Четири начини да го поддржите менталното здравје на вашите тинејџери
Пружете им љубов и грижа, истовремено грижејќи се и за себе.
Без разлика дали односот со вашите деца е близок и исполнет со разбирање или пак се соочувате со предизвици, важно е да им покажете дека ги сакате и ги поддржувате, дека може да им помогнете да ги пребродат тешките времиња и дека секогаш ќе им се најдете.
Еве четири работи што треба да ги имате предвид кога разговарате со тинејџерите за тоа како се чувствуваат, што ќе им покажат дека секогаш може да сметаат на вас.
1. Охрабрете ги да ги споделат чувствата
- Најдете начин да си помуабетите. Прашајте ги како им поминал денот и што правеле. Може да ги поканите да ви се придружат во некоја задача како што е подготвување вечера и да го искористите времето за да си поразговарате како го поминале денот.
- Потсетете ги дека сте тука за нив, без оглед на сѐ, и дека сакате да слушнете како се чувствуваат и што мислат. Неколку едноставни зборови на охрабрување може да им помогнат да се опуштат доволно за да ги споделат своите чувства со вас.
- Важно е да ги уважите и да ги разберете емоциите што ги доживуваат, дури и ако се чувствувате непријатно поради тоа. Кога ќе ви се отворат, може да одговорите со „разбирам“, „звучи како тешка ситуација“ или „разбирливо е што се чувствуваш така“.
- Исто така, не се фокусирајте само на однесувањата што сакате да ги промените. Потрудете се да ги забележите и пофалите работите што ги прават добро – дури и едноставни постапки, како тоа што е средување на собата. Ваквите пофалби ја зајакнуваат самодовербата и го поттикнуваат позитивното однесување.
2. Одвојте време да ги поддржите
- Работете заедно за да воспоставите нови рутини и остварливи дневни цели. На пример, можете да се договорите домашните обврски да ги завршуваат по училишните задачи или домашната работа да ја завршуваат пред вечера.
- Адолесценцијата значи независност! Обидете се да им оставите соодветно време и простор да бидат сами. Потребата за простор е нормален дел од растењето.
- Пронајдете начини на кои може да ги поддржите и охрабрите вашите тинејџери да се одморат од училишни и домашни обврски, но и од други активности на кои можеби работат, за да прават нешта во кои уживаат.
- Доколку се чувствуваат фрустрирани поради нешто, заедно со нив смислете можни решенија на проблемот. Обидете се да не преземате контрола и да не им кажувате што да прават.
3. Заедно справувајте се со конфликтите
- Слушајте ги и нивните ставови и обидете се смирено да го решите конфликтот. Запомнете: секој може да се изнервира!
- Никогаш не разговарајте за некое прашање додека сте лути. Тргнете се од кавгата, вдишете длабоко и смирете се – за тоа може да разговарате и подоцна.
- Избегнувајте да влегувате во битки за тоа „кој е во право“ или „кој ќе победи“. Во тинејџерските години младите природно имаат потреба од поголема самостојност и чувство дека имаат контрола врз сопствениот живот. Наместо да се спротивставувате на таа потреба, покажете разбирање и разговарајте за начини на кои тие можат да носат одговорни одлуки.
- Бидете искрени и транспарентни со нив: може да им дадете до знаење дека и вие минувате низ зголемен стрес. Ако им покажете како се справувате со своите тешки чувства, ова ќе им помогне да сфатат дека е во ред и тие да се чувствуваат така.
- Кога ќе настане некаков конфликт, одвојте малку време за да размислите како вие и вашите тинејџери би можеле да го решите. Може да ги споделите овие размислувања со нив за да им дадете увид во вашиот мисловен процес.
4. Грижете се за себе
- Да се биде родител или старател не е лесно. И вам ви е потребна грижа и поддршка. Грижата за себе е друг добар начин да им дадете пример за ваквата практика на вашите тинејџери.
- Не двоумете се да побарате помош од некого ако се чувствувате преоптоварено. Тоа е сосема нормално. Одберете некој член на семејството или некој друг со кого би можеле да поразговарате.
- Одвојте време за своите односи. Обидете се да си најдете неколку луѓе со кои ќе може да ги споделувате чувствата и искуствата. Секој ден поминувајте извесно време со нив за да си поразговарате како се чувствувате.
- Најдете време во денот за да правите работи што ви помагаат да се справите со стресот и да го држите под контрола. Без разлика дали денот ви е напорен или бавен, познато е дека одвојувањето време за себе е од суштинско значење за вашата благосостојба. Ако правите работи што ви се допаѓаат или едноставно одвојувате неколку минути од денот за себе, ова може да ви помогне да се опуштите и да ги наполните батериите.
- Испробајте неколку различни позитивни стратегии за справување со стресот кои ви одговараат. Еве неколку идеи: вежбајте, разговајте со пријателите, направете список со обврски или планирајте однапред, одржувајте некаква рутина и структура, размислувајте за нештата поради кои сте благодарни или горди и правете работи во кои уживате како музика, уметност, танцување и водење дневник.
Пораките во овој водич се изработени од страна на Интер-агенцискиот постојан комитет и Референтната група за ментално здравје и психосоцијална поддршка.