Менталното здравје на тинејџерите и социјалните мрежи

Ги прашавме стручњаците за ментално здравје каков пристап заземаат кон социјалните медиуми во своите семејства.

Two teen girls and a boy looking at a phone
UNICEF North Macedonia/Georgiev/2025

Ако имате тинејџер кој е како „залепен“ за екранот по цел ден, не сте сами. Социјалните мрежи се голем дел од секојдневниот живот за многу тинејџери. Иако има доста придобивки од тоа да се биде онлајн и поврзан, многу родители се мачат да излезат накрај со некои од ризиците и загрижени се како тоа може да влијае врз благосостојбата на нивните деца. 

Разговаравме со тројца психолози за тоа каков пристап заземаат кон користењето социјални мрежи во своите семејства. Ендрју Гринфилд, Лиса Дамур и Пам Тудин-Бухалтер споделуваат што функционира добро кај нив и даваат практични совети за другите родители. 

Like notifications

1. Што најмногу ве загрижува кога вашиот тинејџер користи социјални мрежи? 

ПАМ: Мислам дека најмногу ме „секира“ тоа што моите деца веруваат оти се имуни на дигитална „расеаност“ – оти некако може и да учат, и да одговараат на пораки од другарите и да гледаат филм, и сѐ тоа додека треба да напишат добар состав за Наполеон. Бескрајните ѕвонења и зуења што одат заедно со тоа ме излудуваат, па знам дека ова влијае и врз нив!

Исто така, загрижена сум поради тоа што мислат дека се имуни на опасностите и дека некако токму тие ќе го надмудрат предаторот што демне на чет-форумите или дека нема да наседнат на онлајн-измама. Како родител којшто е и во улога на психолог, знам дека никој не е имун на долгата листа онлајн-предизвици што може да ги погодат нашите „скринејџери“ од нигде никаде.

ЛИСА: Загрижена сум околу користењето на социјалните медиуми кога тоа ги заменува активностите што се неопходни за здрав развој: доволно сон, физичка активност, извршување на училишните задачи со фокус и внимание, минување време лично со другарите и помагање дома или во заедницата. Исто така, ме загрижува кога тинејџерите се вмешуваат во конфликт со врсниците што се одвива онлајн, т.е. како жртви или извршители на интернет-насилство.

ЕНДРЈУ: Очигледно, трошењето премногу време на социјалните медиуми е нешто што загрижува. Друго што ме вознемирува е верувањето во сè што ќе се чуе и види на мрежите, од начинот кој се прикажуваат некои настани, до реклами или ставови искажани од непотврдени извори. 

Phone receiving notifications

2. Какви придобивки од социјалните мрежи имате видено? 

ЕНДРЈУ: Веројатно главната придобивка што ја гледам е поврзаноста. Поврзани сме многу повеќе со луѓето – со семејството, пријателите, со луѓето во други држави и во странство. Тоа е огромно нешто, бидејќи ова се луѓе со кои инаку воопшто не би се поврзале.

Изложеноста на многу други информации е уште една позитивна страна, иако може да биде и негативна. Она што треба да ги подучиме децата е дека супер е да се биде информиран, но мора да умееме да го исфилтрираме она што е соодветно, она што не е соодветно, она што е точно и она што не е. Тоа покренува дебата и поттикнува размислување за идеи, а нашата улога како родители е да ги упатиме децата и да разговараме за различните гледишта.

Teens connecting through phones

ПАМ: И покрај сета моја загриженост, навистина имам видено неверојатни придобивки од социјалните медиуми! Неодамна, син ми се приклучи на онлајн-група која ги учеше англиски украинските бегалци – никогаш не ќе можеше да го направи тоа без социјалните мрежи. Гледам деца кои социјално тешко се вклопуваат, но наоѓаат истомисленици онлајн коишто не би можеле да ги најдат во училишниот двор. Патуваат со километри за да се запознаат со нив и завршуваат создавајќи круг на пријатели! Исто така, ми се допаѓа како нашите тинејџери ги користат социјалните платформи за да се изразат за важните социо-политички прашања околу себе.

„Знам дека социјалните медиуми се спас за младите кои се мачат да воспостават врски со врсниците во локалната заедница“   
Лиса Дамур 


3. Како разговарате за користењето социјални медиуми и за проблемите со менталното здравје со вашиот тинејџер? 

ЛИСА: Разговарам со моите тинејџери за тоа како всушност, социјалните мрежи да им го подобрат животот, а не да им го влошат. Ги поттикнувам да размислат зошто се вртат кон социјалните медиуми, кога го прават тоа и како се чувствуваат додека ги користат. Исто така, разговарам со нив за големата поврзаност меѓу сонот и менталното здравје, па според тоа, и за суштинската важност на тоа социјалните мрежи да не го попречуваат добриот ноќен сон.

ЕНДРЈУ: Имаше моменти кога моите деца биле сведоци на насилничко однесување преку интернет и разговарав со нив за тоа што прават. Дали само седат настрана? Дали коментираат, дали не коментираат? Дали велат: „Еј дечки, доста е, не е во ред на оваа платформа или каде и да е“? Дали мислат дека е добро да се пријави? Ако е така, до кого? Знам што би направил јас, но ме интересира што би направиле моите деца. Важно е да се помогне и ги охрабрувам да размислат за овие прашања и да спречат работите да излезат од контрола.

ПАМ: Мислам дека нашите деца ја примаат пораката кога им доаѓа ненаметливо, повеќепати, на различни и интересни начини. Кај нас дома, секогаш успева кога ќе ги прашам што мислат дека се потенцијалните проблеми со менталното здравје и кога навистина ќе ги оставам да изразат сопствен став за разни прашања околу социјалните мрежи. Кога си муабетиме на маса, кога ги прашуваме што забележуваат кај другарите и кај нас како родители, а потоа и кога ги прашуваме за нив, им даваме простор навистина да размислат за прашањата, наместо постојано да се докажуваат со нас. 

Two girls on their phones.
UNICEF North Macedonia/2025

4. Како пристапувате кон користењето социјални мрежи во вашето семејство?   

ЕНДРЈУ: Се трудам да го ограничам кога можам. Всушност, се обидувам да ги натерам поголемите деца сами да си го ограничат времето што го минуваат на уредите, наместо само јас да инсистирам, зашто мојот 16-годишник не слуша баш многу. Како родител, може да ограничите и да спречите многу работи, но сакам да можам и да им верувам. И мислам дека тоа е суштината, да покажам доверба. Но, очигледно, кога саморегулацијата е тешка, тогаш морам да се вмешам и да помогнам.

ЛИСА: Никогаш не дозволуваме технологија на трпезариската маса или во нечија спална соба. Овие едноставни правила – посебно она за држење на технологијата надвор од спалните соби – ни помогнаа. Се чини дека тоа што ограничивме употреба на технологијата само во јавен простор го ограничи вкупното време поминато онлајн кај нашите тинејџери. А правилото сите уреди да се полнат ноќе во кујната многу му помогна на нашето семејство добро да спие.

ПАМ: Од првиот ден им ставивме до знаење дека телефонот ни припаѓа нам – даден им е на заем. Се договоривме за основните работи – без телефони во спалната соба по 19 часот, дури и ако е за домашна задача. Повеќето лоши работи се случуваат ноќе, па јасно посочивме дека нема телефони во спалните соби по тоа време. На почетокот, на нашите деца им беа дозволени само по две апликации, така што никогаш немаше повеќе од, на пример, Снепчет и Инстаграм одеднаш – ако сакаа ТикТок, мораа да заменат една апликација. Сè уште мора да прашаат ако сакаат да преземат нова апликација и мора да објаснат зошто ја сакаат. „Сите мои другари ја имаат“ не проаѓа во нашиот дом и тие го знаат тоа. Податоците се заслужуваат. 

Dad and son talking

5. Што функционираше добро за вашето семејство? 

ЛИСА: Како родители, ни успеа да се држиме до истите правила што ги поставивме за нашите тинејџери. Кога тие побараа телефоните да им стојат в соба, им кажавме: „Чувањето технологија во спалната соба – дури и преку ден – го нарушува квалитетот на сонот што го добивате во таа соба. Ја држиме технологијата подалеку од спалната за да си го заштитиме сонот, а со тоа и физичкото и менталното здравје. Ако ние технологијата ја чуваме надвор од нашата соба, а ве оставиме вас да ја држите во вашата би било исто како ние да си ги врземе појасите в кола, без да побараме вие да ги врзете вашите.“

ПАМ: Кај нас дома, времето минато пред екран никогаш не значело „колку“ –  тоа всушност се мери според начинот на кој си ги тераат сите важни работи во животот – вежбање, поврзување со другарите во реално време, домашни задачи, куќни обврски. Кога тоа е во ред, мило ни е да бидат на своите уреди за малку да се опуштат, а ако некој „претера“, го опоменуваме и му даваме една недела да се поправи. Ако не му успее, едноставно велиме дека ќе му го задржиме телефонот додека не се врати во рамнотежа. Не дека ова многу им се допаѓа, но сфаќаат. Така сме поштедени од борба за надмоќ и кавги со многу врескање.

ЕНДРЈУ: Сите знаеме дека и родителите се на уредите, но важно е да се даде пример за добро однесување. Се разбира, родителите онлајн прават многу поразлични работи од децата, како што се организирање превоз или плаќање сметки, па важно е децата барем да бидат свесни за тоа. Но, ако не можеме да го тргнеме уредот и да прочитаме книга или да разговараме, како да очекуваме нашите деца да го сторат тоа? Трудете се што повеќе да комуницирате со децата. Дури и ако се работи само за 15 минути дневно. Не мора да биде долго, поважен е квалитетот отколку квантитетот. 15 минути минати секој ден со детето обрнувајќи му целосно внимание е хипер значајно за тоа дете, бидејќи му покажува дека ви е гајле за него. Секако има доволно стрес во животот со сè друго, па треба да одвоиме вакво време дури и за постарите. 

„Ако не можеме да го тргнеме уредот и да прочитаме книга или да разговараме, како да очекуваме нашите деца да го сторат тоа?“  
Ендрју Гринфилд 


6. Што би направиле поинаку? 

ЛИСА: Камо да разговарав порано со нашиот постар тинејџер за алгоритмите што го контролираат она што се појавува во каналите (фидовите) на социјалните мрежи. Тинејџерите треба да сфатат дека сè што прават кога се онлајн – што гледаат, што им се допаѓа, што коментираат, што прелистуваат – се вчитува во моќна база на податоци којашто одредува што ќе видат следно. Алгоритмите се дизајнирани да ги полнат фидовите на социјалните медиуми со објави кои многу тешко се игнорираат, без оглед дали тие објави се добри за тинејџерите или не.

ПАМ: Мислам дека подолго ќе одложував да им дадам уред! 

social media and teen mental health phone
UNICEF North Macedonia/2025

7. Какви совети им давате на родителите на тинејџери кои сè уште не се на социјалните мрежи? 

ЕНДРЈУ: Зависи од самата платформа, но најважното нешто што им го кажувам на родителите на деца кои сè уште не се на социјалните мрежи е да бидат свесни дека сè што ќе објават или ќе стават на интернет им е достапно на сите. Да, може да имате разни безбедносни поставки, но луѓето можат да пристапат до овие работи. Само бидете навистина свесни за тоа, и очигледно, ова важи за секое дете, без оглед дали било на платформата или не – луѓето навистина го потценуваат фактот дека тие слики се достапни. 

Phone transmitting information

ЛИСА: Мислам дека најдобро е да се одложи давањето на тинејџерите пристап до социјалните мрежи сè додека не се во состојба да одржуваат пријателства без нив. Младите тинејџери често држат чекор со своите врсници и прават социјални планови само преку испраќање пораки. Возрасните кои сакаат да им дадат на своите тинејџери паметен телефон може да започнат така што ќе им обезбедат телефон без прелистувач, т.е. без апликации за социјални мрежи. Потоа, апликациите и прелистувачот може да се додадат по потреба, но само ако тинејџерот покажал добро расудување при пишувањето пораки. До 14-годишна возраст, мозокот на тинејџерите обично развил силен капацитет за скептицизам. Колку тинејџерите се поскептични кон социјалните медиуми, толку подобро.

ПАМ: Планирајте да понудите „меко приземјување“ при ненадеен пад – наместо веднаш да го забраните или да го одземете уредот, сослушајте ги децата. Така ќе бидеме сигурни дека прво ќе дојдат кај нас кога работите ќе тргнат наопаку. Не велам дека ќе нема последици, тие може да дојдат подоцна. Но, прво бидете родителот што ќе каже: „Ти го чувам грбот, каква поддршка ти треба?“. Ако веднаш прибегнеме кон хистерии, бес и казнување, нашите тинејџери ќе ги прикријат своите онлајн-грешки. А тогаш работите може навистина да тргнат на лошо! 

„Чекајте што подолго, зашто штом се качите на автобусот на социјалните медиуми, тој бргу се претвора во залетан воз!“  
Пам Тудин-Бухалтер 


8. Што им порачувате на родителите кои се мачат да ги натераат своите тинејџери да се исклучат од социјалните мрежи? 

ЕНДРЈУ: Многу деца денес креваат раце и велат: „Па, ако не сум на екран, тогаш што да правам?“ Тие се толку навикнати автоматски да одат на некој уред. Затоа, наместо само да им велат „тргни се“ или „престани“, мислам дека е важно родителите да комуницираат со нив и да ги научат што може да прават кога не се на уред. Дајте им неколку идеи, играјте игри со нив и излезете надвор ако е погодно време од денот.

ЛИСА: За да им помогнеме на тинејџерите да минуваат помалку време онлајн, треба да признаеме дека тие често се вртат кон социјалните мрежи кога им треба нешто што ќе им го окупира вниманието – а тоа не е секогаш лошо. Всушност, многу возрасни – вклучувајќи ме и мене – го користиме интернетот кога ни е здодевно или кога сме фрустрирани, бидејќи брзото „скролање“ може да понуди потребно емоционално ресетирање. Еве што им велам на моите тинејџери: „Користењето социјални мрежи за одвлекување на вниманието не е нужно проблем – но мора да ја контролирате дозата на тоа одвлекување. Проведете доволно време на социјалните мрежи за да добиете поттик или пауза што ви се потребни. Немојте да ги користите толку многу што ќе ви се создадат нови проблеми, како што е заостанување со училишните обврски.“

ПАМ: Да им се каже на тинејџерите да се тргнат од уредите не функционира – понекогаш и мене ми е тешко да се тргнам од добра серија! Мораме да создадеме средина што им дава на нашите тинејџери нешто што е подобро од екран, а тоа нешто е реална поврзаност без осуда и здрави можности за ризик. Тинејџерскиот мозок има потреба од ризик за да се развие, па кога ќе побараат да скокаат банџи, кажете да!! Направете го тоа со нив. Дозволете им да најдат ризик и наплив на допамин на други места, за да не се свртат кон ризично однесување на интернет. 



За експертите

Ендрју Гринфилд е консултант за детска и образовна психологија од Сиднеј, Австралија. Тој работи и како консултант за училишта и е специјализиран коментатор во медиумите. Тој е татко на три деца.

Лиза Дамур е психолог, авторка на бестселери, соработничка на „Њујорк тајмс“ и мајка на две ќерки тинејџерки.

Пам Тудин-Бухалтер е ко-основач на KLIKD, компанија за едукативни технологии за тинејџери во Јужна Африка. Таа е исто така клинички психолог, форензички психолог, меѓународен говорник, автор и колумнист. Таа е мајка на двајца тинејџери.