Што да проверите за приватноста на интернет како родители

Како да ги заштитите идентитетот и личните податоци на вашите деца на интернет.

Две момчиња седат на кауч и гледаат во нивните телефони
UNICEF Serbia / UN040855

Секој клик, споделување, коментар и објава на интернет создава дигитален запис што некогаш е невозможно да се избрише. Растејќи со дигиталната технологија, децата денес, како никогаш досега, се соочуваат со ризици по својата приватност, идентитет, углед и безбедност. Како родители, треба да ги oспособиме самостојно и одговорно да се движат низ онлајн-светот. Еве неколку основни совети кои ќе ви помогнат да ја заштитите приватноста на вашите деца на интернет:

Листа на проверки што треба да ги направите
Како да постапите со помали деца
За родители на поголеми деца и тинејџери

 

Arrow

Листа на проверки што треба да ги направите

Проверете ги уредите

Проверете дали сите уреди што ги користат вашите деца – смартфони, таблети, компјутери и други паметни уреди (како на пр., играчки, звучници и часовници поврзани на интернет) – се ажурирани и го користат најновиот софтвер. Така ќе се заштитите од безбедносни ризици како што се неовластен пристап, кражба на идентитет и упад во податоците.

Проверете ги поставките за приватност кај секој уред за да ги сведете на минимум податоците што се собираат и споделуваат (на пр., локација и фотографии) и за да го контролирате пристапот до камерите и микрофоните. Покривајте ги веб-камерите секогаш кога не ги користите.

Проверете ги поставките

Прегледајте го делот за поставки на платформите за социјални мрежи, игри и апликации што ги користат вашите деца. Проверете ги поставките за приватност, безбедност и за корисничката сметка за да одредите кој може да ги види нивните информации и да контактира со нив.

Многу од овие платформи и апликации бараат и пристап до вашата камера, микрофон, контакти, фотографии и локација. Прегледајте ги дозволите за секоја од нив и оневозможете ги или ограничете ги оние што изгледаат претерани или несоодветни за возраста и развојот на вашите деца.

Поставете родителски контроли

Многу уреди, платформи, апликации, игри и даватели на онлајн-услуги нудат низа родителски контроли што може да ги користите. Овие алатки ви овозможуваат да ги менувате поставките за приватност, но и други нешта, како на пример, да скриете несоодветна содржина, да го ограничите времето поминато пред екран или да забраните купување на интернет. Дознајте што ви е достапно – пребарајте го името на уредот, платформата или играта, заедно со фразата „родителски контроли“ (анг. „parental controls“) и ќе најдете упатства и совети од експерти за онлајн-безбедност и од други родители.

Побарајте уште насоки од страниците за онлајн-безбедност и од групите за родители. На пример, internetmatters.org има корисен водич за родителските контроли поделен по уред, апликација и сл.

Ставете ја приватноста на вашето семејство на прво место

Прегледајте ги интернет-алатките што се користат во вашето семејство, односно пребарувачите и платформите за мејлови и пораки. Изберете такви што спречуваат следење, блокираат реклами и нудат најголема приватност.

Смислете тешки лозинки за да ги заштитите вашите кориснички сметки. Секогаш кога е можно, користете повеќефакторска автентикација за дополнителна безбедност. Размислете за користење алатка за управување со лозинки и никогаш не споделувајте ги лозинките со други.

Инсталирајте антивирусен софтвер за да ги заштитите своите уреди.

Бидете во тек

Поставките за приватност и сродните функции постојано се развиваат. Ставете си потсетник на секои неколку месеци да се проверуваат ажурирањата и приспособувајте ги поставките за приватност по потреба.

Развивајте ја дигиталната писменост кај своите деца

Поставките за приватност и родителските контроли се важни алатки за заштита на правото на приватност на нашите деца и за нивната безбедност на интернет, но важно е и тие да научат како одговорно и независно да се движат низ онлајн-светот. 

Како да постапите со помали деца

Online privacy - a group of children take a selfie photo together
UNICEF/UN0366611/Margaryan
Започнете рано

Кога вашето дете ќе почне да користи дигитални уреди, најдете начин да му ја доближите идејата за приватноста како негово право и како негова обврска за да биде безбедно на интернет. Користете јазик соодветен за возраста и степенот на развој за да објасните зошто треба да си ги штитиме личните податоци и како она што го правиме на интернет остава траен запис или „дигитален отпечаток“.

Изберете платформи погодни за деца

Најдете соодветни апликации и игри за кои безбедноста и приватноста на децата е приоритет. Посетете ги страниците како Common Sense Media за да прочитате мислења на други луѓе и разговарајте со други родители за да добиете препораки.

Утврдете си семејни правила

Објаснете им на децата дека со некои информации секогаш треба да внимаваат кога споделуваат на интернет: нивното цело име и презиме, роденден, адреса, телефонски број, име на училиште или други лични податоци. Потсетете ги никогаш да не откриваат лозинки, дури ни пред најблиските другарчиња. Внимавајте на сопственото однесување на интернет и бидете позитивен пример.

Насочувајте ја нивната активност на интернет

Заедно испробајте нови апликации, игри и платформи и водете ги во насока на безбеден избор. Кога се работи за нешто ново, од самиот почеток проверете дали поставките се соодветно подесени со цел да се намали собирањето податоци.

Заедно истражете како да смислите силни лозинки и користите различна лозинка за секоја корисничка сметка. Лозинките треба лесно да се помнат, но тешко да се погодуваат (затоа, не смее да содржат лични податоци); треба да бидат подолги од осум знаци; да имаат бројки, букви, големи букви и симболи.

Поттикнете ги на критичко размислување

Објаснете им на своите деца дека исто како и во реалниот живот, не треба да им веруваат на сите што ќе ги сретнат на интернет. Научете ги да бидат претпазливи кога комуницираат со други онлајн и да не кликнуваат ниту да споделуваат сомнителни линкови и мејлови. Кажете им во кои ситуации е во ред да споделат одредени лични податоци, како на пр., домашната адреса. Упатете ги да проверуваат дали сајтовите почнуваат со „https“ и дали имаат симбол за катанец во лентата на прелистувачот.

Подзастанете и подразмислете

Посоветувајте ги своите деца да подзастанат и да подразмислат пред да објават или да споделат нешто на интернет. Потсетете ги дека штом нешто се објави на интернет, речиси е невозможно да се отстрани, и дека објавата може да ја видат и луѓе за кои не била наменета.

За родители на поголеми деца и тинејџери

Група девојчиња се смеат и прават селфи со телефон
UNICEF North Macedonia / Georgiev / 2019
Стимулирајте отворен разговор

Одличен начин да започнете разговор со поголеми деца е да ги замолите да ви ја покажат омилената платформа. Додека ја гледате заедно, прашајте ги дали некогаш биле под притисок да споделат лични информации на интернет или знаат за таков случај? Што би направиле ако имаат проблем на интернет? Заедно истражете ги поставките за приватност и безбедносните алатки на нивните омилени платформи.

Во оваа пригода, може заедно да ја разгледате нашата листа за проверка на поставките за приватност за да им покажете какви сѐ информации се собираат и се споделуваат.

Охрабрете ги секогаш да се обратат кај вас или кај друг возрасен од доверба ако имаат прашања или некаква загриженост, велејќи им дека без оглед на сѐ, нивната безбедност и благосостојба ви се секогаш на прво место.

Разговарајте за дигиталниот отпечаток

Кажете им добро да внимаваат што прават на интернет – и како сѐ што објавуваме може да остане онлајн засекогаш. Разговарајте за ризиците поврзани со споделување фотографии на интернет и како тие фотографии, без нивно знаење, може да ги видат и да ги употребат и други. Потсетете ги дека нашите постапки онлајн може да имаат штетни последици во реалниот живот, па дури и да влијаат врз нашите идни можности за школување и работа.

Нашето право на приватност

Поучете ги за нивното право на приватност, како и за правото да побараат пристап, корекција и бришење на податоците. Може да биде интересно заедно да го примените правото на пристап до податоци и да откриете какви информации за нив чуваодредена социјална мрежа. Ваквите извештаи за „пристап до податоци“ често ги содржат сите податоци извлечени од нашите онлајн-активности, вклучувајќи ги личните интереси, однесувањето и психолошките особини. Ако едноставно пребарате „извештај за пристап до податоци“ (анг. „data access report“) заедно со името на платформата за социјални мрежи, би требало да најдете упатства за поднесување на такво барање.

Почитувајте ја нивната независност

Вклучете ги своите тинејџери во одлуките за нивната онлајн-приватност. Разговарајте за она што ве загрижува и ислушајте ги без да судите. Како што децата стекнуваат поголемо искуство на интернет, така барајте начини да ги оспособите да преземат поголема одговорност соодветна на нивната возраст, но секогаш свесни за своето онлајн-однесување.