Како да го подготвите вашето дете за добро ментално здравје во животот: 0–5 години
Поставете ги основите на раст и учење во овој период.
Од првата насмевка и чекор до доживувањето низа различни чувства, вашето дете поминува низ многу важни одредници во детството. Тоа е период на раст и учење и e идеално време да почнете да ја поддржувате менталната добросостојба на вашето дете.
Поставување на основите за среќен и здрав живот
Вашето дете од вас очекува да добие љубов, да учи и да се чувствува безбедно. Обидете се да поминете повеќе квалитетно време заедно. Негувањето на односи исполнети со топлина и нежност, помагајќи му на вашето дете да се чувствува безбедно и згрижено, претставува важен фактор за поставување на основите за живот со добро ментално здравје.
Бебиња
Кога поминувате квалитетно време со вашето дете, тоа е добро и за него и за вас. Така се ослободуваат природните хормони што помагаат да се поврзете со вашето бебе и да ја подобрите и вашата и неговата добросостојба!
- Играјте си и гушкајте се со бебето.
- Зборувајте и пејте му на бебето.
- Реагирајте на неговите звуци за да почне да го разбира јазикот и комуникацијата.
Мали деца
Кога вашето мало дете ќе почне повеќе да се движи наоколу, ќе се зголеми и неговата желба да истражува. Љубопитноста треба да се негува и охрабрува.
- Читајте му на вашето дете (секој ден, доколку можете).
- Играјте игри во кои детето е љубопитно и учи.
- Побарајте од детето да ги именува нештата – почнете со неговото/нејзиното име и предметите околу него/неа, и задржете се на едноставни работи.
- Заедно истражувајте ја околината надвор од домот.
Деца на предучилишна возраст
Како што детето ќе ја развива независноста и љубопитноста, ќе сака и да го истражува надворешниот свет и да дознава за работите околу него. Интеракцијата со луѓето ќе му помогне да развива свој начин на размислување и да го разбере светот околу себе.
- Поттикнете социјална интеракција преку игри со други деца.
- Охрабрете го да ви помага во едноставни домашни работи соодветно на возраста. Водете го низ чекорите за решавање на едноставни проблеми.
- Поставете граници и реални очекувања. Кога ќе кажете „Не“, понудете му алтернативи на тоа што сметате дека е подобро да го направи.
- Понудете му на детето неколку јасни опции од кои ќе може самото да направи избор или да донесе одлука за што да јаде, облече или да си игра.
На што треба да внимавате
Малите деца учат како да се изразат себеси и да се справат со своите емоции. Тоа понекогаш може да предизвика лутина или стрес кога нема да можат да ги искажат своите потреби. Кога децата се под стрес или се обземени со емоции, тие имаат потреба од возрасно лице кое со љубов ќе ги утеши и ќе им помогне да се справат со чувствата.
Избегнувајте...
- Каква било форма на насилство, вклучително и врескање и удирање. Кога детето живее во негативна средина, тоа може да предизвика „токсичен стрес” што е штетно за растот и развојот на детето, како и долготрајни проблеми во подоцнежниот живот.
- Чести караници помеѓу родителите и луѓето кои се околу детето. Кога има тензија во средината, тоа може да биде стресно за децата – тие може да се почувствуваат запоставено, немоќно и ранливо.
- Каква било форма на запоставување. На децата им е потребна доследност во покажување внимание, љубов и грижа за нивниот здрав раст и развој.
Запомнете: Водете грижа и за себеси
Без разлика дали сте родител на бебе или помало дете, во различни моменти ќе доживувате низа емоции, како радост, фрустрираност, замор и нервоза. Секојпат кога ќе ве совладаат емоциите, одвојте време да се справите со сопствениот стрес.
- Обезбедете добра социјална поддршка околу себе. Обидете се да одвоите време за да бидете сами и да имате малку простор и за себе.
- Запомнете дека треба да си обезбедите доволно сон, здрава храна и физичка активност.
Секој што станал родител доживува одредена форма на стрес и затоа не плашете се да побарате поддршка и да одвоите време за сопствените потреби.