Како да го негувате менталното здравје на вашето дете: мини-обука за родителство

Совети од психолог за тоа како вашето дете да се чувствува безбедно и заштитено.

UNICEF
Man in a blue t-shirt smiling and holding a baby
UNICEF Serbia / Nemanja Pancic
21 Јуни 2021

Кога треба да почнам да мислам на менталното здравје на моето дете? Како да потпомогнам позитивно ментално здравје во моето семејство? Психологот и стручњак за детски развој, д-р Лиза Дамур одговара на овие и многу други прашања.

UNICEF

Кога ќе добијат бебе родителите добиваат полни раце работа и низа емоции. Чувствуваат радост, фрустрација, замор и нервоза. Нема причина да се плашите од ваквите измешани емоции. Здраво, јас сум д-р Лиза Дамур и ова е мојата мини-обука за родителство, за тоа како да го негувате менталното здравје на вашето дете.
 

Наскоро ќе станам родител. Што да очекувам во поглед на емоциите и стресот?

Да се ​​стане родител за првпат е огромен пресврт. Тоа ќе промени сè што правите. Секој аспект од вашиот живот  ќе се смени. Една работа што ја знаеме за стресот е дека се случува секогаш кога треба да се приспособиме на нови услови. А прилагодувањето кон новороденчето претставува приспособување кон нови услови. Затоа, очекувајте стрес. Тоа не значи дека нешто не е како што треба. Само значи дека се навикнувате да бидете родител. А ова ќе станува сѐ полесно со текот на времето.
 

На која возраст треба да почнам да размислувам за менталното здравје на моето дете?

За менталното здравје на вашето дете треба да почнете да размислувате уште од моментот кога првпат ќе го видите. Од самиот почеток, тоа во вас ќе гледа љубов, знаење и безбедност. Кога му давате топлина и нежност му помагате да се чувствува заштитено, кога го тешите ако се вознемири и кога  му помагате да се снаоѓа низ светот, поставувате темели на менталното здравје за цел живот.
 

Како стресот влијае врз емотивниот развој на моето дете?

Одговорот на стрес се активира кога бебињата ќе се исплашат или ќе се загрижат дека некој ги заборавил, или дека потребите не им се исполнуваат. Нашата работа како родители е да им помогнеме да го смират таквиот одговор. Кога реакцијата на стресот ќе се смири, сè се враќа во нормала и вашето бебе всушност учи дека светот е безбедно и сигурно место. Некои бебиња не го учат тоа. Тие се во стресна состојба и не ја добиваат емотивната поддршка што им треба за пак да се почувствуваат смирено. Кога децата се во стресни ситуации, а крај себе немаат возрасен кој со љубов ќе им помогне да се чувствуваат подобро, може да се постави основа за емотивни тешкотии понатаму во животот.
 

Како да научам на моето дете да му покажувам нежност и љубов ако јас не сум пораснал/а така?

Родителството е тешко. Секој мора да научи како да го прави. И всушност, само ако цврсто се решиме, ќе може да станеме навистина добри родители. Постојат толку многу работи на кои треба да се концентрираме кога стануваме нов родител. Еве нешта што ќе внесат огромна разлика и ќе помогнат да бидете сигурни дека му го давате на вашето дете она што вие сте сакале да го имате: следете го вашето бебе, обрнете внимание на она што му треба, реагирајте на неговите потреби и постојано и топло покажувајте дека сте присутни. Тоа е сè што му треба  за одличен почеток во животот.
 

Како да потпомогнам позитивно ментално здравје во моето семејство?

Децениските истражувања нè научија дека на децата им требаат две работи: им треба топол дом во кој ќе чувствуваат дека луѓето околу нив ги сакаат и им треба предвидлив живот дома. Треба да знаат што да очекуваат. Потребни им се добра структура и сигурност. Затоа, кога станува збор за топлината, уживајте во вашето бебе, уживајте во вашето дете, играјте си со него, зборувајте му, гушкајте го. Ако тоа го правите, вашето дете ќе се чувствува добро, а и вие исто и всушност тогаш се ослободуваат природни хормони што ви овозможуваат да се поврзете со вашето дете.
 

Дали е во ред пред моите деца да покажувам емоции како лутина или тага?

Вие сте првиот учител на вашето дете и тоа ќе научи од вас сѐ за чувствата. Така што, кога имате чувства, особено болни, треба да смислите како да ги изразите, да ги искажете искрено, но не претерано или застрашувачки. Всушност, треба да покажете како вие самите се снаоѓате со болно или тешко чувство, како што е на пример изнаоѓање соодветен начин да се справите со тоа чувство така што ќе излезете надвор, ќе прошетате, ќе побарате поддршка од друг. Ова е најважното што треба да се запамети: дефиницијата за ментално здравје не е да се чувствувате смирено, опуштено и среќно цело време или вашето дете да е такво. Дефиницијата за ментално здравје е да имате вистинско чувство во вистинско време и да знаете како правилно да го контролирате.
 

Што да направам кога се чувствувам пренапрегнато?

Еве некои техники за справување со стресот. Ако се чувствувате пренапрегнато, дефинитивно треба да одвоите време да го решите стресот и има многу добри начини што ќе ви помогнат да го ставите под контрола. Прво, обезбедете си добра социјална поддршка. На сите ни треба некој кому ќе ги довериме своите грижи, како и личност или група со кои ќе се чувствуваме поврзано и прифатено. Друго нешто што може да ви помогне ако сте под сериозен стрес е да си пронајдете разонода што ве усреќува. Понекогаш треба само да си дадеме  ментален одмор. Така, можеби ќе сакате да читате книга или да го минете времето со некој што ви е битен. Само тргнете ги мислите од сѐ што ви предизвикува стрес. Тоа ќе ви помогне да се ресетирате и да се чувствувате подобро. Конечно, важен начин на кој водиме сметка за себе кога сме под стрес е добро да се грижиме за нашето тело, да се наспиеме доволно, да јадеме добро и да бидеме физички активни колку што ни треба. Тоа се работите што може да ги направите за вие да бидете добро и добро да се грижите за вашето дете.


Д-р Лиза Дамур е психолог, најдобро продавана авторка, месечна колумнистка на Њујорк Тајмс и мајка на две деца. Има напишано бројни академски трудови, поглавја и книги за воспитување и развој на децата.