку кои тие може да учат ИКТ и програмирање. Ги има за различни возрасти (дури и за предучилишна возраст), како и за учење на разни програмски јазици. На веб-страницата на IT Girls (ИТ Девојки) може да најдете листа со достапни ресурси: http://itgirls.ba/postani-it-girl/
Прирачници за искуствено учење за животната средина и климатските промени за интегрирање во наставата со деца на предучилишна возраст, основно и средно образование. Прирачниците се изработени со поддршка од УНИЦЕФ и Шведска, и достапни се на македонски и албански јазик.
Други препорачани ресурси
Фондацијата „Метаморфозис“ која активно работи на полето на Отворените образовни ресурси (ООР) ја препорачува веб страницата (http://oer.mk/) која служи како платформа за соработка помеѓу наставничките и наставниците од земјата. Листата на ресурси можете да ја најдете тука: http://oer.mk/resources/