10 начини да создадете здрави дигитални навики дома
Совети од експерти за тоа како да го подобрите односот на вашето семејство со технологијата – и едни со други.
Воспитувањето деца во дигиталната ера не е лесно. Вистински предизвик е да останеме во чекор со темпото на новите технологии и да ги балансираме ризиците и можностите што доаѓаат со нив. Разговаравме со експертот за дигитално родителство, д-р Жаклин Неси и ги споделуваме нејзините совети за поттикнување здрав однос со технологијата како семејство.
Рано и често комуницирајте за улогата на технологијата во животот на вашето семејство
1. Поставувајте му прашања на вашето дете за неговите уреди на ист начин како и за секоја друга активност со која се занимава. Откријте што му се допаѓа , што не му се допаѓа , колку често ги користи и што функционира.
2. Разговарајте за ризиците од употребата на технологијата. Разговарајте со вашите деца искрено за грижите што ги имате, на пример, за тоа дека уредите попречуваат други активности во денот, за содржината што може да ја видат или за работите што можеби ги прават на интернет.
Важно е на нашите деца експлицитно (и често!) да им кажеме дека сакаме да ни се обратат доколку наидат на тешкотии на интернет. Обидете се да кажете нешто како „Може да биде навистина тешко да се справите со некои ситуации што може да се појават онлајн или пак да наидете на работи што се збунувачки или вознемирувачки. Сакам да ми кажете кога ќе наидете на овие работи за да можеме заедно да се договориме како да се справиме со нив“.
Исто така, треба да внимаваме како реагираме кога нашите деца ќе дојдат кај нас со какви било проблеми. Како родител, може да биде изненадувачки, па дури и страшно кога нашите деца споделуваат нешто што го сретнале на интернет. Веројатно во прв момент ќе сакате веднаш да им го одземете уредот и да им кажете што згрешиле. Но, добар првичен одговор во оваа ситуација е да се каже: „Ти благодарам многу што сподели со мене“. На овој начин поверојатно е дека нашето дете ќе дојде кај нас следниот пат кога ќе наиде на предизвици на интернет.
3. Внимавајте на други проблеми. Важно е да не се обвинува технологијата за секоја ситуација. Понекогаш се случуваат други работи кои се манифестираат во начинот на кој децата ги користат своите уреди. На пример, ако имате тинејџер кој поминува прекумерно време на социјалните медиуми и постојано следи што има ново, можеби ќе сакате да започнете разговор за вистинскиот проблем. Mоже да биде поврзано со нивните грижи за тоа што другите луѓе мислат за нив, или можеби не се чувствуваат сигурни на училиште или со своите врсници.
Поставете граници кои имаат смисла за вашето семејство
4. Направете правила „да“ и „не“. Правилата „на“ се работи што вашето дете треба да ги прави. Како сакате да дејствуваат онлајн? Што значи да се биде добар дигитален граѓанин? Како изгледа „здрава“ употреба на технологија во вашето семејство? Правилата „не“, од друга страна, се работи што не сакате да ги прават (како сајбер врсничко насилство) или работи што не треба да ги прават од безбедносни причини на интернет (како давање лични податоци).
Разговарајте со вашите деца за фактот дека грешки ќе се случат и дека е во ред што тие сè уште учат и практикуваат добро дигитално граѓанство. За некои семејства, може да биде корисно да му дадете до знаење на вашето дете дека нема да биде „во неволја“ ако дојде кај вас со какви било предизвици што ги има и е искрено со вас.
5. Создадете време и простор без технологија. Границата што можете да ја создадете како семејство е да имате периоди од денот или простор во кој не се користи технологија. Доколку се одлучите да поминете неколку часови во денот без технологија, може да одредите место каде што сите членови на семејството ќе ги остават своите уреди во тој период. Друга корисна практика е да се осигурате дека уредите се надвор од спалната соба во одредени периоди од ноќта. Спиењето е многу важно, а уредите можат да го попречат квалитетниот сон.
6. Воспоставете очекувања околу содржината. Важно е да бидете сигурни дека содржината до која пристапуваат вашите деца е соодветна за нивните возраст и развој. Помалите деца и тинејџерите може да побараат дозвола од вас пред да преземат нови апликации или да се приклучат на некоја нова платформа. Може да размислите и за користење родителски контроли што ви се достапни [како што се ограничувања на времето поминато на екранот, купување преку апликација, филтрирање содржини итн.].
Бидете свесни за употребата на уредите од страна на вашите деца
7. Истражувајте ја технологијата заедно. Ова едноставно значи гледање или користење технологија заедно со вашите деца. Може да вклучува гледање некое шоу или серија заедно и разговор со нив за тоа. За поголемо дете, нека ви покажат што прават на интернет - што ги интересира, какви апликации сакаат да користат итн.
8. Знајте кога да направите чекор назад. Во некои случаи, можеби ќе биде потребно да следите што прават вашите деца на нивните уреди и важно е да им кажете дека тоа ќе го правите однапред. Ова е особено важно за помалите деца или оние кои штотуку почнуваат со нов уред (како телефон) за прв пат. Како што децата растат и имаат повеќе искуство со нивните уреди, можете да им дадете поголема независност соодветна на возраста и фазата. Сепак, секогаш е важно да се биде генерално свесен за она што го прават на интернет.
Вие сте модел за здрави навики за вашите деца
9. Бидете тим. Важно е како родители да бидеме свесни за тоа како (и колку често) ги користиме нашите сопствени уреди - и тоа е тешко! Но, здружувањето со децата во воспоставувањето здрави навики и граници е добра можност да излеземе надвор од динамиката „родители наспроти деца“ во која честопати запаѓаме, и наместо тоа да работиме на создавање динамика „ние заедно наспроти предизвиците со технологијата“.
10. Направете го тоа преку игра! Има толку многу начини да се користи технологијата за игра и забава со вашите деца. Може да користите некоја апликација за барање идеи за игри и активности, или пак видеа за истражување хобија и интереси - готвење, спорт, музика или било која тема за којашто вашето дете покажува интерес.
д-р Жаклин Неси е доцент на Катедрата за психијатрија и бихевиористички студии на Универзитетот Браун. Таа спроведува истражување за улогата на социјалните медиуми во менталното здравје и развојот на адолесцентите. Таа е мајка и автор на неделниот билтен Техно Сапиенс и ко-креатор на Техника без стрес , курс за помош на родителите кои воспитуваат деца во дигиталната ера.