Како играта го јакне менталното здравје на вашето дете
Моментите на игра се неопходни за емотивната благосостојба на вашето малечко.
Играта претставува начин на кој малите деца учат и го осознаваат светот околу себе. Додека се забавуваат, тие работат на клучните елементи од својот развој како што е градење моторни, когнитивни, социјални и емоционални вештини. Но, моќта на играта се протега многу подалеку од раното учење: таа, исто така, има клучна улога во изградбата на менталното здравје на вашето дете – но, и на вашето ментално здравје! Дознајте зошто времето одвоено за игра носи забава, но и здравје.
Децата кои редовно си играат со родителите имаат помали шанси да развијат анксиозност, депресија, агресија и проблеми со сонот.
Играта ја зацврстува врската меѓу вас и вашето дете
Споделувањето радосни моменти на забава и учење ги зближува децата и нивните родители/старатели. Како прв другар за игра на вашето малечко, вие обезбедувате можности за учење и поврзување токму во домот. Кога играте заедно, го гледате светот од перспективата на вашето дете.
Давајќи му љубов, безбедност и внимание на своето дете, вие ги поставувате темелите за развивање емоционални и социјални вештини со кои се поддржува развојот на неговото ментално здравје и идната благосостојба.
Играта го намалува стресот
Играњето игри, танцувањето и пеењето се одлични начини за ослободување од стресот како за вашето дете, така и за вас. Кога уживате во забавните моменти и се смеете заедно, вашето тело ослободува ендорфин, хормон што дава чувство на благосостојба.
Дури и кратки периоди на заедничка игра може да послужат како моќен потсетник за возрасните да го поддржат своето дете и ви даваат можност малку да заборавите на работата или на другите обврски.
Истражувањата покажуваат дека одвојувањето време за игра ги штити децата дури и од негативните ефекти на продолжена изложеност на стрес. Долгите периоди на стресни ситуации може да влијаат врз физичкото и менталното здравје на детето. Играта и позитивните односи на поддршка со возрасните ги ублажуваат овие ефекти.
Играта им помага на децата да обработат тешки емоции
Кога децата се соочуваат со сложени емотивни прашања, тоа често се појавува во нивната игра. Давањето простор за игра им овозможува да ги обработат чувствата како што се болка, страв или загуба, при што сепак можат да останат деца. Преку играта ги изразуваат работите што ги мачат, а за кои сè уште немаат зборови целосно да ги објаснат. Постојано симулирајќи ги болните настани преку замислена игра, малечките се обидуваат да го разберат влијанието на она што се случило. На пример, ако вашето дете видело како двајца возрасни се караат, може да го повтори овој конфликт со своите кукли.
Преку играта се гради самодоверба
Решавањето проблеми и изнаоѓањето креативни решенија за време на игра или при составување сложувалка, им дава на децата чувство на успешност и компетентност. Кога одвојувате време за игра со своето дете, вашето малечко учи дека е ценето и дека е забавно да се биде во негова близина. Важно е да му посветите полно внимание при играњето и да се внесете во играта што ја играте заедно. Споделувањето на заедничкото искуство на вашето дете му дава до знаење дека е сакано и важно – затоа насмевнувајте се, вклучете се и уживајте во секој момент!
Овој напис е изработен со поддршка од нашите пријатели во Фондацијата ЛЕГО.