Вознемирувачките настани и менталното здравје на децата

Како да им се помогне на децата да се справат со стрес предизвикан од траума

УНИЦЕФ
Family at a dinner table playing dominos
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2017
18 Март 2025

Изложеноста на вознемирувачки настани може да доведе до многу негативни последици кај децата и адолесцентите. Дури и оние што не се директно изложени на влијанието од вознемирувачките настани може да бидат трауматизирани поради зачестената изложеност на фотографии и снимки од овие настани што ги гледаат на вести и на интернет.

Децата и младите се справуваат со стресот на различни начини и во тој контекст може да покажуваат знаци на преголема приврзаност кон родителите, анксиозност, повлекување во себе, лутина, вознемиреност итн. Затоа им е многу важна вашата поддршка и сигурност за да изнајдат начини полесно да поминат низ периодот по трауматскиот настан. 

Знаците на психолошки стрес кај децата често поминуваат незабележано.

Насобраниот стрес со време може да влијае и на здравјето и на однесувањето на детето.

Научете на време да ги препознаете знаците на стрес кај детето за да можете правилно да реагирате и да му помогнете. 

  • Умор
  • Стомачни проблеми
  • Стегање во градите
  • Сушење на устата
  • Болки во разни делови од телото
  • Слабост
  • Краток здив
  • Вртоглавица
  • Треперење
  • Главоболка 

Кај децата на возраст од 0 до 3 години може да се јават следните реакции и симптоми:

  • Поголема приврзаност за родителот од вообичаено
  • Регресија кон однесување како на помала возраст
  • Промени во навиките за спиење и јадење
  • Зголемена раздразливост
  • Хиперактивност
  • Поголем страв од околината 
  • Барање повеќе внимание
  • Често плачење

Кај децата на возраст од 4 до 6 години може да се јават и следните реакции и симптоми:

  • Се “лепат“ за возрасните
  • Регресија кон однесување како на помала возраст
  • Промени во навиките за спиење и јадење
  • Зголемена раздразливост
  • Слаба концентрација
  • Знаци на премала активност или хиперактивност
  • Намален интерес за играње
  • Преземање на улога на возрасен
  • Прекинува да зборува
  • Поголема анксиозност и загриженост 

Кај децата на возраст од 7 до 12 години може да се јават и следните реакции и симптоми:

  • Повлекување во себе
  • Промена во навиките на спиење и однесување
  • Зачестено плачење
  • Раздразливост
  • Агресивност
  • Немир
  • Влошено памтење и намалена концентрација
  • Психосоматски симптоми
  • Често зборување за настанот или повторувачки активности
  • Чувство на вина

Кај децата на возраст од 13 до 17 години може да се јават и следните реакции и симптоми:

  • Интензивно чувство на тага
  • Претерана грижа за другите
  • Чувство на вина и срам
  • Зголемено спротивставување на авторитети
  • Агресивност
  • Авто-деструктивност (самоповредување)
  • Чувство на безнадежност

На децата кои подолго време ги покажуваат овие знаци им треба стручна поддршка. 

  • Повлечени се или се многу тивки и прават малку или воопшто не прават движења
  • Се кријат или се тргаат на страна од други луѓе
  • Не им одговараат на другите, не зборуваат
  • Екстремна и постојана загриженост
  • Физички симптоми дека не се чувствуваат добро; треперење, главоболка, губиток на апетит,  различни видови болка
  • Агресивност, се обидуваат да ги повредат другите
  • Конфузни и дезориентирани 

Разговарајте со своите деца.

Посветете им внимание.

Грижете се и за својата емотивна состојба.

Како родителите можат да ги поддржат своите деца

Реакциите на возрасните влијаат на тоа како децата ќе реагираат во вознемирувачки ситуации. Родителите можат да им помогнат и да ги поддржат своите деца на тој начин што ќе им дадат доволно простор и време да ги ислушаат нивните грижи, ќе бидат смирени и стабилни и ќе им посветат повеќе внимание. 


1.    Посветете им време и внимание

Понекогаш е доволно само да им ставите до знаење на децата дека сте тука за нив, дека ги разбирате нивните проблеми и дека сте тука за да ги слушнете што имаат да ви кажат.

2.    Помогнете им да ги задржат здравите навики

Рутината и вообичаените навики се важни, затоа што ни даваат чувство на континуитет, мир и сигурност.
Помогнете им на вашите деца и покрај стресот да продолжат со активностите кои им даваат структура на секојдневието.

3.    Објаснете им што се случило и дајте им увид во она што моментално се случува

Децата не се секогаш во состојба сами да разберат што се случува, да создадат слика за тоа какви последици носи со себе одредена ситуација, или пак што носи иднината. Многу е важно да им дадете јасно објаснување за она што се случило. 

4.    Обрнете внимание на вашите чувства и реакции

Покажете ги вашите чувства, бидејќи така децата ќе видат дека е „дозволено“ да се изразат различни емоции дека е природно во оваа ситуација некој да чувствува тага, некој гнев, страв, збунетост. Внимавајте на тоа вашите чувства да бидат поумерени и внимателно објаснете ги вашите реакции, за да немаат децата чувство дека тие ги предизвикале.  

5.    Дозволете им да бидат тажни

Изразувањето тага е природен и неопходен процес во соочувањето со последиците настанати поради стрес.
Немојте да барате од децата да „бидат храбри“ или да “не плачат“. Дозволете им да ги изразат своите чувства на начин кој најмногу им одговара.

6.    Слушајте без да осудувате

На децата им е потребно да ги искажат своите мисли и стравови без да се плашат дека ќе бидат осудувани или дека нивните чувства нема да бидат сфатени сериозно. Дозволете им да ги искажат на начин кој најмногу им одговара.

7.    Разговараjте за предизвиците со кои се соочуваат

На децата им е важно вашето животно искуство и знаење. Вашата доверба и разбирање ќе им бидат од особена важност во справување со тешки ситуации и ублажување на негативните последици.

8.    Охрабрете ги да се вратат на вообичаените активности

Поттикнете ги да продолжат да учествуваат во секојдневните обврски во семејството и на тој начин да се почувствуваат корисно. На тој начин сите заедно ќе придонесете кон тоа семејството да продолжи да функционира на вообичаен начин.


Бидете свесни за фактот дека и вие може да имате негативни реакции на вознемирувачкиот настан. Преземете ги потребните чекори за да се заштитите и да се грижите за вашето ментално и физичко здравје.