Како да разговарате со децата за смртта на блиска личност
Како да им помогнете на вашите деца да се справат со загуба, тагување и чувство на болка
Смртта на блиска личност е болна и комплицирана за возрасните, а може многу да ги збуни и вознемири децата кои се соочуваат со загуба по прв пат. Подолу споделуваме неколку совети за поддршка на вашите деца и информации за тоа што можете да очекувате додека децата тагуваат.
Како тагуваат децата?
Реакцијата кај детето за смртта на блиска личност ќе се разликува зависно од возраста и претходните животни искуства. Сите деца се различни, а примерите дадени подолу за реакцијата според возраста може да важат за деца од различна возраст,
Малите деца под петгодишна возраст често не разбираат дека смртта е трајна и може да прашаат дали лицето кое починало ќе се врати. Тие може да покажат поинакво однесување, како што е прилепување до родителите/старателите или некакво регресивно однесување, како што е мокрење во креветот. Ваквото однесување е многу често и обично престанува по одредено време.
Постарите деца на возраст помеѓу 6 и 11 години почнуваат да разбираат дека смртта е вечна (иако некои 6-годишни деца сè уште ќе се мачат да го разберат овој концепт) и може да се загрижат дека и други сакани членови на семејството и пријатели ќе починат. Тие може да почнат да поставуваат повеќе прашања и ќе сакаат да разберат што се случило. Tагата може да ја покажат преку лутина и да доживеат физичка болка и страдање.
Адолесцентите и помладите тинејџери на возраст од околу 12 години разбираат дека смртта е неповратна и дека тоа е животен процес низ кој поминуваат сите живи суштества. Често се заинтересирани да разберат зошто се случуваат некои работи . Реакциите ќе бидат најразлични - апатија, лутина, екстремна тага и недостиг на концентрација.
Запомнете, не постои „правилен“ начин на тагување и не постојат посебни фази кога одредени емоции или однесувања треба да се манифестираат. Реакциите на децата во голема мера ќе се разликуваат зависно од возраста, интелектуалната способност, односот со лицето кое починало, реакцијата на другите членови на семејството, како и културата и општеството во кое живеат.
Како да му кажам на моето дете дека почина негово блиско лице?
Најважно е да не се крие и да не се одлага соопштувањето на вистината. Природно е да сакате да го заштитите вашето дете, но најдобро е да бидете искрени. Кога ќе му кажете што се случило, ќе ја зголемите неговата доверба во вас и ќе му помогнете подобро да се справи со загубата на блиската личност.
Обидете се да најдете безбедно и тивко место каде што ќе разговарате со детето и добро размислете што ќе му кажете. Кажете му да седне со вас. Ако е мало дете и има свој омилен предмет, играчка или ќебенце што сака да го носи, дозволете му да ги има со себе. Зборувајте бавно и често правете паузи, за да му дадете време да разбере и да си дадете и себеси време за да се справите со сопствените чувства.
Бидете емпатични и искрени со децата од сите возрасти, но не заборавајте да бидете особено јасни со помалите деца и притоа не користете еуфемизми. Ако кажете на пример „изгубивме некого“, тоа дополнително ќе го збуни малото дете бидејќи нема да разбере што значи тоа. Психологот Др. Лиса Дамур го препорачува следново: „Покорисно е ако возрасните лица на топол и нежен начин кажат: „ Сакам да споделам со тебе една многу тажна вест. Баба/дедо почина. Тоа значи дека неговото тело престана да работи и нема да ја/го видиме повторно.“ На родителите може да им биде тешко да користат таков директен јазик, но важно е да се биде искрен и транспарентен.
Дајте му време на детето да ги прими овие информации. Малите деца може да реагираат така што ќе изгледа како да не слушаат што кажувате. Бидете трпеливи и почекајте да го придобиете вниманието на детето. Исто така, бидете подготвени дека помалите деца ќе ги поставуваат истите прашања повторно и повторно, не само во овој момент, туку и во текот на следните денови и седмици.
Некои деца може да се загрижат дека кажале или направиле нешто што ја предизвикало смртта. Децата од сите возрасти може да се чувствуваат виновни, и затоа проверете дали на некаков начин се чувствуваат одговорни.
Дали е во ред да тагувам пред моето дете?
Сосема е во ред и природно е да покажете дека сте тажни пред вашето дете. Подгответе се да не го вознемирите детето со вашата реакција, но бидете искрени. Ако сте тажни и плачете, кажете како се чувствувате и уверете го детето дека нема ништо лошо во тоа да се покажуваат и искажуваат чувствата пред други луѓе. Тоа им помага на децата подобро да ги препознаат, да ги доживеат и да ги покажат сопствените чувства.
Како можам да му помогнам на моето дете да се справи со својата тага?
Тагувањето е важно, за да можат и децата и возрасните да се справат со загубата на блиска личност. Важно е децата да бидат вклучени како што сметате дека е соодветно, и да се чувствуваат удобно. Тагувањето му овозможува на детето да ја прифати смртта на блиската личност, да го слави нивниот живот и да се збогува.
Најдете начин да оддадете почит за да покажете колку таа личност била значајна за сите вас. Најдете начин на кој детето ќе се поврзе со починатата личност, ќе ја покаже својата љубов и важноста на таа личност во неговиот живот. Децата може ќе сакаат да ја нацртаат личноста, да испеат или прочитаат песничка или нешто што напишале за таа личност.
Сите семејства имаат различни духовни верувања или културолошки практики. Ако вашето семејство практикува одредена религија, може ќе биде корисно да се обратите кај вашиот духовен лидер кој може да ве поддржи во објаснувањето на смртта и да ви даде утеха вам и на вашите деца.
Како можам да го заштитам менталното здравје на моето дете по смртта на блиска личност?
Ова се неколку важни начини на кои може да му помогнете на вашето дете да се чувствува подобро и да го заштитите неговото ментално здравје:
- Како родител, роднина, згрижувач или лице на кое детето му верува и добро го познава, продолжете доследно и со љубов да се грижите за детето.
- Доенчињата и малите деца и понатаму ќе се чувствуваат сигурно и сакано ако одржувате грижлив физички контакт, преку пеење, гушкање и лулање.
- Задржете ја нормалната животна рутина и структура колку што е можно повеќе. Обидете се да го организирате денот со време за редовни активности, како што се чистење, училишни задачи, вежбање и игра.
- Ако децата покажуваат несоодветно и/или регресивно однесување, обидете се да разберете дека тоа е начин да го покажат она што не можат да го искажат и не ги казнувајте за тоа.
- Другите деца кои се дел од животот на детето треба исто така да бидат информирани преку нивните наставници или родители за тоа што се случило, за да можат да го поддржат кога ќе се врати на училиште/градинка.
Не заборавајте да се грижите и за сопствената физичка и ментална благосостојба. И вие тагувате. Може да биде тешко да ги поддржувате вашите деца додека вие се справувате со сопствените чувства и затоа е многу важно да одвоите време за себе и да се грижите за себе. Не можете да им помогнете на децата доколку вие не се чувствувате добро. Спијте доволно, јадете правилно, вежбајте, одвојте време за релаксација (на пример преку слушање музика) и исто така обратете се кај лице кое ќе ви даде емоционална поддршка. Обидете се да избегнувате какви било штетни практики, како што е зголемена консумација на алкохол.
Овој напис е преземен од „Како се комуницира со деца при смртен случај и како да им се помогне на децата да се справат со тагувањето“ на Колаборативниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка (Mental Health and Psychosocial Support (MHPSS) Collaborative). За да дознаете повеќе, посетете ја веб-страницата на MHPSS Collaborative.