За млади: Како да се соочите со трагични настани во кои има повеќе жртви или повредени

Соочувањето со ваквите настани може да биде многу стресно и понекогаш е тешко да се сфати од каде да се почне и како да се разбере што се случило.

УНИЦЕФ
Adolescent with a phone
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2022
18 Март 2025

Кога ќе се случи трагичен настан во кој има повеќе жртви или повредени, сите членови на заедницата се погодени од тој настан. Соочувањето со ваквите настани може да биде многу стресно и понекогаш е тешко да се сфати од каде да се почне и како да се разбере што се случило.

Со текот на времето, повеќето луѓе почнуваат да се чувствуваат подобро, продолжуваат со животот и се враќаат на секојдневните активности. Сепак, следниве информации за тоа како ваквите настани влијаат на нас може да ти помогнат подобро да се грижиш за себе и за другите.

Ова се некои од најчестите реакции на трагични настани.

Се чувствувам исплашено и несигурно/небезбедно

Овие настани се шокантни и предизвикуваат загриженост за сопствената безбедност. Ако луѓето кои настрадале или биле повредени во текот на настанот правеле нешто што ти вообичаено го правиш  или биле на место каде што ти  одиш често, ова секако може да придонесе да се почувствуваш исплашено, анксиозно и небезбедно. Можеби мислиш дека е срамота да се чувствува страв или дека само мали деца можат да бидат исплашени, но овие чувства се нормални и чести, особено по трагичен настан. Важно е да знаеш дека возрасните (родителите, училиштето, докторите, психолозите) работат на тоа да се подобри твојата, како и безбедноста на целата заедница. Како млада личност, можеш значително да придонесеш во овие напори. На пример, да се залагаш за мерки за кои сметаш дека можат да ја подобрат безбедноста во твојата заедница.

Имам проблем да се вратам на вообичаените активности

По трагичен настан, многу млади ќе имаат слични реакции:

  • Проблеми со спиење (не можам да заспијам или често се будам во текот на ноќта, немирно спијам, имам кошмари).
  • Проблеми со концентрација и фокус на училиште (ништо не стигнувам да направам, збунет/а сум, се чувствувам како мозокот да ми е во магла).
  • Чувство на тага, лутина, збунетост или страв дека повторно може да се случи трагичен настан.
  • Чувство на изолираност или оддалеченост од семејството и/или пријателите (не ме разбираат, се чувствувам осамено).
  • Не можам да се ослободам од мислите и/или сликите од трагичниот настан.
  • Не ме интересираат нешта што порано ми беа важни/интересни.
  • Имам главоболки, болка во стомакот, чувствувам дека срцето силно ми чука или ми се промени апетитот.
  • Некои слики, звуци, мириси и сцени ме потсетуваат на трагичниот настан.
  • Постојана нервоза, напнатост и спремност за „одбрана“ од некаква опасност.

Ако ти или некој кој го знаеш сте изгубиле блиска личност, може да се појават и други реакции. Секоја личност тагува на различен начин и не постои само еден „вистински“ начин на кој се тагува.

Загрижен/а сум за семејството или блиските

Како млада личност, поминуваш низ фаза на поголема независност и развивање на сопствени вредности и интереси. По трагичен настан во кој има повеќе жртви или повредени, може да се случи да почнеш да се грижиш за доброто на твоите блиски на различен начин или пак повеќе од вообичаено. 

На пример, по вакви настани често стануваме посвесни за тоа како настанот влијае на старите или пак на помладите браќа/сестри, па поради тоа да се однесуваме позаштитнички кон нив. Ако мислиш дека твоите родители се многу вознемирени од настанот, може да се случи да избегнуваш да разговараш со нив за тоа како ти се чувствуваш, со цел да ги поштедиш од дополнителен стрес. Но, би било добро да имаш возрасна личност од твоето окружување со која можеш да поразговараш за тоа што се случило и како се чувствуваш. 

Секојдневните проблеми ми се сè потешки

Младите се соочуваат со разни предизвици, како што се приспособување на училиште, балансирање со други обврски и активности, планови за упис во средно училиште или факултет, притисоци од врсниците, проблеми дома или пак во романтична врска.

Кога ќе се случи некој трагичен настан, може да ти се чини дека сите твои проблеми се безначајни во споредба со ситуацијата. Сепак, ваквиот настан може да ги влоши проблемите со кои веќе се соочуваш или да ти се чини дека се многу поголеми и потешки од претходно. Ова е особено важно доколку и пред настанот постоело некое искуство со траума, анксиозност, депресија или слични состојби.

Потрага за смисла

Тешко е да се разбере зошто се случуваат трагични настани или зошто некој би повредил или би им го одзел животот на други, намерно или од небрежност. Ова може да те натера да ја преиспиташ твојата доверба во другите, вербата и начинот на кој размислуваш за светот и луѓето. Потрагата по смисла после ваков настан може да биде огромен предизвик. Читање, разговор со пријателите, семејството, психолог, може да ти помогне во овој процес. 

Ограничи ја изложеноста на социјалните медиуми

По трагичен настан во кој загинале или се повредени повеќе лица, медиумите постојано известуваат за тоа. Може да се случи да не можеш да престанеш да гледаш во телефонот и постојано да следиш содржини поврзани со настанот, но тоа само ќе придонесе да чувствуваш уште поголем стрес. Би било добро да се исклучиш од вестите и социјалните мрежи барем неколку часа дневно. Ако гледањето телевизија или во телефонот ти помага да се справиш со стресот, тогаш гледај филмови или канали што не емитуваат вести.

Практикувај здрави навики

Ова е добро време да внимаваш на одржување на дневна рутина која вклучува редовни оброци, здрава храна, физичка активност и редовен сон. Исклучувањето на телевизорот и телефонот навечер ќе ти помогне да го постигнеш тоа.

Дај си оддишка

Во ред е да се „исклучиш“ од трагичен настан. Да направиш нешто со што ќе си дадеш оддишка, како слушање музика, прошетка, дружење, грижа за милениче, релаксирање, цртање, пишување...

Поврзи се со другите

Поминувај време со семејството, пријателите и луѓето во чие присуство се чувствуваш добро и релаксирано. Немој да се оддалечуваш од блиските. Може да ти годи да волонтираш или да правиш некои други општествено корисни активности. Поврзаноста со другите луѓе прави да се чувствуваме подобро. Ако се грижиш како некој другар или другарка се справува со овој настан, пристапи им или консултирај се со некој возрасен на кој му веруваш.

Ако во трагичниот настан изгуби драга личност

Запомни дека тагувањето е долг процес. Дај си време да почувствуваш тешки чувства и да се опоравиш. За некои е полесно да останат дома и да тагуваат во најтесниот круг, за други е подобро да се вратат на вообичаените активности. За справување со шок и траума е потребно време, а со текот на времето ќе има многу промени во начинот на кој се чувствуваш и се однесуваш, вклучително и чувството на вина поради тоа што преживеа трагедија во која беа повредени други луѓе.

Побарај помош

Ако сакаш да разговараш со некој, обрати се кај родителите, наставниците, твојот матичен лекар или кај психолог за помош. Повеќето од овие реакции и чувства се привремени и ќе се намалат или исчезнат со текот на времето, но доколку не исчезнат, не двоуми се да побараш дополнително советување и помош.

Што не помага

  • Употреба на алкохол или други психоактивни супстанции
  • Повлекување или прекин на комуникацијата со семејството и пријателите
  • Повлекување од активности за кои имаш интерес и во кои уживаш
  • Премногу обврски и фокусирање само на учење или работа
  • Конфликти и насилничко однесување
  • Постојано избегнување да се размислува и/или зборува за трагичниот настан

………….........................................................................................................................................................................

Овој текст е прилагоден од ресурси развиени од УНИЦЕФ Србија заедно со Министерството за образование и Министерството за здравство на Република Србија.